Создавање урбано општо добро (3)

24.12.2015 15:17
Создавање урбано општо добро (3)

Примарните средства со чија помош се врши присвојувањето во урбаниот контекст се, се разбира, обработувањето на земјиштето и сопственичките ренти.20 Малата заедница која се бори да ја одржи етничката разновидност во своето окружување, штитејќи ја од гентрификација, одеднаш може да забележи дека цените (и даноците) на нејзиниот имот растат, додека агентите за недвижности вршат пазарна проценка на „карактерот“ на нивната населба, претставувајќи им ја на богатите како мултикултурна средина, со прометни улици, која се одликува со разновидност. Во моментот кога ќе видиме дека пазарот ја завршил својата деструктивна работа, не само што првобитните жители останале без тоа општо добро, кои самите со години го создавале (од кое често биле протерувани под притисокот на растечките ренти и даноците на имот), туку и самото општо добро станува деградирано до непрепознатливост. Ревитализацијата на градската населба преку процесот на гентрификација во јужен Балтимор ја уништи вревата на градскиот живот, каде беше вообичаено да се видат луѓе во топлите летни ноќи како седат на праговите од своите куќи, разговарајќи со своите соседи, и наместо тоа донесе куќи со инсталирани клима уреди и непробојни врати, со BMW лимузини паркирани во дворовите и под стреите, но без жива душа на улиците. Според мислењето на домашното население, ревитализацијата всушност била девитализација. Тоа е судбината која константно им се заканува на местата како што се Кристијанија во Копенхаген, квартовите Сент Паули во Хамбург или Вилијамсбург и Дамбо во Њујорк, и токму тоа беше она што го уништи квартот Сохо во тој град.

Ова, сосема сигурно, е далеку од разубавена слика, со која се објаснува вистинската трагедија на урбаното општо добро која се случува во нашето време. Оние кои создаваат возбудлив и поттикнувачки секојдневен живот во градските населби, го губат под налетите на предаторските постапки на агентите за трговија со недвижности, финансиерите и потрошувачите од повисоките класи без трошка урбана општествена имагинација. Колку подобри квалитети на заедништво ќе создаде некоја општествена група, толку е поверојатно дека ќе биде ограбена и насилно присвоена од страна на приватните интереси кои тежнеат кон максимизирање на профитот.

Но, тука има уште една аналитичка мисла која мора да се забележи. Колективната работа која ја замислувал Маркс, во најголем дел е ограничена на фабриката. Што ако ја прошириме таа концепција така што ќе сметаме, како што сугерираат Харт и Негри, дека велеградот сега конституира колосално општо добро создадено со помош на колективната работа потрошена на градот и во него? Тогаш правото на користење на тоа општо добро секако мора да биде одобрено од сите оние кои имале удел во неговото создавање. Се разбира, на тоа се темели барањето за остварување на правото на град од страна на колективните работници кои го изградиле. Борбата за правото на град е насочена против моќта на капиталот кој немилосрдно ги исцицува и екстрахира рентите од јавниот живот кои ги создале други. Тоа нè потсетува дека реалната програма лежи во приватниот карактер на правата на сопственоста и моќта кои ја доделуваат тие права за да ја присвојат не само работата туку и колективните производи на другите. Со други зборови, проблемот не е во општото добро per se, туку во односите помеѓу оние што го создаваат или заземаат во различен обем и оние кои го присвојуваат заради лична корист. Голем дел од корупцијата која се доведува во врска со урбаната политика се однесува на тоа како јавните инвестиции се алоцираат за да се создаде нешто што наликува на општо добро, но ја промовира добивката во вредноста на приватните средства за привилегираните сопственици на имотот. Разликата помеѓу урбаното јавно добро и урбаното општо добро воедно е флуидна и опасно порозна. Колку често развојните проекти ги субвенционира државата во име на општиот интерес кога вистинските крајни корисници се грст земјопоседници, финансиери и градежни посредници?

Тогаш, како урбаното општо добро се создава, организира, користи и присвојува во рамки на целото велеградско подрачје? Како може да функционира дејствувањето во прилог на општото добро на ниво на локална населба е релативно јасно. Тоа подразбира одредена комбинација на индивидуална и приватна иницијатива за да се организираат и контролираат ефектите од надворешните влијанија додека истовремено одредени аспекти од окружувањето се ставаат надвор од пазарите. Локалната власт е вклучена преку регулативата, законите, стандардите и јавните инвестиции, заедно со неформалните и формалните организации во населбите (на пример, месната заедница која може, но не мора да биде политички активна и борбена, зависно од околностите). Има многу случаи во кои територијалните стратегии и оградувањата во рамки на урбаното милје можат да станат средство на политичката левица за унапредување на нејзината цел. Организаторите на работниците вработени на ниско платени и несигурни работни места во Балтимор прогласија цела зона од централното пристаниште за „зона на човекови права“ – што, значи, е вид општо добро во кое е предвидено секој работник да добива минимална заработка. Федерацијата на асоцијациите на здружените населби (Federation of Neighborhood Associations) во Ел Алто стана една од клучните бази на бунтот во тој град, 2003 и 2005 година, при што целиот град беше колективно мобилизиран во борбата против доминантните форми на политичка моќ.21 Оградувањето е привремено политичко средство за остварување на општата политичка цел.

Меѓутоа, сè уште важи општиот исход кој го опишува Маркс: капиталот, гонет од принудните закони на конкуренцијата кон максимизирањето на корисноста (профитабилноста) – кој наликува на сопствениците на стоката во приказната на Хардин – не произведува само

напредок во вештината за ограбувањето на работниците, туку во исто време и во вештината за ограбување на земјата; секој напредок во зголемувањето на нејзината плодност за некое одредено време воедно е и напредок во уништувањето на трајниот извор на таа плодност. Колку повеќе некоја земја, на пример, САД, поаѓа од крупната индустрија како основа на својот развој, толку е побрз процесот за разорување. Значи, капиталистичкото производство развива техника и комбинација од општествениот процес на производство само со истовремено поткопување на изворите на секое богатство: земјата и работниците.22

Капиталистичката урбанизација постојано тежнее да го уништи градот како општествено и политичко општо добро, и како општо добро кое создава услови за живот.

Оваа „трагедија“ е слична на онаа што ја опишува Хардин, иако логиката во која се појавува е сосема различна. Доколку ѝ е препуштена на стихијата, индивидуализираната акумулација на капиталот постојано се заканува да уништи два основни ресурси кои имаат карактер на општо добро, а ги конституираат сите форми на производството: непосредниот производител и земјата. Но, земјата која сега ја населуваме претставува производ на колективната човечка работа. Урбанизацијата се однесува на континуираното создавање општо добро (или негов сурогат во вид на јавни простори или јавни добра) и неговото постојано присвојување и уништување заради дејствувањето на приватните интереси. Така, при акумулацијата на капиталот која се случува според сложена стапка на раст (вообичаено по минимално задоволувачкото ниво од 3 проценти), овие двојни закани за окружувањето (како „природното“ така и изграденото) и за работната сила, со текот на времето ескалираат и во обем и во интензитет.23 Погледнете го крахот на градот од примерот на Детроит, за да имате чувство колку тој процес може да биде разорен.

Но, она што е толку возбудливо во врска со концептот на урбаното општо добро е фактот дека тој ги поставува сите политички контрадикции на општото добро во висококонцентрирана форма. На пример, да го разгледаме прашањето за обемот во рамката во која се движиме од прашањето за локалните населби и политичките организации кон метрополитенското подрачје како целина. Традиционално, прашањата за општото добро на ниво на велеград се разгледувани преку механизмите на државното, регионалното и урбаното планирање, со прифаќање на фактот дека општите ресурси неопходни за ефикасно функционирање на градското население, како што се водоснабдувањето, транспортот, канализацијата и отворениот простор за рекреација, мораат да бидат обезбедени на ниво на градот, на регионално ниво. Но, кога ќе дојде до тоа прашањата од овој вид да бидат предмет на дискусија, левичарската анализа стандардно станува маглива, гестикулирајќи со надежта кон некакво магиско совпаѓање на локалните акции кои ќе бидат ефикасни на регионално или глобално ниво, или едноставно наведувајќи го тоа како важен проблем пред враќањето на таа димензија – обично микро и локална – на која тие се чувствуваат најудобно.

Овде можеме да научиме нешто за неодамнешната историја на општото добро, размислувајќи во конвенционални рамки. Така, на пример, Елинор Остром, иако во своето предавање по повод доделувањето на Нобеловата награда се занимава со случаи од мал обем, бара прибежиште во поднасловот – „Полицентрично управување со комплексните економски системи“, за да сугерира дека има некакви солуции за решавање на проблемите на општите добра на повеќе нивоа. Всушност, сè што постигнува таа е само обична гестикулација со надеж во идејата дека „кога ресурсот во општествена сопственост е цврсто поврзан со поголем општествено-економски систем, активностите за управување се организирани на повеќекратни нивоа во вид на гнезда“, но притоа не прилепувајќи, како што инсистира таа, не прибегнувајќи кон каква било моноцентрична хиерархиска структура.24

Овде пресуден момент е да се осмисли како во практиката може да функционира полицентричниот управен систем (или нешто аналогно на тоа, како конфедерацијата либертаријански општини), и да се увери дека тој не прикрива нешто изразито различно од тоа. Ова прашање е она што ги поматува не само аргументите на Елинор Остром, туку и многу широкиот круг радикално левичарски предлози за занимавање со проблемот на општите добра. Од таа причина е многу важно да ѝ се пристапи на критиката на вистински начин.

Во трудот подготвен за конференцијата за глобалните климатски промени Елинор Остром понатаму ја образложуваше природата на дискусијата, која се потпира, за нас соодветно, на резултатите од долгорочното проучување на распределбата на општите добра на ниво на општини.25 Долго се претпоставуваше дека консолидацијата на обезбедувањето јавни сервиси во градските форми на управување од голем обем, наспроти нивното организирање во бројни навидум хаотични локални администрации, ќе ги подобри ефикасноста и ефективноста. Но, истражувањата на убедлив начин покажаа дека не е така. Причините во целост се сведоа на тоа колку е полесно да се организира и примени колективна и кооперативна акција со помош на силното учество на локалното население во помалите јурисдикции, сè до фактот дека капацитетот за учество рапидно се намалувал со зголемувањето на обемот на административните единици. Елинор Остром завршува наведувајќи ги зборовите на Ендру Санктон, во смисла дека

општините се повеќе од обични обезбедувачи на услуги. Тоа се демократски механизми со чија помош територијално заснованите заедници луѓе управуваат со себеси на локално ниво... оние кои сакаат да ги принудуваат општините меѓусебно да се поврзуваат, постојано тврдат дека нивниот мотив е тие да зајакнат. Таквиот пристап – колку и да е заснован на чесна намера – ги нагризува темелите на нашите либерални демократии, бидејќи го поткопува гледиштето дека можат да постојат различни форми самоуправување и надвор од институциите на централната власт.26

Покрај пазарната ефикасност и ефективност, постои и една непазарна причина да се премине на ниво со помал обем.

Елинор Остром заклучува: „Иако големите единици беа дел од ефективното управување со градските подрачја, малите и средни едници исто така беа неопходни компоненти.“ Конструктивната улога на помалите единици, како што образложува таа, „мора да биде сериозно преиспитана“. Тогаш се појавува прашањето на кој начин можат да бидат структурирани односите помеѓу помалите единици. Одговорот, како што вели Винсент Остром, наликува на „полицентричниот поредок“ во кој „многу елементи се способни да градат заеднички прилагодувања уредувајќи ги своите меѓусебни односи во рамки на општиот систем на правила во кој секој елемент дејствува независно од другите елементи“.27

Тогаш, што не е во ред со оваа претстава? Целата оваа дискусија се темели на таканаречената „хипотеза на Тибу“. Она што Тибу го предложува претставува фрагментарен велеград во кој секоја од многуте јурисдикции пружала конкретен режим за локален данок и конкретна група општи добра за очекуваните резиденти, кои би „гласале неформално“ и би ја избрале онаа одредена мешавина од даноци и услуги која се вклопува во нивните сопствени потреби и склоности.28 На прв поглед, предлогот изгледа многу атрактивно. Проблемот е во тоа што побогатите полесно гласаат неформално и плаќаат пристапна цена за трошоците за недвижностите и земјиштето. Супериорното јавно образование може да биде обезбедено на сметка на високите цени на недвижностите и даноците, но на сиромашните не им е дозволен пристап до тоа супериорно јавно образование и осудени се да живеат во сиромашна јурисдикција, користејќи го оскудното јавно образование. Крајната репродукција на класните привилегии и моќта преку полицентричното управување лесно се вклопува во неолибералните класни стратегии на општествената репродукција.

Заедно со многу други радикални предлози за децентрализирана автономија, предлогот на Остром (Винсент и Елинор) се заканува да упадне токму во истата замка. Всушност, неолибералната политика ја фаворизира административната децентрализација и максимизирањето на локалната автономија. Додека, од една страна, тоа отвора простор во кој радикалните сили можат полесно да го посадат семето на една пореволуционерна програма, контрареволуционерното преземање на Кочамамба во името на автономијата на реакционерните сили во 2007 година (додека не беа избркани со народниот бунт) сугерира дека прифаќањето на локализмот и автономијата од страна на поголемиот дел од левицата како чиста стратегија е проблематично. Во САД, лидерите на Кливлендската иницијатива како пример го поставија автономниот комунитаризам во акција, поддржувајќи избор на радикален десничар и антисиндикален републиканец за гувернер.

(продолжува)

Кон првиот дел
Кон вториот дел

_______________________________________________

[20] Харт и Негри неодамна го оживеаја општиот интерес за оваа важна идеја (Commonwealth: 258).

[21] United Workers Organization and National Economic and Social Rights Initiative, Hidden in Plain Sight: Workers at Baltimore’s Inner Harbor and the Struggle for Fair Development, Baltimore and New York, 2011; Sian Lazar, El Alto, Rebel City: Self and Citizenship in Andean Bolivia, Durham, NC: Duke University Press, 2010.

[22] Karl Marx, Kapital, прв том, стр. 446.

[23] David Harvey, The Enigma of Capital, And the Crises of Capitalism, London: Profile Books, 2010.

[24] Elinor Ostrom, “Beyond Markets and States: Polycentric Governance of Complex Economic Systems”, American Economic Review 100 (3): 200, 641-72.

[25] Elinor Ostrom, “Polycentric Approach for Coping with Climate Change”, Background Paper to the 2010 World Development Report, Washington, DC: World Bank, Policy Research Working Paper 5095, 2009.

[26] Andrew Sancton, The Assault on Local Government, Montreal: McGill Queen’s University Press, 2000:167 (цитирано во: Ostrom, “Polycentric Approach for Coping with Climate Change”).

[27] Vincent Ostrom, “Polycentricity – Part 1”, во: Michael McGinnis, ed., Polycentricity and Local Public Economies, Ann Arbor, MI: University of Michigan Press, 1999. (цитирано во: Ostrom, “Polycentric Approach for Coping with Climate Change”).

[28] Charles Tiebout, “A Pure Theory of Local Expenditures”, Journal of Political Economy 64:5 (1956): 416-24.

Мурали: Remo Lienhard

Слични содржини

Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Општество / Јавни простори

ОкоБоли главаВицФото