Деклариран шарлатанизам

27.11.2015 14:52
Деклариран шарлатанизам

Пред некој ден, јуначки издржав и проследив ТВ дебата во која учествуваше еден дежурен апологет на режимот, разјаснувач на сите нејаснотии креирани од страна на опозицијата, носител на светлината која пробива низ мракот создаден од странските служби и успешен детектор на сите соросоидни злодела во државава и надвор од неа. Како што може да се претпостави без поголем напор, се работи за лицето А.П. потпишуван како Аналитичар. Ќе се воздржам да ставам наводници на вокацијата аналитичар кои се прекупотребни, посебно, во неговиот случај. Во принцип, немам ништо против појавата на луѓе кои ја поддржуваат власта и, на некој начин, во ова наше време на поделби по сите основи, ја почитувам нивната подготвеност да се појавуваат на опозициските телевизии. Имам против, што тие имаат против нашиот опозициски ангажман и тоа на начин кој длабоко ме вознемирува: со етикетирање. Со давање значење на некои поими кои тие објективно го немаат, а со цел да се девалвира ривалот/противникот и да се претстави како непријател.

Што ме испровоцира воопшто да коментирам нешто, или некого, што не заслужува никаков коментар? Имено, во обид да му се илустрира партизираноста на актуелната влада, која на Аналитичарот не му беше јасна, му беше предочен примерот со режисерот Унковски, односно тивкиот бојкот на неговите претстави од стана на надлежните институции. Откако Аналитичарот благонаклоно и широкоградо го вброи Унковски во првите пет (ако не и првите три) режисера кои ги дала оваа држава, сепак, најде начин да ја оправда неговата маргинализација од државнопратиските јасли. Имено, професорот Унковски, замислете, бил деклариран. Толку.

И така, дојдовме до поимот „деклариран“. Станува збор за придавка која, во недостаток на именка која треба да следи и која треба да биде објаснета со придавката - не значи ништо. Или јас се лажам? Придавката „деклариран“ беше употребена во неколку наврати, што ќе рече дека си нашла свое место, таква сама, во вмровскиот новоговор. Ќе се обидам да испрактицирам телепатија и да продрам до новопридаденото значење на соодветната именка или именки. Та не ќе да е само професорот Унковски деклариран.

Пример број еден: Деклариран предавник – секој што зборува, пишува, прави (не дај Боже) нешто спротивно од насоките на единствената партија.

Пример број два: Деклариран соросоид – секој медиум, граѓанска организација, поединец, кој не е финансиран од буџетски средства.

Пример број три: Деклариран противник на режимот – секој граѓанин на оваа земја кој се обидува да мисли и делува слободно и кој ги симнал сителовските розови очила.

Пример број четири: Деклариран опозиционер – ова е веќе лесно, тоа е секој член на партија, или партии, кои вечно ќе губат на избори затоа што народот така решава (патем, по некоја лажна лична карта или пасош, не се на одмет да се потпомогне волјата на народот, а ако ни тоа не е доволно, лепезата на закани е прилично голема).

Тоа сме сите ние од другата страна, драги мои. Наспроти декларативните реформатори, декларативните евроинтегратори, декларативните патриоти, декларативните неимари на нашата светла иднина, декларативните Македонци, ние сме декларирани. И затоа сме неподобни. Етикетирани, обележени, жигосани.

Ваквата игра со значењето на зборовите што ја практицира новата вмровска семантика, според мене, претставува дел од една поширока културна матрица, од едно ново филозофско учење, кое би го нарекла Шарлатанизам. Тоа е засновано на неколку основни постулати во комуникацијата со јавноста.

Прво, не е важно што се зборува, туку кој зборува, а посебно ако зборува Груевски. На пример, Героски е предавник затоа што напишал текст во кој се вели дека во Македонија не смее да има табу теми, па макар тоа се однесувало и на дебата за федерализација, а Груевски е патриот затоа што платил пари за ревизија на текстот на Рамковниот договор.

Второ, не е важно што се зборувало пред одредено време, туку што се зборува сега, а посебно ако зборува Груевски. На пример, ако пред една година рекол дека нема да има предвремени избори, дека нема да има специјален јавен обвинител или нема да дава оставка пред изборите, а потоа истото го порекол, сето тоа е ирелевантно пред неговите сегашни восклици – народот ќе одлучи (?!).

Трето, не е важно што се зборувало во јавно објавените снимени телефонски разговори, туку важно е што тоа е објавено без знаење на Груевски, посебно ако на снимките зборува Груевски. На пример, мерцедесот од 600 илјади евра со телевизори на задното седиште (за да не им биде здодевно на децата, де) нема никакво значење во правниот сообраќај пред простиот факт дека Груевски низ скопскиот сообраќај се вози во стариот мерцедес.

Инаку, Шарлатанизмот како македонски автохтон филозофски правец од вмровски происход, има една мана. Премногу е декларативен. А тоа многу им пречи на мнозинството мои сограѓани, кои се декларираат дека имаат здрав разум, нормален ум и логичко расудување.

Толку од мене.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото