Регионален лезбејски форум „Сестри аутсајдерки“

25.11.2015 11:53
Регионален лезбејски форум „Сестри аутсајдерки“

Од 26 до 29 ноември во Клубот ГЕМ ќе се одржи Регионалниот лезбејски форум „Сестри аутсајдерки“. Форумот овозможува платформа за поврзување на искуствата и практиките од регионот кои повикувајќи се на минатото и во согласност со моменталниот општествен и политички контекст ќе придонесат кон градење заеднички вредности за делување, како и кон градење стратеги и планови за делување на национално, но и на регионално ниво (Македонија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија). Форумот ќе се реализира во текот на 4 дена и ќе се заснова на три столбови кои се испреплетени низ агендата:

а) контекстуализација која вклучува три панели, почнувајќи од историските разлики и линиите на континуитет во лезбејскиот активизам во регионот, преку културниот активизам и уметноста како платформа за лезбејски политики на отпор и критика до последниот панел кој е насочен кон градењето алијанси помеѓу лезбејските движења, критиката на национализмот и класната борба;

б) работиме заедно да поставиме заеднички вредности на делување како основ на Лезбејскиот манифест, а земајќи ги предвид споделените контексти, идеи и визии; и

в) безбедно место за работилници и споделување на искуства кои ќе ги отворат прашањата на каминг аут и лезбејските врски и прашањето за насилството врз жените.

Форумот исто така ќе направи простор за лезбејската култура и уметност преку вклучување на видео предавањето Тешки слики – Предлози за работа со визуелна меморија преку настраност, промоција на збирката Пристоен живот која содржи 23 лезбејски раскази и проекција на филмот Односи: 25 години од лезбејската група Шкуц-ЕлЕл.

Во соработка со други женски и феминистички организации, Форумот исто така вклучува и женски марш против сексуалното насилство врз жените, Ја имаме моќта, ја враќаме ноќта! на што ќе претходи работилница за подготвување на слогани и транспаренти за Маршот. Форумот исто така вклучува и поетски читања и забава.

Регионалниот лезбејски форум го организираат „ЛезФем“ - Хелсиншки комитет за човекови права“, „Тиииит! Инк.“, „Бори се женски“ и Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“.

Деталната програма на форумот можете да ја преземете на линкот подолу.

ПрилогГолемина
Преземи283.64 KB