Леонид Шејка - Соба со мапа на вулканска зона

26.11.2015 06:19
Леонид Шејка - Соба со мапа на вулканска зона

Денот беше студен, весниците јавија дека се очекува да заврне снег. Веќе два месеци бев во Скопје и непрекинато секој ден, ни сам не знам како, ќе се најдев доцна попладне на меѓуградската автобуска станица под Калето, испраќајќи го со поглед последниот автобус кој си заминуваше за Струга, двоумејќи се дали да се качам и да си заминам или да останам во овој град кој што не беше мој град. Веќе беше стемнето и јас со брз чекор си заминував преку плоштадот, низ улицата „Маршал Тито“, свртувајќи на аголот кај „Краш“, поминувајќи покрај „Кармин“ и „Ванила“, кога ги видов осветлените излози на салонот на МСУ, кај „Караорман“. Влегов, имаше некаква изложба која ја разгледав туку-така, без некакво големо внимание, не се сеќавам веќе чија беше, но на заминување погледот ми застана на пултот каде што се продаваа мноштво каталози од изминати изложби. Ги разгледував извесно време но најмногу вниманието ми го привлече еден каталог со зелени корици од изложбата „Млади белградски сликари - од надреализам до фантастика “ која била тука поставена пред две години, 1968. Го купив каталогот и си заминав во мојот стан. Во таа чудесна студена валкана ноемвриска ноќ се случи мојата прва средба со Леонид Шејка во годината 1970, во таа навистина студена ноемвриска вечер, во таа студена потстанарска соба која наеднаш се преобразува во онаа иста соба од каталогот со зелени корици, црно-бела репродукција на „Соба со мапа на вулканска зона“. Ја гледав таа слика маѓепсан, со денови, не знаејќи дека тој умира токму тогаш, во некоја белградска болница. И од тој миг ништо веќе не е исто. Ништо.