Кукли суперхероини

29.11.2015 00:23
Кукли суперхероини

Тие се моќни и секси, но дали се направени според мерките на родителите?

Доколку би постоела вистинска жена со пропорции на барбика, не би можела ниту да стои, ниту да оди. Bratz отидоа чекор подалеку, па барбиките добија и предимензионирани глави, но тоа не ги направи попаметни.

Компанијата за играчки, Mattel, која се бори за опстанок на пазарот, сврте нов лист – создаде кукли со кои сака да ги сруши родовите и полови стереотипи. Кога ќе влезете во која било продавница за играчки во светот, од полиците ви се смешкаат разголени кукли со големи гради и напрчени усни кои изгледат како да ги каснале пчели, со тенки половини, анорексични нозе, и со оној широк, наивен поглед.

Сепак, се чини дека новата серија кукли која ја дизајнираа жени, после детални и внимателни истражувања и следења на девојчињата, сакаат да ги срушат востановените клишеа. Новата серија кукли Super Hero Girls ги претставува суперхероините Batgirl, Supergirl, Poison Ivy, Bumblebee, Harley Quinin, Wonder Woman… Oваа серија кукли настана преку соработка на две компании: произведувачот на играчки Mattel, инаку творец на култната Barbie, и DC Comics, една од најголемите издавчки куќи за стрипови.

Кога станува збор за играчките за деца и придружната забава, родителите веќе подолго време се навистина збунети, а тоа го признаваат и американските медиуми. Одамна се знае дека славната кукла Barbie е толку слаба, што таква девојка во реалниот живот не би можела ни да оди. На почетокот на 2000-те, по половина век владеење, Barbie беа тргнати од престолот од страна на куклите Bratz, оние грди слаби кукли, со голема глава, оскудна облека и пренагласена шминка, така што новиот тренд дополнително ги збуни сите оние кои имаат деца или работат со нив.

Каква порака им се испраќа на девојчињата на возраст од шест до дванаесет години? Ќе бидеш моќна само ако изгледаш секси, ламентираа психолозите и педагозите. Наводно, Super Hero Girls го нудат посакуваниот пресврт. Новите хероини на Mattel, неодамна претставени на саемот за стрип Comic Con, во Нујорк, имаат природен изглед и личност. Многумина ја пофалиле идејата на дизајнерката Кристин Ким, на куклите да им даде изглед на спортистки, со обликувани мускули.


Batgirl
Кукла која нема супермоќи, но таа е натпросечно интелигентна и технолошки освестена.

Poison Ivy
Има моќ да ги контролира билките. Mattel ја опишува како срамежлива идеалистка со склоност кон науката.

Wondy
Тинејџерска верзија на Wonder Woman. Таа е храбра и роден водач. Нејзината цел е светот да го направи подобар.

Supergirl
Најмоќната тинејџерка на светот е е женска верзија на Супермен и е исклучително моќна.

Harley Quinin
Забавна девојка, главен кловн во друштвото. Таа е авантуристка, сака да прави пакости и непрестајно ќе ве изненадува.

Bumblebee
Енергичната крилеста девојка има моќ да се смалува станувајќи речиси невидлива, способност која ѝ помага лесно да ги шпионира негативците.

Акциони хероини

„Сакавме цврсто изработено тело, но сепак, имавме на ум дека станува збор за кукли за тинејџерки, средношколки кои сè уште не се доволно развиени. Капата која ја носат на глава, не е розова, туку црвена, за да се избегнат досегашните стереотипи“ – нагласува главната дизајнерка. „Девојчињата веќе не сакаат да бидат само убави, тие сакаат да го искусат чувството на сила и оптимизам кое го нудат суперхероините“ – објаснува и Дајан Нелсон, претседателката на управата на DC Entertainment.

Бидејќи во индустријата во која се вртат милијарди долари, ништо не е препуштено на случајот, овие хероини имаат своја мисија, но, за разлика од традиционалните акциони фигури, и убаво изгледаат: имаат облека од ткаенина и мека коса која може да се чешла и обликува, токму како меката коса на Барби. Со други зборови, тие претставуваат хибридна играчка која може да им се допадне на оние кои бараат куклата пред сè да биде убава и да има стил, како и критичарите кои држат до тоа дека куклата мора да има карактер, индивидуалност и природен изглед.


Monster High
Серија исклучително популарни кукли за кои постои и цртан филм. Овие кукли имаат тенки нозе и бедра.

Минатогодишното претставување наиде на големо одобрување од страна на целната и останатата публика. Пилот-проектот на суперхероините го тестираа феминистки, блогери и академски членови на општеството, кои искажаа одобрување, наведувајќи дека новите кукли веќе не се гротескни спонзорки.

Покрај тоа, како што пренесуваат светските медиуми, тие се значајно поразлични од некогашните слаби, оскудно облечени куклички, како што се фраерките од Monster High или куклите Barbie, кои исто така ги измисли гигантот Mattel.

Од компанијата велат дека дизајнерката Ким со месеци ги истражувала афинитетите на девојчињата кои изјавиле дека претходните серии на Mattel не им се допаѓале. Која е причината? Тие кукли изгледаат беспомошно, не можат да се борат, ниту да се изборат за самите себе, тие не се хероини, туку повеќе, беспомошни девојќи кои постојано цимолат. Затоа, моќниот Mattel одлучи на девојчињата да им понуди нов свет, свет на хероини кои се активни и полни со самдоверба.

Новата серија Super Hero Girls доби пофални коментари и од другите американски произведувачи на играчки, значително помали од Mattel и DC Entertainment. Тоа навистина ги радува, па додаваат дека конечно на девојчињата им се испраќа порака дека не мораат да бидат пасивни принцези неспособни за акција додека нивните браќа знаат и умеат да го спасуваат светот.

И стручњаци од различни профили кои ја критикуваат американската индустрија на играчки за деца и забава, се сложуваат дека овие кукли претставуваат „каков-таков, чекор напред“,но, сепак, сметаат дека индустријата, следејќи го и внимавајќи на профитот, прави грешки кога станува збор за одгледувањето на децата. Добро е тоа што произведувачот воочил дека девојчињата имаат и други интереси, освен тоа постојано да бидат облечени во розова боја, да бидат убави, кршливи и секси. Меѓутоа, не е во ред што им се нуди издвоена серија суперхероини, како некој издвоен клуб за девојчиња, бидејќи тоа придонесува во воспоставувањето на родовиот стереотип. Едноставно треба да се направат херои од двата пола и да се рекламираат на децата од обата пола, па децата сами да одберат што им е поинтересно, се изјаснуваат критичарите.


Bratz
Наликуваат на барбиките, но за разлика од нив имаат предимензионирани глави и усни.

Духот на времето

Психологот Јасна Беламариќ, која во својата студија се занимава со прашањата за психологијата на сексуалноста и родот, вели дека е позитивно тоа што Mattel ја препознале промената на духот на времето. „Сепак, не треба да се занесуваме со идејата дека станува збор за придонес за општествената одговорност на компанијата која со своето делување влијаела на изградбата на цврсти стереотипи околу поимањето на машката и женската улога во општеството. Да се потсетиме само на Барби која вели: „Математиката е тешка! Склона сум да верувам дека компанијата едноставно го препознала потенцијалот на пазарот во однос на новата серија и одлучила да ги избегне приговорите“ – коментира Беламариќ.

„Добро е на девојчињата да им се нуди модел на кукли кои се силни, активни, и имаат посебни моќи. Идентификувајќи се со такви хероини, девојчињата полесно ќе го развијат оној дел од личноста, кој во рамките на општеството е потиснат – способниот, храбар, самоуверен, одговорен и ангажиран дел од себе. Добро е тоа што суперхероите не продолжуваат и понатаму да бидат само од машки род.

Да се мечтаe за тоа дека може да се спаси светот и да се направи некое важно херојско дело, сето тоа им е потребно на децата од обата пола. Меѓутоа, гледајќи ги овие кукли, тешко е да се игнорира впечатокот дека тие, повеќе или помалку, ја имаат истата форма како и претходните играчки на Mattel. Овојпат тие имаат малку помали гради, и се малку послаби, но и понатаму, сите се витки, згодни, долгокоси и убаво градени. Сите имаат градба која наликува на песочен часовник, со оние изразено тенки половини. И она што е највоочливо, позираат како модели. Станува збор за неприродно држење кое доведува до прерана сексуализација кај девојчињата“ – отворено објаснува психологот Беламариќ, додавајќи дека единствено е позитивно тоа што барем овие хероини не се нагласено секси.

„Сепак, има акциони хероини кои првенствено се секси. Пораката до девојчињата најверојатно глси, ќе успееш само ако си секси. Пренаглсувањето на сексуалниот дел на нивната личност се нуди како еден од ретките сигурни патишта кон општествениот успех“ – објаснува Беламариќ.
„Тоа не е безопасно, бидејќи децата во играта се идентификуваат со ликовите кои ги претставуваат нивните играчки. Стереотипното прикажување на родовите улоги делува ограничувачки на детето“ – нагласува Беламариќ.

Растејќи во опкружување полно со стереотипи, детето нема да ја развие својата целосна личност. Стереотипите ги нуди индустријата, а околината продолжува да ги поддржува. Бидејќи, поголемиот дел од играчките сами по себе се родово неутрални. Автомобилот не е машка играчка, како што ни куклата не е женска. И едното и другото се играчки за деца за обата пола, кои сами треба да одберат што им е интересно.

Децата треба да се потикнуваат да си играат со различни играчки и да им се даде простор самите да бираат, неоптоварени со очекувањата на возрасните. Тоа значи дека би требало, на пример, да набавите една кукла за вашиот син, бидејќи, сигурно нема да добие таков подарок за роденден. Ако вашиот син има дваесет автомобилчиња, а ниту една кукла, како ќе развие интерес да си игра со нив? А на ќерката која покажува интерес за нинџа желки, би требало да ѝ го овозможите тоа задоволство и навистина да ѝ ги купите. Со тоа создавате можност детето да може слободно да истражува“ – вели Беламариќ.

Реалност
Вака би изгледала слабата Барби кога би имала пропорции на вистинска жена со облини.


Врат
Со двojно подолгиот и 15 центиметри пократок врат од нормалниот, барбиката, доколку навистина би постоела, не би можела да ја крене главата.

Половина
Со половина со обем од 40 центиметри, помала од главата, Барби има место за само половина црн дроб.

Сооднос помеѓу половината и колковите
Соодносот на половината и колковите кај барбиката е 0,56, што значи дека обемот на нејзината половина изнесува 56% од обемот на нејзините колкови. Кај просечните жени тој сооднос изнесува 0,80.

Нозе
Нозете на барбиката се 50% подолги од нејзините раце. Нозете на просечната жена се 20% подолги од рацете. Исто така, нозете на барбиката се нереално тенки.

Зглоб
Не барајте барбика која може да подигне тегови. Со зглобот од 9 центиметри, таа не е во состојба да го направи тоа.

Стапало
Со зглобот со обем од 15 центиметри и стапала со детска величина, Барби би морала да „оди“ на сите четири. Одењето го отежнува фактот дека најголемиот дел од тежината се наоѓа во нејзиниот горен дел од телото.

Синиот калап

Но, тој простор родителите мораат сами да го создаваат, бидејќи околината нема да им го даде. Неинформираната воспитувачка, добронамерниот сосед и загрижената баба, со непромислените коментари ќе го стопат тој простор, доколку родителите не застанат во одбрана, предупредува психологот. Детето мора да добие порака дека е во ред да си игра со секоја играчка која го интересира. За брзо време ни тоа нема да биде доволно да го заштити од контаминирачкото влијание на околината, но барем во формативните години ќе добие каква-таква заштита од розовиот и син калап, порачува психологот Беламариќ.

„Куклата сама по себе не ниту штетна, ниту корисна, вели психологот Марија Габелица Шупљика, заменичка правобранителка за деца, а како куклата ќе влијае на детето, тоа зависи од тоа што му се случува за време на играта. „Треба да се има на ум дека Barbie, куклите Bratz и овие нови хероини се само еден вид кукли. Постојат и оние кукли направени од крпи, кукли кои изгледаат како новороденчиња, рачно изработени кукли со нацртани лица, марионети...

Без да се навлегува во изгледот на играчката, ако нејзината смисла е да го поттикне емоционалниот и когнитивен развој на детето, да промовира здрав стил на живот, рамноправност на половите и општочовечките вредности за различноста, тогаш таа станува позитивно средство. Од друга страна, играчките кои промовираат родови стереотипи и нереална слика за човечкото тело, не нудат позитивен развој“ – вели Габелица Шупљика.


Облекување, капење, чешлање

Детето во куклата проектира голем дел од својот свет, ѝ дава живот и особини кои нему во тој момент му се важни. Развојно поттикнувачката кукла, не смее да нуди идентификација само на основа на надворешните карактеристики и улоги како суперхероините или принцезите.

„На пример, детето тешко се носи со нејаснотијата околу тоа дали куклата прикажува девојка или возрасна жена. Проблем настанува и кога куклата не поттикнува креативни процеси на тој начин што детето ја облекува, ја капе, ја чешла и разговара за тоа, туку нуди само совршен изглед и претпоставени квалитети. Тоа носи развојни разлики, и на детето му нуди искривена слика за себе и светот“ – вели Габелица Шупиљка.

Во меѓувреме, светските медиуми наведуваат дека моќниот Mattel одбележува пад во профитот (во јануари оваа година изнесувал 59% за четвртиот квартал од претходната година, во најголем дел благодарение на падот на продажбата на куклите Barbie), и дека на компанијата ѝ е потребна нова насока. Покрај тоа, од наредната година лиценцата ја губат принцезите на Disney и хероините од Frozen. Лиценцата ја добива компанијата Hasbro, познатиот произведувач на играчки и опасен ривал на Mattel. Инаку, во текот на последното десетлетие, Mattel ја водеше големата битка за финансискиот колач на пазарот.

Медиумите внимателно ја следеа војната која заврши и со судски епилог помеѓу него и компанијата GA Entertainment. Имено, на куклата Barbie опасно ѝ се заканува куклата Bratz, а целата ситуација ја приготвил дизајнерот на Mattel, Картер Брајант, кој мораше да осмисли посовремена Barbie. Тој, пак, ја нацрта новата кукла Bratz, со голема глава и очи и полни усни.

Меѓудругото, неговите шефови во тоа време не го препознале потенцијалот и дизајнерот ја однел во конкурентната компанија GA Entertainment. Куклите Bratz солидно ги надминаа Barbie и своевремено носеле заработка од 500 милиони долари годишно. Компанијата Mattel покрена судски спор кој на крајот го доби, но нивната икона Barbie веќе никогаш нема да ја има популарноста која ја имаше речиси половина век.

Потоа пристигнаа суперхероините. Новите кукли ќе ги исполнуваат соништата на девојчињата постари од шест години, а на полиците на американските продавници, а потоа и во голем дел од светот, би требало да стигнат напролет, по цена од дваесетина долари, најави произведувачот. Нема сомнеж дека пластичните убавици од триесетина центиметри ќе станат популарни. Целата приказна ќе ја следи и популарна ТВ емисија, серија детски книги (тој дел го покриваат Warner Bros. Animations и Warner Bros, Consumer Products), како и соработката со компанијата Lego.


Winx
Слабите вили во цртаната верзија секогаш одат во тесни, кратки и секси фустани.

 

Згодно тело

Психологот Јасна Белaмариќ забележува дека овие кукли сигурно ќе пробудат голем интерес кај децата. „Сепак, ми пречи што толку се фали тој напредок на компанијата кога станува збор за изгледот на куклите. Наводно, сега изгледаат реално, како вистински тинејџерки. Тоа не е точно. Дали има една хероина која е ниска, позаоблена, со кратка коса, или таква што носи очила за вид? Се разбира дека нема. И понатаму сите се вештачко убави , со долги нозе како штркови и големи очи. Во оваа серија тие добија некаква улога, но изгледот на телата и понатаму го поткрепува нивниот главен стереотип – моќта на жената е само во нејзиното згодно тело. На крајот јас би заклучила: не му верувај на Mattel ниту кога носи подароци“.

Извор: Globus

 

ОкоБоли главаВицФото