„Корелација“ - изложба на фотографии од Јана Луловска

15.12.2015 12:48
„Корелација“ - изложба на фотографии од Јана Луловска

На 17 декември (четврток) во Младинскиот културен центар со почеток во 20 часот, ќе биде отворена изложбата „Корелација“ на фотографката Јана Луловска.

Првата самостојна изложба на збирката фотографии на младата авторка Јана Луловска под наслов „Корелација“, се состои од дваесет диптиси, генерирани од и посветени на балканскиот пејзаж. Низ овој жанр, како и низ користењето на старата класична и некогаш популарна благородна техника гумитипија1, Луловска се обидува во ерата на сеопштата дигитализација/виртуализација, низ реактуализација на оваа техника да си ја овозможи, пред сè креативната слобода, која сe тeмели нa телесната сличност на знакот и на објектот што го третира.

Конча Пиркоска

 

 

Делата на Јана се комбинација на фигурација и апстракција – меѓу сонот и јавето, телото и духот. Меѓу тоа како изгледа светот околу нас и неговата флуктуација на визуелните перцептори. Формите што се конзумирани од емпиријата на авторката се телесни и скоро опипливи, истовремено се и изненадувачки бестелесни и имагинарни. Во делата забележуваме интензивност, а интензивноста е техника и приод кон сликарството, кој уметникот сака да го потенцира.

Јана го предочува дуализмот на природата: небо-земја, земја-вода, вода-небо.
Нејзините пејзажи се во лиричен и минималистички стил, хоризонтот е основа на композицијата и ја претставува границата на врската меѓу елементите.

Живее во време во кое глобално преовладува дигиталната фотографија и поради тоа чувствува потреба да се наврати на старите фотографски техники што се во изумирање.
Нејзината крајна цел е да го поттикне гледачот (соучесник) да размислува за дуализмот во природата, моралното прашање за создавање копии на оригиналот и дигиталната инвазија. Накратко, Луловска низ својот опус се стреми кон ослободување и катарза и ја праќа таа порака кон сите нас.

Горјан Ѓорѓиев

* * *

Јана Луловска е родена 1986 година во Скопје, Република Македонија. Завршила Уметничка и приложна фотографија на Националната академија за театарска и филмска уметност „Крсто Сарафов“ во Софија, Бугарија.

___________________________________________

[1] Оваа техника била прва и најпопуларна, од таканаречените благородни постапки од златнoтo доба на уметничката фотографија, која датира од првата половина на ХIХ век. Најпрво цртачката хартија се препарира со слој од желатин и врз исушениот слој се нанесува гумарабика, калиум или амониум бихромат и пигмент. На исушената хартија се копира негативот на дневна светлина или како што работи Луловска, под рефлектори. Копијата се развива со миење во чиста вода, која го отстранува вишокот од неосветлената емулзија. Оттука добиената слика-позитивот има благородна структура и наликува на акварел.

ОкоБоли главаВицФото