Брижит Бардо - мачка претворена во жена

30.11.2015 11:48
Мачка претворена во жена

Брижит е родена на 28 септември 1934 година во Париз, во имотното семејство фабриканти Бардо. Со три години помладата сестра биле воспитувани строго: уште од малечка научила да се однесува како што доликува на децата на имотните, да го мести креветот „под конец“, да ги почитува постарите, да се моли пред спиење. Ја обожавала дадилката Италијанка, која ја чувала, ја галела и ја нарекувала „Бебе“, додека истовремено жалела што нема таква блискост со мајка ѝ и татко ѝ.

Кога еднаш случајно скршила скапоцена кинеска вазна, била казнета со две шлаканици и дваесет удари со прачка, со наредба во иднина на родителите да им се обраќа со „вие“ (што го правела целиот живот). Кога одела кај баба ѝ и дедо ѝ во Лувесјен, имот оддалечен петнаесет километри од Париз, добивала поголема слобода. Уживала во цветната градината и овоштарникот, а особено сакала да си игра со животните. Кога еднаш дознала дека за вечера служат зајачки паприкаш и дека нејзиниот љубимец Црниот исчезнал, толку очајувала што сите на масата одбиле да јадат.

Кога го открила фонографот на навивање на татко ѝ, со голем занес им се предала на музиката и танцот. Наскоро тргнала на часови по балет, каде се истакнала како една од најдобрите ученички. Освен подвижноста, имала правилно држење, бидејќи мајка ѝ ја терала да вежба одење со сад со вода на главата. Како балерина нижела успеси и награди, но мошне лошо се покажала во основното училиште.

Дома ја карале и ја споредувале со сестрата која била одлична ученичка, а еднаш го слушнала разговорот на мајка си со пријателката: „Среќна сум што ја имам Мижану, која ме радува. Бидејќи кутрата Брижит е толку грда и неспособна.“ Бидејќи носела очила и протеза за заби, малата Бебе поверувала во таа приказна, па од мака продолжила да го цица палецот.

Волкот на вратата

По препорака на еден семеен пријател почнала да настапува со балетска група: ја добила улогата на малиот црнец во „Детската сцена“ на Шуберт. За паузата од десет минути морала да ја измие бојата од лицето и да се пресоблече во кринолина, па додека брзала удирала со главата во греда и се сопнувала. Иако на бината ги губела качкетот и поставата, во играта толку блескала што новинарите ја забележале и ја повикале на модно фотографирање.

Во придружба на мајка си, 1949 година, се сликала за „Ел“ и станала заштитно лице на списанието. Наскоро го свртела вниманието на режисерот Марк Алегре и неговиот помошник Роже Вадим, кои подготвувале филм. Кога добила понуда за пробно снимање, во куќата настанал хаос. Жестоката расправија ја прекинал дедото кој удрил со раката на маса со зборовите:

„Ако е судено оваа малечка да стане проститутка, ќе стане тоа и без филм!“

Во натпревар со дваесет девојки Брижит го освоила првото место, но снимањето на филмот се откажало. Роже Вадим ја испратил младата надеж дома и ја прифатил поканата да остане на вечера. Не знаел дека послугата по неговото заминување, по наредба на госпоѓата Бардо, ќе го пребројува сребрениот есцајг.

Брижит подоцна напишала: „Не ја зеде лажицата, но го украде моето срце и влезе во мојот живот.“ Се прашувала зошто човекот кој „личи на волк“ во исто време ја привлекува и ја одбива?

Наскоро почнале тајно да се забавуваат, а кога се открила тајната, семејството решило да ја испрати во Англија на школување. Брижит напишала проштално писмо и чекала да остане сама во станот. А потоа влегла во кујната, го пуштила гасот и ја ставила главата во рерна! За среќа ја спасиле родителите кои се вратиле од театар заради откажаната претстава.

Кога закрепнала, во придружба на роднините заминала на крстарење, каде на бродот настапувала со забавувачите. Нејзините се надевале дека ќе запознае некој имотен индустријалец, адвокат или лекар и дека за зет нема да добијат „сиромашен комунист“. Бидејќи сфатиле дека Вадим не се откажува од љубовта, дури ни покрај заканите со пиштол, се помириле со судбината. Венчавката била објавена на 21 декември 1952 година и за Брижит започнал нов живот!

Со образованиот сопруг почнала да учи и да се движи во уметничките кругови. Ги запознала Колет, Жан Кокто, Жилиет Греко, Жан Жен, Пикасо... Еднаш кај еден пријател го сретнала омилениот Марлон Брандо: кога целата восхитена влегла во собата да му донесе појадок, бунтовниот глумец со извикот „Губи се кучкин сине!“ ја гаѓал со јајце.

Ѕвезда или мајка?

Иако снимила неколку филмови кои ги договарала Олга Хорстиг (по потекло Србинка), младата актерка чувствувала незадоволство: се плашела дека во некои сцени од триесет секунди гледачите не ја ни виделе, бидејќи токму во тој момент кивнале, како нејзината мајка. Не сакала што за ликот на селанката во „Нормандиската дупка“ фризерките со лак ѝ ја лепеле косата, а шминкерките упорно и ги намалувале усните. Среќата ја побарала во Италија, каде одредено време живеела во хотелска соба со Урсула Андрес, со која ги делела трошоците.

Добила мала улога во американскиот филм „Елена Тројанска“ и вратите на успехот полека се отвориле. Бидејќи веќе се замислила себеси како ѕвезда, во остварувањето „Мојот син Нерон“ побарала да се капе во вистинско млеко, а не во вода обоена со скроб.

Бидејќи со сопругот излегувала на отмени места, друштвото очекувало да носи елегантни фустани, чевли со потпетици, бунди, кок. Бидејќи не поднесувала наконтеност, меѓу присутните сè почесто се појавувала со распуштена коса, во панталони, мини здолништа, балетанки. На приемот кај Ага Кан во Кан, дрско и слободно играла ча-ча-ча боса, а тоа го искористил Вадим за дел од сценариото на филмот „И бог ја создаде жената.“

Снимањето го започнале во малото рибарско село Сен Тропе и Брижит изјавила: „Тоа не беше филм, тоа бев јас!“ Француската критика ги дочекала строго, со забелешки дека актерката развлекува додека зборува и делува „полуписмено“. Меѓутоа, во САД филмот остварил неверојатен успех, со заклучок – ѕвездата е родена!

Освен победите на деловен план, за време на снимањето стекнала и нова љубов: по разводот со Вадим, 1959 година се омажила за глумецот Жан Луј Трентињан. Весниците пишувале за врската на „секс симболот и селанчето“, а дури се појавил наслов „Ѕвездата и црвот“. Во исто време добивала бројни писма и телефонски повици од обожаватели, па морала да вработи секретар.

Со гордост се сеќавала на гала приемот кај англиската кралица во Лондон, каде ја сретнала Мерилин Монро, а се трудела за го заборави обидот за самоубиство заради женетиот Жилбер Беко. Бидејќи сопругот ја убедувал да го зацврстат бракот со дете, неволно се одлучила на таков чекор, бидејќи еден прекин на бременоста го паметела како „божја казна“. Со ужас гледала како заради приновата станува сè подебела, што во автобиографијата го објаснила со зборовите: „Го доживував како тумор кој се хранеше со моето тело“.

По раѓањето на синот Никола преживеала нервен слом. Велела: „Носете го, не сакам да го видам!“, а потоа одбила да го дои и негува. Го предала на грижата на дадилката и сопругот, додека самата се сместила во друг стан на истиот спрат од зградата.

Една најубава ноќ

Мислела ќе го најде мирот во куќата „Мадраг“, која ја купила во Сен Тропе, но многу се излажала. Наметливите фоторепортери и љубопитните туристи ја следеле на плажа, по улиците и на море, па се чувствувала како прогонета ѕверка.

Меѓутоа, ништо не ја лутело толку како Жан Луј, кој барал да ја отфрли глумата, да стане домаќинка и да му се посвети на мајчинството. Го слушнала како вика пред „мама Олга“: „Ја нема веќе кокошката која носи златни јајца, готово е со тоа, готово!“ Правото на избор на својата работа го бранела и со тупаници, но во тепачката го извлекувала подебелиот крај.

На прославата на својот дваесет и шести роденден, во пастирската куќа во Базош, се наголтала таблети и шампањ, а потоа ги пресекла вените. Се разбудила во психијатриска болница, каде ѝ објасниле дека пријателката ја нашла како лежи во кома. Оттогаш се трудела никогаш да не останува сама, за да не ја повтори истата грешка.

Од мрачните расположенија, која ги нарекувала „фуј-бљак“, се бранела со љубов и грижа за животните – кучиња, патки, кози, овен, магаре. Ѝ одговарало и дружењето со постарите жени, дадилките и слугинките, кај кои наоѓала топлина и нежност. Сакала да остане слободна и несериозна девојка, а не возрасна личност која мора да се грижи за детето, даноците, сметките, уценувачките писма.

После „Презир“ на Годар се согласила со актерката Жана Моро да го сними филмот „Вива Марија“ во Мексико. Кога сфатила дека се наоѓа во сенка на исклучителната колешка, со сите сили решила да се наметне. Облечена или гола, им позирала на фоторепортерите од утро до вечер, што публиката го дочекала со воодушевување. На гостувањето во Лондон и Њујорк задоволно заклучила дека се изборила за положбата светска ѕвезда. Маса обожаватели се туркале да ја видат, додека новинарите ѝ барале интервјуа. Разговорите ги водела на предизвикувачки и ѓаволест начин. Да речеме, на прашањето, „Кога се случи најубавиот ден во вашиот живот?“, одговорила „Една ноќ!“

Страв од бездната на самотијата

Откако решила да се забавува после работа, го повикала друштвото во Сен Тропе и се честела себеси автомобил „ролс ројс“. На едно од излегувањата го запознала милионерот Гинтер Сакс кој веднаш ја побарал за жена. Бидејќи мислела дека се работи за љубов на прв поглед, без размислување ја прифатила понудата. Венчавката била договорена во Лас Вегас, но веќе првиот месец забележала нешта што ѝ пречеле: во раскошниот стан сјаел лажен мермер, каминот имал електрично светло, зад кориците на книгите се криел бар. Го гледала вереникот како со германска точност го планира превозот, бројот посетители, фотографии, па ѝ се причинило дека глуми во документарец за себе.

Ги читала весниците кои пишувале дека се мажи во правилни временски растојанија, со прашањето: „Кој ќе биде новиот избраник на Б.Б во 1973 година?“ На медениот месец чекала да остане сама со сопругот, но во чекор ги следеле неговите другари. Сфатила дека „племето плејбои и ласкачи“ на жените гледа како на трофеи и ги избира само „слатките глупачки“. Случајно открила дека Сакс се оженил заради облог, па по една година нивниот љубовен оган се претворил во пепел.

По разводот направила маскенбал во Сен Тропе, каде се преправила во дива кралица амазонка. Бидејќи ужасно се плашела од „бездната на самотијата“ почнувала површни врски со млади момчиња, кои сè повеќе ја искористувале. Им се чудела на луѓето кои ја доживувале како една од најслободните жени, бидејќи се чувствувала како робинка на стравот. Се бодрела со музика (слушала Битлси, Ролинг Стоунс и класика), па се решила како пејачка да сними неколку плочи.

Меѓутоа, од „мама Олга“ добила совет да се позанимава со зачувување на славата, бидејќи за актерките кои имаат повеќе од триесет години се зборувало дека се „стари“. Откако ја послушала, продолжила да ниже филмови: „Шалако“ со Шон Конери, „Мечката и куклата“ со Жан Пјер Касел, „Почетничката на плочникот“ со Ани Жирардо, „Револверашки“ со Клаудија Кардинале... По четириесет и осмиот филм „Заводникот Колино“ (1973) изјавила дека засекогаш ја напушта глумата: во последниот снимен кадар, каде држи гулаб во раката, го видела знакот за идниот живот.

Оттогаш целосно се посветила на заштитата на животните, со што се занимава и денес, после четириесет години. Ја основала „Фондацијата Брижит Бардо“ и со бројните членови успеала да им пружи помош на загрозените видови ширум светот. Започнала борба против исхраната со коњско месо и паштети од гуски, како и кубењето педруви од патки и гуски. Неодамна ѝ напишала писмо на мачката на модниот дизајнер Карл Лагерфелд: ја замолила нежната Чупет кај своето „татенце“ да се залага за отфрлање на бундите, кои им ги одземаат животите на недолжните животни.

За сè што работи славната Б.Б добива поддршка од четвртиот сопруг Бернар д’Ормал, некогашен советник на Жан Мари Ле Пен и десничарската партија „Национален фронт“. Под неговото влијание го заборавила членството во комунистичката партија од младоста и тврдењата дека сите луѓе се браќа: заради изјавата за муслиманите францускиот суд неколкупати ја казнил за „поттикнување расна омраза“. Се бунтувала и против современа Европа со сексуални слободи, иако и самата придонесувала тие да се воведат. Меѓутоа, во еден поглед нималку не се променила – останала искрена и посветена „почитувачка на верата во животните“. Себеси и понатаму се опишува со реченицата: „Јас, всушност, сум мачка претворена во жена. Предам. Гребам. А, понекогаш и гризам.“

Извор: http://politikin-zabavnik.rs
 

ОкоБоли главаВицФото