Полигони

30.11.2015 01:50
Полигони

странец

На еден чуден крај од светот, некаде на неговата источна страна, во една бескрајно широка долина, живееја луѓе, поточно суштества коишто не знаеја за течење на времето, ниту пак имаа осет за тоа дека просторот некаде почнува, се протега, и на крајот можеби се лишува од својата бесконечност. Во нивната свест немаше место за потреба.

И за да почне нешто да се случува, како и во останатите митови за пештерите, така и овде, одненадеж, на брановите на едно цунами кое беснееше на другата страна на светот, на пространите полиња во питомата долина, беше исфрлен еден туѓинец, на кого, после сè што се случи, староседелците му го дадоа името Странец.

Странецот, сосема наивно и без предумисла, и без да е во дослух со никој од долината, почна секојдневно да им ги предава на староседелците своите размислувања за постанокот на светот, за космосот, за ѕвездите, за океаните и нивните длабочини. Им ги нудеше своите сознанија наликувајќи на надрилекар, кој за своите еликсирни напитоци тврди дека се сигурен лек за сите болести. И се создаде чуден однос помеѓу нeго и староседелците. Најпрво тие беа незаинтересирани за сè што тврдеше Странецот, но постепено, со забрзување какво што може да има само процесот на природна еволуција, на периферијата на долината се натрупаа толку исклесани камени блокови со зборовите на туѓинецот, што се создаде милје за еден сериозен, вистински колосеум, кој срамежливо, но неотстапно, ги рашири своите камени дланки кон небото.

Долината неосетно прерасна во арена за сè.

Но, освен учењето дека не се од овој свет, и дека можат да завладеат со светот само тогаш кога ќе завладеат со себе луѓето од долината не прифаќаа други доктрини. Како печурки по дожд никнуваа мали колипки во кои можеше да влезе само по еден жител, места каде што тие се задлабочуваа во себе и се учеа на контрола. Некогаш доцна во ноќта, над колибите можеше да се забележи облаче од толку ненаметливи мисли, „што го исполнуваа срцето со среќа“, во случај некој да го здогледаше.

Крајот на Странецот беше во една таква колиба, откако староседелците го убедија дека вештина над вештините е да бидеш како оној што многу знае, а умее да молчи.

 

игра

Склопот зборови што блеснува во свеста и трае толку колку да можеш, ако во моментот немаш друга работа, евентуално да ги врежеш на некој камен, е нешто неповторливо и нешто што не можеш да го изнудиш по пат на логичко размислување. Во тој краток миг гледаш дека твоето тело е врзано во коло низ кое протекува енергија која што има моќ да те осветли но и да те спржи, користејќи се со земјината атмосфера како со обична фритеза од која било попатна сендвичара. Најинтересен е моментот кога човекот почнува од никаде да си поставува прашања, плус и минус бесконечност, без да има ниту еден нормален или соодветен одговор. Некогаш, од превисок напон, светулчето прегорува и колото се прекинува, па најчестото од човекот останува само една искрена недоумица, во која категорија на созданија ли спаѓа, со така помрачен идентитет и апатија наместо мозок. Среќа што прекинот не трае доволно долго за да остави трајни последици во базата на податоци, а за да не биде сè препуштено само на среќата, човекот има талент да заборава.

другата страна на злото

За сите што сакаат да учествуваат во решавањето на загатката, пожелно е да се наоружаат со исконската негација на сите негации. Имено, откако ќе го победи злото во себе, човек може да се шета гол по улиците на светов без да се плаши дека некој ќе го препознае.

ова е мајка ми

Додека ја гушкам, времето се згуснува, низ свеста се прави кратка рекапитулација, во рикошет од сцени се тркалам до најневеројатните... Можам сè да соберам во еден збор, молкум како секогаш. Правејќи ги истите движења, циклично, во прегратка со мирис на ритуал.

„Не можам да замислам срце поголемо од нејзиното!“ – си велам, додека таа трепка, и ја почнува старата добра приказна за граѓанската војна...

Барајќи ги старите црно- бели фотографии, буричкам низ нејзиниот паричник и, сосема неочекувано, во една тајна фиока помеѓу илјада хаотично напишани телефонски броеви, откривам толку убава љубовна порака, каква што само можам да сонувам: „Мила... Еве, конечно ти спуштив ѕвезда. Таа свети.“

Мојот дедо имаше обичај да рече: „Животот е чудно краток. Сега, кога се потсетувам, тој толку ми се намалува што, на пример, одвај сфаќам како некој млад човек може да реши да одјава во најблиското село, без да се плаши дека – воопшто не земајќи ги предвид можните несреќни случувања – веќе ни траењето на обичниот живот што среќно тече, ни одблизу нема да биде доволно за таков пат.“

- Што е ова? – ја прашувам, покажувајќ и ѝ ја позадината од можеби најстарата семејна фотографија било кога направена.

- Мојот омилен расказ од Кафка - вели, и го враќа во скришната комора.

 

мисли

Размислувањето е како патеката на пајакот, кога тој бавно, аутистички запира на секоја честичка прав, трагови од вода, неочекувани дупки, остатоци од ронки, а најчесто без видлива причина. Потребно е само човек да нема друга работа за да може целосно да се посвети на набљудувањето на пајаковото движење, па и самиот ќе се изненади од високиот степен на аналогност помеѓу внатрешното движење на мислите по мозочната кора, и начинот на кој тоа го прави пајакот. И само уште ако има доволно време за да може доволно долго да набљудува, човек може да дојде до неверојатни откритија, од кои инаку се лишува под изговорот дека е премногу зафатен.

изместеност

Ако подобро размислам, над главата постојано ми лебди едно облаче многу слично на фиока од работна маса. Кога му буричкам низ содржината, гледам дека се тоа грст ненапишани честитки за Божиќ, најмалку три писма на битни личности кои се преселиле во далечни земји без да го довршиме разговорот, вината дека можам да бидам далеку подобра, како и чувството дека сето ова мора да е сон.

 

Извор: Полигони, Темплум, Скопје, 2007.
Слики: Guillaume Amat

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото