Збор за бубашвабите (како да се бориме против груевизмот)

24.11.2015 14:56
Збор за бубашвабите (како да се бориме против груевизмот)

Германската лебарка, или популарно кажано бубашвабата, е најраспространетиот и најомразениот човеков сопатник во урбаната историја на европскиот континент. Својствата на овој гнасен штетник што пренесува зарази и предизвикува рефлексно гадење кај луѓето се - речено со умерени зборови - вчудовидувачки. Бубашвабата се размножува со стрмна геометриска прогресија, па една единствена женка во текот на својот едногодишен живот снесува околу 400 јајца во осум рожби, што во идеални услови до крајот на годината ќе создаде повеќемилионско семејство. Бубашвабите можат да живеат месец дена без храна, да „го задржат здивот“ под вода 45 минути, а смртоносната доза на радијација им е дури 15 пати поголема отколку кај луѓето. Тие се на земјата веќе 350 милиони години, што е најдобар доказ дека се практично неуништливи. Но, бидејќи се докажани пренесувачи на повеќе видови бактерии, паразити и други патогени, човештвото упорно и безмилосно се бори против бубашвабите.

Што е најважниот принцип на оваа борба? Со оглед на тоа дека се работи за инсекти што комуницираат меѓу себе и имаат висока социјална уреденост и популациска подвижност, борбата за нивното уништување мора да е системска, а тоа значи дека мора да се сменат средината и околностите што ним им погодуваат, односно да им се направи негостопримлива човековата околина, да се затруе целиот нивен свет на скриени пукнатини и влажни и топли легла, и да се затнат сите дупки за нивната миграција во човековата виделина. Се разбира, бидејќи ова е невозможно, бубашвабите вечно ќе нè придружуваат на земјата, но барем во нашите домови можеме да го одржуваме нивниот број во размера што нема да ни ги навредува очите и чувствата. Емпириска ориентација за оваа бројка е дека на секоја видена бубашваба, во нејзината близина се наоѓаат помеѓу стотина и илјада што не сте ги виделе. И, треба да се истакне: газењето на бубашвабата што сте ја виделе и „фатиле на дело“, можеби ќе помогне за психолошкото ослободување на вашиот гнев, но е потполно неефикасно во борбата против напаста што ви го окупирала живеалиштето.

Најважната поука од борбата на човекот против бубашвабите може без каква и да е корекција да се примени на борбата против груевизмот во библиската земја. Или во борбата против фашизмот, зашто, да не се залажуваме, груевизмот е само една ендемска форма на затскриен, немилитаристички клептократски фашизам. Затоа, оставките на главните бубашваби што беа заблеснати од запаленото светло на „Вистината за Македонија“, благопријатно ќе делуваат на ранетите психи на многу нивни жртви и противници од опозицијата, но тие оставки, па дури и поединечните затворски казни, освен јавната издишка на олеснување, ќе имаат само спорадичен (иако не безначаен) психолошки ефект. Како и со газењето на видените бубашваби, овие егземпларни казни сами по себе нема да имаат значителен системски ефект во ослободувањето од самата напаст, од инфилтрацијата на груевизмот во сите институции и ќелии на општеството.

Мора да бидеме свесни дека оставката на неколку политички гангстери, па дури и нивното осудување за криминал, не може да има системски ефект во борбата против една општествена болест каква што е груевизмот, исто како што и згмечувањето на една бубашваба не значи многу во споредба со скриените илјадници други што ги окупирале институциите на нашиот дом. Суштината на ова емпириско начело и, конечно, унисоното човечко искуство од вековната борба против злото, е што единствената успешна метода за дезинсекција, денацификација или дегруевизација е да се смени комплетната санитарна, морална и општествено-политичка клима, што на бубашвабите, фашистите и груевистите ќе им ја направи татковината невозможна и негостопримлива за живот.

Историските искуства од процесот на денацификација на германското општество по Втората светска војна се од голема полза за секој нов процес на системска департизација на едно општество чиишто институции се окупирани од партиските војници на криминалната партија на власт. Денацификацијата на Германија беше договорена со Потсдамската декларација од страна на сојузниците победници во војната, како процес во кој сите политички тела и државни органи, особено судските институции, потоа сите институции и организации што се занимаваат со јавна и комунална дејност, ќе се ослободат од функционерите и истакнатите членови на Хитлеровата Националсоцијалистичка работничка партија. Процесот го водеше Сојузничкиот совет за контрола со издавање на таканаречените „Директиви за денацификација“ во кои беа дефинирани четири групи членови на Наци партијата што ќе им подлежат на мерките за денацифијација: тешки злосторници, помали виновници, прекршители и учесници. Како што е општопознато, денацификацијата како процес што непосредно го водеа земјите победнички, беше прекината со отпочнувањето на Студената војна, па од доцните четириесетти процесот беше оставен да се одвива во институциите на повоена Германија.

Без оглед на огромните разлики помеѓу Хитлеровата Германија и темниот вилает на Груевски, структурните сличности ги прават Директивите за денацификација потполно применливи и за библиската земја. И НСДАП и ВМРО-ДПМНЕ ги окупираа сите државни, судски, јавни и културни институции и ги претворија во партиски извршни органи што учествуваат во злосторствата што беа субординирани од партиските врхушки; првите го извршија најголемиот злостор против човештвото во историјата, а вторите го починија најголемото ограбување на македонската нација и го претворија македонскиот државотворен и културен проект во НИШТО. И во Хитлеровата партија и во оваа на Груевски членуваат 10 проценти од вкупното население. И во Потсдамската декларација и во Извештаите за Македонија како најголем и круцијален системски проблем е назначена тоталната партизација на државата, односно стопувањето на партијата на власт со државните институции, што е основното структурно својство на едно нелегално и нехумано тоталитаристичко општество.

Па, зошто тогаш, во библиската Македоња официјално не се зборува за мерките за дегруевизација на општеството – за единствените мерки што можат да го вратат македонското општество од терминалната фаза на самоуништувањето? Одговорот е повеќе од очигледен: груевизмот е сè уште на власт! Тој е морално поразен, зашто е разоткриен како општествено зло што ја инкриминира целата македонска држава и веќе му се гледа крајот зашто првите средства за дегруевизација се веќе договорени, но системски и, конечно, физички, сè уште не му зафалува ниту влакно од главата. Уште пострашно, груевизмот сè уште ги реализира своите криминални проекти непречено и јавно, ги гради своите чудовишни грдотии од „Скопје 2014“, го уништува архитектонското културно наследство на престолнината со разбојничко префасадирање на објекти, го задолжува народот со нелегални јавни долгови и се подготвува со овие злостори да се рекламира на следните избори, како ништо лошо да не се случило!

Јасно ли му е некому дека Груевски и ДПМНЕ се злосторници фатени на дело?! И, уште полошо: тоа се разбојници што – откога се фатени на дело – продолжуваат да го вршат злосторот! Нема ли кој да ја згмечи, за почеток, таа арогантна бубашваба што насред ден се перчи во нашата дневна соба?!

Слики: The Royal Art Lodge
Извор: Слободен печат
 

ОкоБоли главаВицФото