Смрт од заебанции и мака!

29.11.2015 22:39
Смрт од заебанции и мака!

Жената и контејнерот

Жената ги беше набутала рацете во контејнерот за стара облека до самите рамења. Застанав да видам што ќе извлече од црвениот сандак карши „Мајчин дом“, но, признавам, повеќе ме привлече благото тресење на нејзиниот кубански задник. Ме потсети на жената на која во романот за „Проститутките“, Маркес ѝ приоѓа, со извесна нелагода, но и со страст што ја буди фактот дека рацете ѝ се зафатени, дека работи нешто друго на неговата голема тераса. И така, додека летав во облаците на литературните фантазии, од тесниот процеп на контејнерот, жената извади живо дете. Три години - толку! Го држеше за џолбаните и гледаше што има во рацете: една плетена капа со туфничка и зимска јакна од која испаѓаа зелени сунѓерчиња. Не беше задоволна, се поткрена на прстите и држејки го цврсто за нозете, го врати детето на дното на контејнерот!

Се уверив себеси дека ќе го испушти детето ако ја фатам за газот! Не ја фатив, нормално! Не би ја фатил ниту Маркес на булеварот „Авној“ во Скопјанг! Со така силно алиби можев достоинствено да се повлечам. Кога стигнав дома, Баерн веќе водеше 3:0 против Олимпијакос!

Фејсбук, 24.11.15.

Типичен Македонец!

На влезот во Градскиот трговски центар човекот моли пет денари за леб. Ми личи на Џад Ло: да се избања и да помине два часа во школата за млади лидери на Хорхе Лоренцо, пардон, Иванов, или во академиите за општествени деструкции на вмро и „Конрад“, може да бара по пет илјади евра од ноќ, на крајот, би му дале и некоја титула, маркиз или барон, можеби херцог од Македонија и Бутел, или нешто слично, за да може полесно да се движи низ мрежата на високата декаденција на Европа, а тој одбрал да виси по цел ден за пет денари! Типичен Македонец!

Фејсбук, 16.11.15.

Смрт од заебанции и мака!

Човекот мавташе со благо подвитканите раце и чекореше шаткасто, неприродно шаткасто. Мислев дека нешто ми покажува, но кога се доближи на два-три метри, сфатив дека ми гледа преку рамото и дека му се обраќа на некој човек зад мене.

- Гледај, гледај - викаше низ устата отворена во широка насмевка - ова е главната фора, овој чекор, хахаха, гледаш - рече и уште понападно ги отвори стапалата, безмалку под 180 степени, а рацете ги обеси во мајмунски став во кој дланката е свртена во однос на правецот на движењето како весло кое граби вода.

И други минувачи почнаа да му обрнуваат внимание. Беше малку пред десет, на половина пат меѓу „Соравија“ и излезот од Градскиот трговски центар кон грозотијата и срамот на плоштадот, повеќето продавници веќе беа отворени, некои се спремаа да отворат, имаше доста луѓе.

„Гледај, гледај, а, како ти изгледа ова, а, ти личам ли на човекот, ова ни Џин Кели, ни Мајкл Џексон не го можеле, хахаха“ - се кикотеше човекот.

Тие движења мене ми личеа на движењето на двајца славни луѓе: Скитницата Шарло на Чарли Чаплин и вршителот на должноста премиер на Фиром, Никола Груевски. Не знам зошто веднаш го отфрлив Шарлота на Чаплин како предмет на утринската заебанција на младите скопјани.

Тој мал перформанс на отворената сцена во Трговскиот центар ми покажа поубедливо од сите анкети, дека луѓето решиле да се ослободат од фамозниот страв, да се истушираат на сонцето на слободата и да го симнат тој кир на стравот и срамот, да удрат малку на заебанција, на спрдачина, на хумор, да удрат малку на куроболење за работните места и за сите други релации со власта и со нејзиниот шеф освен за исмевањето, животот е краток, да си го направиме малку поубав, тие резони зрачеа, да, и фигурата на премиерот, тоа деконструирање на неговата позиција и на неговата личност и моќ, тоа кинење на парченца од неговото тело и од неговата душа, тоа бавно убивање на злотворот и на злото и никнење на супериорноста кај оние што до вчера умираа од страв. Кога тие сили ќе се ослободат, му нема спас на тој кон кој ќе се насочат, го умираат од мака!

Фејсбук, 11.11.15.

Слики: Kristen Liu-Wong

ОкоБоли главаВицФото