Новата приказна

26.11.2015 15:13
Новата приказна

„Ние мислиме дека ова што досега ни се случуваше во Македонија е 'криза', а дека она што ќе следи е 'решение на кризата'. За жал, јас мислам дека влегуваме во уште поголема криза која, нужно, ќе го зафати целото општество и ќе трае многу, многу долго. До крајот на нашите животи и животите на нашите деца. Она што следи е отфрлање на нашата авторитарна традиција не само во државната структура, туку и во целото општество.“

 

Во текстот „Вашиот систем не е мој“ од почитуваниот професор Денко Малески се изложува и оваа прогноза. Со сè друго во текстот се согласувам, освен со оваа прогноза! Не се сложувам и со генерализираниот негативен однос кон Истокот, бидејќи и Источната духовна традиција е придобивка на Истокот (многу голема и значајна, незаменлива за човештвото), многу повеќе од Источната авторитарна традиција која, бездруго, е негативно наследство. Но, тоа е друга тема.

Спомнатата прогноза е доста песимистичка!

Така младите луѓе се охрабруваат што побргу да ја напуштат земјата. „Многу, многу долго“, (значи барем уште седумдесет и пет години? Сметајќи сто години од осамостојувањето?) проклето ќе живееме во Македонија! Така јас како да ја сфаќам оваа прогноза.

Мислам дека на граѓаните кои не се подложија на групната терапија - масовните протести, и не го исфрлија револтот, незадоволството, разочарувањето, им остана во душата горчливата македонска мака, таканаречена „Сто години проклетство“, која веќе стана и наш препознатлив бренд. А бев убедена дека со маршевите, протестите и позитивната енергија која се разви, го „скративме времето“ на педесет години, неопходни да се развие демократија. Значи, уште 25 годнини од сега, ако се вклучат „катализатори“, забрзувачи на процесите!

Директната демократија има тераписки ефект, па секогаш кога се случува некој протест добро е да излеземе на улица и да се придружиме, да се солидаризираме со маката на тој субјект, кој и да е (се разбира ако се бори за правда и слобода; нема белки да излезам на протест на фашисти, фундаменталисти и националшовинисти кои, обратно, наметнуваат дискриминација и скратување на правата), и така да придонесеме кон подобрување на колективната енергија и свест!

Моето искуство со мојата работа е низ сликарскиот чин да се понира во колективното несвесно, при што се увидуваат многу негативности кои не можат да се издржат, а да не се преобразат. Така низ годините се истренирав да перципирам двојно: да ја увидувам и негативната и позитивната страна на нештата и можноста (слободната волја) за движење во една или друга насока. Заклучокот до кој дојдов е дека сè може да се преобрази, или да се насочи во добра насока, ако се има волја!

Кризата не е само сега, туку „отсекогаш“. Постои перманентна криза, во една или друга форма, но дури сега, бидејќи влегува во фаза на кулминација, излезе на површината и стана видлива за сите.

Од друга страна, скриен потенцијал (за справување со кризата) има во секој од нас, многу поголем отколку што можеме и да замислиме. Битно е да ја препознаеме прогресивната струја и своите напори и сили да ги насочиме во правилна насока.

Стариот наратив „Сто години проклетство“ се оконча, а во процес на инсталирање би требало да биде нов наратив со некаков ваков слоган: „ 25 години обнова“. Првите генерации родени во самостојна Македонија кои денес имаат 25 години во следните 25 години ќе ја имаат улогата да ја обноват Македонија, се разбира, со помош на повозрасните генерации оптимистички конструктивисти.

Тоа е новата приказна.

Знам дека и професорот го кажува истото во својот текст. Јас само го парафразирав.

И посматрајќи ги нештата од друг агол го „скратив времето“ кое е потребно за изградба на солидна демократија, на половина.

Но, има уште еден битен предуслов, а за неговата неопходност јас сум со уште построг став! Таа неопходност е сите да вложиме дополнителен напор и вистински да се потрудиме за општото добро, за рес публика, што значи да не бидеме робови на комфорот зад кој често се кријат безволноста, некреативноста, стравот, пасивноста и инертноста, и најмрачните слуги на оваа авторитарна власт – клиентелизмот и корупцијата, причините за општиот негативен амбиент.

Но и да се повлечат дефетистичките позиции, да се изолираат во карантин, бидејќи малодушноста (најмоќната и најраспространетата последица на стариот наратив) како отров го нагризува она фино ткиво кое се трудиме да го исткаеме сите ние, деноноќно, оваа година.

ОкоБоли главаВицФото