Луњаво сината

18.12.2015 13:16

„Богаташ сте, а би сакале
да бидете сакан како сиромав.“

(„Децата на рајот“)

Како жената сака човек
што нема пари: ги сака дупките
на неговите чорапи, наборите
на неговите веѓи, неговиот глас
што пее или мрмори
зад некоја врата, миризливиот дим
од неговото луле што синкаво го бои
воздухот во старото, удобно,
претрупано сопче,
ги сака крпениците на неговите лакти,
неговите сакоа од твид
купени како Речиси Нови,
ја сака слепата памет на неговото тело
во љубов, неговите раце
мирни на масата а разиграни
во воздухот додека зборува,
го сака неговиот младеж
позади на вратот, и оние неколку
стари вицови кои тој радосно ги прераскажува,
и неговата смеа,
го сака и тоа како наутро косата
му е накострешена, го сака засекот
во неговата брада, јамичката
(која ретко се гледа) на неговиот лев образ,
неговите сништа, и сјајот што сонот му го влева во очите,
вечерите на сонливи муабети,
синилото на неговите очи,
очите кои таа ги нарекува
бепски
а кои стануваат луњаво сини
од огорченоста што таа го сака
токму поради тие луцкасти нешта,
и затоа што тие се сè
што тој има да ѝ даде,
и зашто знае дека таа знае
дека тој никогаш нема да има
ништо повеќе од тоа.

Препев: П. В.

Робин Сара (Robyn Sarah, 1949), канадска поетеса, родена во Њујорк, пораснала во Монтреал. Пишува и кратки раскази, се занимава со музика. Уредник е во издавачка куќа.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото