Што е груевизам (3)

22.12.2015 18:04
Што е груевизам (3)

Мирослав Грчев
Препознавање на македонскиот фашизам

Jасните знаци на фашизмот, кои последниве години како црна тиња тивко ја плават Македонија, малкумина ги препознаа како фашизам. Потеклото на ова слепило е можеби во фактот што на луѓето им е скоро невозможно да забележат појава за која претходно не создале некакво очекување. Можеби непрепознавањето се должи на невозможноста да се замисли дека во Република Македонија, која е автентично антифашистичка рожба, денес егзистира состојба на духот која му погодува на фашизмот. Независно од причината, самото непрепознавање е сигурен симптом на тешко оболено општество, кое не е во состојба да се бори против бацилот на злото - зашто е невидлив за него.

Погрешно е денес фашизмот да се бара во формалните изјави на власта или партиската програма на ДПМНЕ. Исто толку залудно би било во Македонија да бараме свастики, јуришни паравоени одреди или концентрациони логори. Сите фашизми на 21-иот век се прилогодија на посакуваниот имиџ и коњунктура на овој историски момент: сите тие денес се „заколнати демократии“! Нивното препознавање, поради тоа, не е можно преку нивните програми или зборови - кои се најчесто лага - туку преку нивните дела. Па и кога делата се во прашање, македонскиот фашизам е особено затскриен, срамежлив и плашлив. Создавањето на лажна слика за себе, како кај сите мимикрични животинки, е неговата најважна дарвинска способност во борбата за опстанок. За тешкото препознавање на сопствениот фашизам е виновна и вградената неспособност на луѓето своите слабости и маани да ги воочат така лесно како што ги воочуваат кај другите. Кога пролетта 2009 на студентскиот протест на плоштадот Македонија, како од поплавена канализација изби македонскиот фашизам и ни ги заплисна сетилата со агресија, омраза и фекален смрад, малкумина го препознаа и го именуваа со неговото генеричко име.

Мирјана Најчевска
РЕТРОКОМУНИЗАМ

Република Македонија никогаш не излезе од социјализмот. Таа само почна да ја живее најнегативната утопија на овој политички систем базирана на една сосема нова творба: РЕТРОКОМУНИЗАМ.

Ретрокомунизмот ги има сите негативни карактеристики кои успеа да ги продуцира социјализмот во своите најдевијантни застранувања: едноумие, полициска диктатура, монопол на моќта, отсуство на контрола, политизирано судство, огромна неефикасна и неефективна администрација, непотизам, корупција и селективно владеење на правото. Во исто време нема ниту една од позитивните карактеристики на социјализмот, кои успеваа да опстојат дури и во најголемите отстапувања од базичниот идеал: социјална сигурност, солидарност, работа, образование за сите, здравствена заштита, грижа за немоќните, родова рамноправност, грижа и заштита за децата.

РЕТРОКОМУНИЗМОТ не е една политичка опција. Тој е филозофија на живеење и на владеење на различни партиски структури, носители на власта и политички водачи во Република Македонија.

РЕТРОКОМУНИЗМОТ ги присвои сите материјални добра градени со децении и им ја одзеде можноста на граѓаните да имаат било каква контрола врз парите што ги дале, што ги даваат и што ќе ги даваат на државата.

РЕТРОКОМУНИЗМОТ си постави за задача да ја уништи идејата на комунизмот затоа што некој може да препознае колку е самиот тој само искривена слика во огледало на идеализираниот систем замислен како можна перспектива на развојот на човештвото.

РЕТРОКОМУНИЗМОТ не смее да дозволи било каков пробив ниту на либералното сфаќање на индивидуата како слободна, самостојна и силна, затоа што може да опстојува само во загушливиот простор на обезличената маса која базди на евтин национализам и се замајува со сладникавите испарувања на институционализираната религија.

РЕТРОКОМУНИЗМОТ се плаши од правила, процедури и криетриуми, се плаши од јавност во работењето и од контрола над сработеното. Се плаши и од знаење, од стручност и од професионалност. И најмногу од сè се плаши од сликата на самиот себе во огледало.
2010.

Јадранка Костова
Групно размислување

Најдов и научно објаснување за партиските војници, ама и оние што се одѕиваат на поимот интелектуалци иако не се баш мислечки сој. Не размислуваат со своја глава, туку, како што велеа некогаш, одат во Штабот по свое мислење. Е науката вели дека желбата да се биде прифатен во група, да не речам стадо, обично ја победува желбата да се биде во право или поривот за вистината. Станува збор за феноменот „групно размислување“!

Во 50-тите години на минатиот век, американскиот психолог Соломон Еш ја истражувал моќта на конформитетот, промислувал за групите и лидерството. Како просечни граѓани поради конформизот што ги совладува следат секакви водачи. Еш собрал седум актери и само еден вистински случаен испитаник. На пример, им покажува два листа - на едниот е нацртана само една линија, а на вториот има три со различна должина. „Тешкото“ прашање е да одговорат која од трите линии е еднаква цртата на првиот лист хартија.

И приоритет добиваат „лажњаците“, кои сите по ред даваат погрешен одговор. Кога доаѓа редот на вистинскиот испитаник, забележливо било дека се двоуми. Не му е лесно. Внатре му се одвива судир меѓу желбата да биде дел од групата - мнозинска нели, или изборот - да верува на своите очи.

Е внимавајте - експериментот покажал дека дури 75 отсто од овие испитаници подлегнале на групното размислување. Тоа се конформистите! Ако се наддаде некаков материјален интерес за ваквата мисловна операција, којзнае за уште колку би скокнал процентот.

Претпоставувам дека оние 25 отсто што не го следеле систематското групно „лудило“ во експериментот на Еш, се гордееле со себе! Но, ова малцинство во нашиве услови веќе се чувствува лудо... и незаборавно! Оти, иако групното размислување е глупо размислување, бајаги е исплатливо!

28.06.14.

Рамадан Рамадани
Целовитост ни е потребна!

Во Македонија има медиуми со издишани гуми, и отпор без отвор.

Првата реченица ми е околу јавноста во Македонија како арена, точка и простор каде што медиумите и отпорот дејствуваат и/или се среќаваат. Јавноста, јавното мислење во Македонија, е по многу основи поделено, сиромашно, контамирано и со сè поприсутната етатизација на медиумите. Но, заради ова и ред други проблеми јавноста не е целовита. И тоа е нејзиниот првенствен проблем.

Потоа, доаѓаат медиумите кои заради нивната осиромашеност, несогледување на нецеловитоста на јавноста, постепено се претвораат во медиуми кои заради неконтинуитетот, неконзистентноста и нецеловитоста се преобликуваат во секташки медиуми, или поточно медиуми кои имаат тенденција да се опходат само со една нецеловита јавност, по принципот на сектите, на кои првенствено им е важна таквата интерна јавност. Така, тие полека но сигурно, немајќи продор, застануваат во меѓите и границите кои им се наметнуваат од разните контексти, етнички, религиозни, културни итн. 

Отпорот од друга страна страда од тоа што медиумите се нецелосни, секташки медиуми без припадници на секта, и од генералната поделеност и нецеловитост на јавноста, но и на самиот отпор. Така, како што медиумите се будат и заспиваат во некоја своја Македонија, така и отпорот кој во многу големи размери, до индивидуалност е поделен, атомизиран, се буди во своите Македонии...

Ако има едно мерило кое се докажало како точно за мерење на успешноста на промените, еманципацијата, револуцијата или движењата, тоа е инклузивноста. Нашето решение тука треба да има фокус, конзистентност, инклузивност или, да завршам со стихот на Мајаковски, кој повикуваше на расчистување/завршување со бирократската крутост, со тоа што ќе направиме седница на која ќе ги завршиме сите седници, така и ние треба да направиме една целовита секта која ќе ги опфати сите нецелосни секти во медиумите и отпорот.
16.12.13.

Љубомир Д. Фрчкоски
Операција „Француски клуч“

Ослободувањето од секој репресивен систем на вредности наметнати преку политичката моќ има елементи на револуција! Таков ќе биде и проектот „Ослободување на Скопје 1945-2012“. Проектот кој предизвика интерес ќе има хардверски дел, операцијата наречена ФРАНЦУСКИ КЛУЧ, и софтвер - проект на лично ослободување, дешокирање и нормализација, наречен: MAKE LOVE, NOT BAROK, или: „Рашколувано знаење за барокот“.

Операцијата „Француски клуч“ мора да расчисти со некои од најлошите споменици во „Скопје 2014“, кои како пранги не можат да бидат третирани никако поинаку – освен како суровина за вистинска уметност. Значи, тие нема да се уништуваат или фрлаат, туку ќе се третираат како основа за концептуален уметнички чин.

Операцијата ќе ја изведува полетна уметничка младина и ентузијазирани граѓани, организирани по принципот на вмровски тројки (од 19 век): три групи со француски клучеви в рака, со нив оди една група со шмиргл-шајбна и една тројка со апарат за заварување.

Ослободувачкиот процес, хепенингот, ќе започнува со анархичната самонаредба во форма на радосен восклик: РАСТРТУЈ ТОА СПОМЕНИЦИТЕ! Уметничкиот холокауст „Скопје 2014“ почнува да се деконструира со радост за тоа достојна; имено, најпрвин со собирање на грозоморните скулптури од новата зграда на МНР и „Мостот на уметностите“, сосе четирите од Триумфекалната капија. Од нив осумдесетина, на три мета-локации на влезовите во Скопје, ќе се направат три пирамиди на уметничко ѓубре, низ кои ќе се инсталираат телевизори кои емитираат Low-Fi ТВ сигнал, со т.н. снег и пречки (изминативе децении тоа често е правено, во насока на т.н. треш-арт и кон видео перформансите на Нам Џун Пајк, Микеланџело Пистолето, и сл.).

За Триумфекалната капија, како посебен проблем, ќе биде замолен (преку директна спогодба), концептуалниот и ленд–арт уметник Христо Јавашев – да ја обмота со целофан ( како што стори со германскиот Рајхстаг).
Фамилијата скулптури Филипови или Александрови оди туто-комплето во Градскиот парк, каде се инсталира како луна парк. Околу нив тобогани, клацкалки и електрични аута на општа радост на децата.

На „Мостот на уметностите“ на упразнетите постаменти замолени се да доаѓаат личности од „Распеани Скопјани“, со песни и рецитали од Гинзберг, Буковски, Керуак, Фант , Шпато, Маџиров и тоа кога ќе им се кејфне за тоа. На еден постамент може да се појавиме и Јас и Милчин во поза на споменикот на ослободителите на Москва.

Проектот ќе биде обмислуван ад хок преку предавања на слободните универзитети на скалите на кејот, за рашколуваното знаење за барокот и самоослободувањето. Мото ќе им биде она што Квнтин Крисп го вели: Погледнете во себе и запрашајте се дали има нешто во Вас што сеуште не сте го отвориле.

Под-хепенинзи низ целиот град ќе бидат понудени а ла карт: водење љубов на некој од коњите или лавовите; ќе биде етаблирана традиционална Геј-парада која ќе завршува со геј танци околу копјата на македонската фаланга и ќе кулминира со ставање цветче во газињата на фалангистите... И сè такви слични радосни акции!

Некои од скулптурите ке се префрлат во други градови на Македонија (Самоил - Охрид, Гемиџиите - Велес итн.).

Мошне важно, драги мои, ќе биде редизајнирањето на Музејот на македонската борба, со одел во подрумските простории (подрумот е ИД–от на таа борба, според С. Жижек) во која ќе биде поставката на восочни фигури под наслов: МАКЕДОНСКИТЕ ФАШИСТИ. Тие ликови ќе бидат во сив гранит издлабени заедно со имињата на 1200-1300 Македонци, цветот на македонската граѓанска интелигенција - убиени од фашистите или по нивна наредба (Ванчо Михајлов, Тодор Александров и сл.).

И така натаму и слично на тоа: Револуцијата, како што знаете, драги мои, тече!
18.09.12.

(продолжува)

Слики: Свирачиња

Кон првиот дел

Кон вториот дел

За книгата „Што е груевизам“

ОкоБоли главаВицФото