Ние сепак сме модерна ЛЕВИЦА

25.11.2015 11:21
Ние сепак сме модерна ЛЕВИЦА

На 23 ноември во Окно беше објавена критика на ЛЕВИЦА напишана од „еден работодавач од немајкаде“. Критиката беше сосема разумна. И оправдана, под претпоставка дека ЛЕВИЦА навистина сака да биде онаква партија каква што авторот на текстот сфатил дека ќе сме се стремеле да бидеме. И јас самиот критикувам анахрони левичарски партии, кои повеќе се во согласност со книгите од 19 век отколку со реалноста на 21 век. И би ја критикувал ЛЕВИЦА ако навистина беше таква партија.

Не е проблем и тоа што авторот на текстот извлече заклучоци само од накратко презентираните ставови од моја страна во „Топ Тема“ на Телма. Никој не е должен да нè познава 100% уште од самиот почеток па да знае со апсолутна точност за што се залагаме. Но, еве, кажана беше критиката и се надевам дека редакцијата на „Окно“ ќе најде за сходно да овозможи образложување на ставовите околу кои се развија дилеми.

Да, ЛЕВИЦА отворено застана на страната на работниците, сиромашните и обесправените. И кажа дека ќе се заложи за одбрана и унапредување на нивните права и интереси. Впрочем, имајќи го предвид претходниот активизам на активистите што го сочинуваат Иницијативниот одбор на ЛЕВИЦА, би било чудно да не биде така.

Ама, кои се работниците? Да се каже дека работници се само физичките работници е претпоставка која едноставно не држи и ретко ќе се најде левичар (во Македонија и општо) што би ги свел работниците само на физичките работници. Секој што работи за плата, без разлика дали во јавен или приватен сектор, е работник. Може да нема развиено свест за самиот себе како работник, ама и покрај тоа е работник. И може некој работник во даден момент да биде без работа, но ако се стреми да се вработи, тој во дадениот момент претставува невработен работник („невработено лице“).

Сето ова е апсолвирано во теоријата многу одамна и ЛЕВИЦА не може само врз основа на ваквото разбирање на работништвото да тврди дека е модерна партија. Но, може да го тврди тоа ако во целосната анализа на класната структура на општеството тргнува од фактичката ситуација, а не од книгите од 19 век. Книгите од 19 век, како и книгите од многу други векови, можат да понудат инспирација, наратив, идеи како да се пристапи кон промислување на реалноста, но не и да се сфаќаат како „свети книги“ во кои секој збор е апсолутно точен.

Реалноста денес кажува дека постојат работници кои примаат исклучително високи плати и „газди“ кои живуркаат, а не живеат. Ако под работник го подразбираме секој оној што работи за пари, тогаш, нели, и оној што се наоѓа на раководна функција во просперитетна компанија и кој зема плата од 150.000 денари е работник. Од друга страна, постојат и „газди“, кои биле отпуштени од некоја фабрика во 1990-тите и кои, во борба за егзистенција, „од немајкаде“, со заштедата што макотрпно ја заработиле, отвориле некое дуќанче. Во него тие самите работат, често заедно со своите сопруги/сопрузи и/или децата, обично се убиваат од работа, работат и саботи и недели и – едвај можат за себе да кажат дека не се сиромашни. Ако тргнеме од дефиницијата за „газда“ (или капиталист или работодавач) која него го дефинира како секој оној што поседува средства за производство, тогаш јасно дека овие луѓе се „газди“. Ама, ќе се согласиме, овие се некои баш чудни „газди“. И, да го довршиме парадоксот, денес (и во Македонија и општо) постојат работници кои не знаат колку пари имаат и постојат газди кои, според својот животен стандард, повеќе личат на работници отколку на капиталисти.

Ако е така, а така е, дали тоа значи дека треба да се отфрли класната анализа во целост? Не би рекол. Но, треба да се имаат предвид ограничувањата на класичната класна анализа. Поради ограниченоста на просторот, во оваа прилика нема да навлегувам во ограничувањата на класичната класна анализа и на критериумите како таа да се направи соодветна на денешните прилики. Само ќе го кажам следново. ЛЕВИЦА ниту претендира ниту сака да ги штити правата и интересите на работниците на раководни функции („директори“, „менаџери“). Тие никогаш нема да го сфатат својот „вистински“ класен интерес, кој, фактички, не е ниту ист со нашиот. Наспроти тоа, ЛЕВИЦА претендира и сака да ги штити интересите на оние „газди“, фактички самовработени лица, кои имаат дуќанче од кое крпат живот или, евентуално, обезбедуваат минимум прифатлива егзистенција.

Уште повеќе. ЛЕВИЦА не е ан блок против сите работодавачи. Некои самовработени лица успеале со макотрпна работа да просперираат во бизнисот и дошле во состојба да вработат еден или двајца работници. Во „фирмата“, покрај овие еден или двајца работници, работат сопругот/сопругата на газдата и/или неговите деца. Обично нивото на егзистенција на ваквиот газда е нешто над нивото на пристојна егзистенција, но не и на човек кој не знае колку пари има. Ние немаме ништо против него, само бараме и очекуваме од него да ги почитува работничките права на своите работници. Зашто, има вакви и такви газди на микро и мали претпријатија. Едните знаат како е да црнчиш за леб и кон своите работници се однесуваат сосема коректно, но другите само што се подигнале над пристојното ниво на егзистенција и веќе се гледаат себеси како идни богаташи. И таа своја цел планираат да ја остварат на грбот на своите вработени, изложувајќи ги на експлоатација поголема отколку во (некои) мултинационални компании. Против првите работодавачи, ЛЕВИЦА не е против, сè додека ги почитуваат правата на своите вработени, додека во однос на вторите работодавачи, ЛЕВИЦА и тоа како е против.

Голем проблем на малите фирми и дуќанчиња денес е „арачот“ што го прибираат новите Османлии, кои го украдоа името на ослободителната организација од времето на турско. Ќе пратат тие инспектори со изрична цел да пишат казна за што било, само за да има казна и да се полни буџетот. Џабе што ги намалија даноците, кога ги извлекуваат парите од народот, вклучително и од неблагонадежните газди, преку казни. А овие казни имаат реперкусии и врз работниците во тие фирми. Газдата што и така едвај ја одржувал во живот својата фирма, принуден да плати „арач“, често е принуден да ја намали платата на своите работници или дури и да ги отпушти од работа. Понекогаш единствена опција му е и целосно да ја затвори фирмата. ЛЕВИЦА е свесна за овој проблем и целосно ќе се заложи повеќе да нема „арач“ во Македонија штом ја паднеме (сите заедно) оваа ненародна власт.

За да не испадне мојот одговор предолг, за крај, само накратко околу легитимитетот на ЛЕВИЦА да се бори за работниците. Авторот на текстот вели дека работниците не сакаат да ги застапува Савески. Ако тргнеме по таа логика, никој нема легитимитет да застапува никого. Ниту СДСМ смее да ја застапува средната класа, ниту ДПМНЕ – Македонците. Настрана ваквата логика, ЛЕВИЦА ќе ги застапува работничките интереси, бидејќи и нејзините членови се работници во голем дел и бидејќи нејзините членови и досега делувале во заштита на работничките интереси, преку поддршка на протести на загрозени работници и преку конкретна помош на конкретни работници. Така имаме намера и да продолжиме!

Доста тези во текстот останаа неодговорени, но овде ќе завршам во интерес на должината на текстот. Ако нешто од тоа што остана неодговорено се смета за круцијално важно, стојам на располагање јавно да го одговорам. А и го канам авторот на текстот на разговор, како двајца левичари. Отворени сме за критики, за различни видувања и за конструктивни предлози.

Другарски,
Здравко Савески
Член на Иницијативниот одбор на ЛЕВИЦА