Артан и Гаги

03.12.2015 03:49
Артан и Гаги

Сув брезов лист леко падна врз капричиозата на Артан. Со огрубената валкана рака го ишна како да брка здодевен инсект. Гладен е. Нестрпливо ги двои парчињата пица со жолт кашкавал кој мрежливо се тегне. На работ од горната усна има засушена капка кечап. Го лиже со дебелиот јазик.

Гаги со нескриен интерес го следи секое движење потпрен со лактот на масата. Носи црвен шетланд џемпер и меки мокасинки. Во задниот џеб има дебело портмоне кое одвреме-навреме го потпикнува во фармерките.

-Курва бе, класична курва ти викам!

Артан кима со главата со полна уста. Очите му се заковани за следниот залак. Мммммм курва - ни прва ни последна... му поминува низ бушавата глава. Ама за класична досега не чул. А не е ни важно, сè додека топлото тесто му се топи во устата.

-Од кур на кур бе брат- е тоа е она, мавтајќи продолжува Гаги.

Со долгите вретенести прсти ја мазни салветката додека под око ја мерка мускулестата нога на Артан во валканите работнички панталони. Одеднаш движењата му стануваат брзи, нервозни, како на птица во кафез. Гласот му напрснува. Нежно црвенило му преминува преку образите. Има ерекција. Артан свива ново парче пица. Го гледа Гаги право в очи. Со едната рака преоѓа преку меѓуножјето. Или тоа на Гаги само му се причинува?

Подголтнувајќи се обидува да го фокусира погледот на брачниот пар со разврескано бебе на соседната маса. Го боцка неудобниот метален потпирач на столицата, го болат препоните. Со меко движење на трепките ја раскинува мрежата.

Ги чувствува топлите раце на Артан околу својот врат. Свиленкастите влакна на градите, неговиот јазик... Се свива како качунка под топло пролетно сонце. Пред првиот удар ги затвора очите. Се претвора во врела вртложна маса која ги вшмукува сите капки светлина, есенските лисја, сонца на заод, свилени конци и расклокотени мориња.

Повторно ги отвора очите. Артан мирно го довршува последното парче пица. Есенското сонце му ги милува широките рамења. Шлапка додека јаде а има и две црнки на носот. Забите му се пожолтени од лош тутун а под ноктите се наѕираат пластови малтер.

Артан се чешка зад увото и станува.

Колку канти боја ќе требаат газда?
Четири... пелтечи Гаги низ сувото грло.
Ај отидов...
Јас ќе платам - довикнува Гаги.

Артан немарно ја крева раката во воздух. Гаги останува подзинат додека студениот ветар му се втурнува во потното чело. Се џари во валканите чинии. Махинално ја лапнува оладената печурка од чинијата и веднаш ја плука со гадење. Остава богат бакшиш и со несигурен чекор заминува.

Слики: Eero Lampinen

Слични содржини

Квир / Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото