Спотер

18.12.2015 10:28
Спотер

„Спотер“ е уште еден џамлиски термин кој означува стекнување право на дополнителен удар преку „цивнување“ (поткачување) на една џамлија. Постручно кажано, се работи за еден вид верижен процес, односно за индиректен удар од првата џамлија врз третата, извршен преку допир со посредникот. Го има и во други игри, како на пример, во билијардот или бочањето. Често, спотерот е намерен, односно значи „подместување“ до џамлијата на ортакот (за оние што подзаборавиле, џамлиите се играат и тимски) за тој да може да се приближи до противникот и да го гаѓа на сигурно. Оттука доаѓа и преносното значење на овој збор, кој во скопскиот сленг буквално значи доброволно подместување (според неформалниот пежоративен речник - тртење) за некој друг да ќари, или во поширока смисла – беспоговорно, слепо, сервилно и некритичко поддржување на некого или нешто, и тоа сè заради личен интерес.

Пребарував по сопствената меморија најсличен збор по значење на спотерот и некако спонтано од длабочината на сеќавањата ми се појави големиот Чеслав Милош и неговиот „Заробен ум“, во кој, меѓу другото, авторот го објаснува значењето на поимот „кетман“. Според Милош, тоа е свесен предавник, односно човек кој формално прифаќа која било вера или идеологија, а во душата останува она што отсекогаш бил - превртливец, односно човек за секоја ситуација или прилика.

Да бидеш спотер, според моите сфаќања, е нешто поразлично, односно не е само формално да веруваш во некоја идеја, како што тоа го прави кетманот, туку и да се жртвуваш за неа. Да го жртвуваш сопственото достоинство, интелект, кариера, животни достигнувања, па дури и сетила, кои се од Бога дадени. Да бидеш слеп при очи, глув при уши и идиот при здрав мозок. Со еден збор – свесно, намерно и умислено да правиш од себе будала и тоа на бина пред многубројна публика.

На пример, да ти биде сосема природно владетелот да зема провизија од склучените зделки во државно име, да се согласуваш политичките противници преку фингерајки да бидат осудувани на затворски казни, да имаш разбирање странски државјани да гласаат во твое име, да ја прифатиш партизацијата на институциите како нормална ситуација, да аплаудираш на измена на личниот опис на Скопје без да се прашаат скопјани, со еден збор - да даваш поддршка на евидентен криминал сторен од власта, е тогаш си ортодоксен и непоправлив спотер.

Што беа контрапротестите, ако не спотеризам? Што беа разноразните контрачети со пленумите, ако не беа спотеризам? Што беа таканаречените „граѓански здруженија за спас на Македонија“ или, пак, што претставуваат медиумските вувузели кои ја величаат владата, освен спотеризам?

Свесна сум дека никогаш нема да го пронајдам одговорот на простото прашање – дали спотеризмот, односно стеснетата свест, или ако сакате, аномалична перцепција, е резултат на необразованост и незнаење, или, пак, е дериват на современиот опскурен систем на вредности заснован на егоизмот и егоцентризмот. Од друга страна, сосема е веројатно дека во групата спотери има и вакви и онакви, односно кетмани и искрени следбеници на пастирот, кои секогаш, во името на „повисоките вредности“ се подготвени да се подместат, односно го свртат погледот од евидентниот криминал на груевизмот. Само ортодоксен и ординарен спотер може да проголта (а богами и да изблуе) една дефектна конструкција од типот: народот на избори ќе одбере кој е во право. Историјата покажува дека народот греши, но исто така, истиот тој народ учи од грешките. Ретко кога ги повторува.

На пример, да му веруваш на Груевски. Тоа, според мое мислење, не е политичка определба, туку дијагноза. Состојба на умот од акутни размери. Тоа е раширен спотеризам со широк радиус на загадување на разумот, кој има вирулентност на херпес.

Токму затоа, ова мое пишување ќе го завршувам со една куса порака до спотерите и до нивниот пастир - главниот Хари Спотер: Збогум дечки, се гледаме на 24ти април.

 

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото