Победник на „Новите!“ за 2015: Сања Михајловиќ Костадиновска

25.12.2015 04:50
Победник на „Новите!“ за 2015: Сања Михајловиќ Костадиновска

Комисијата за доделување на наградата за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“ во состав Будимка Поповска, Алекс Букарски и Иван Шопов, одлучи наградата за 2015 година да ја добие ракописот „517“ на Сања Михајловиќ Костадиновска.

Станува збор за краток дистописки роман во кој се забележува ехото на класиците на жанрот (Орвел, Замјатин, Бредбери итн.), но и моќниот индивидуален глас на авторката. Сања Михајловиќ Костадиновска покажува сосема солидни познавања на конвенциите на антиутопијата, но вешто ги разбива жанровските крутости воведувајќи елементи од повеќе суб-жанрови и користејќи ја способноста на романот да ги апсорбира истите.

Да се пишува дистопија во една култура во која речиси и не постои таква книжевна традиција претставува храбар исчекор: сериозен предизвик е да пронајдете нови и специфични одредници во еден жанр кој го добил своето место во меинстримот и веќе е кодифициран, а авторката успешно се справува со тој предизвик.

Сања Михајловиќ Костадиновска успева да ги долови болестите на модерното време кои се дел од едно капиталистичко или посткапиталистичко „цунами“, се фаќа во костец со тоталитаризмот, патријархатот и конзумеризмот, разните видови идеолошки фаст-фуд и поданичкиот менталитет на луѓето кои беспоговорно се покоруваат на разните авторитети. Освен што ги дијагностицира глобалните болки на денешното време, максимализирајќи ги на начин типичен за дистопијата, авторката се осврнува и на конкретните локални налудничавости, кои се еден вид заштитен знак на македонската современост. Важно е да се спомене дека сето тоа е изведено со внимателно направени алузии и сугерирање, а не со врескање и на памфлетски начин.

Романот „517“ зборува за ерата на т.н. „сегашизам“ - епоха во која времето не постои, нема ниту иднина ниту минато, а сеќавањата се забранети, како и пишувањето. Една мала група млади луѓе, т.н. антисегашисти, пробуваат да го победат сегашизмот така што ќе се обидат да го повикаат на помош херојот 517, за кој кружат разни легенди и гласини, а никој не е сигурен што всушност тој претставува. Кога еден од антисегашистите ќе се сети на сцена од детството, голем застанат часовник кој покажува 5.17 часот (очигледна алузија на скопскиот часовник кај Старата железничка станица, застанат во времето на земјотресот), младите бунтовници ќе ја откријат својата цел: да го вратат времето и да го реконструираат минатото, користејќи ги своите не баш најјасни сеќавања и скудните материјални траги од времето што изминало. При тој свој обид, тие се соочуваат со повеќе опасности, стравови и дилеми, а некои дури и се откажуваат и преминуваат на страната на сегашистите, исплашени од репресијата и казната што ги чека.

Бизарните сегашистички ритуали опишани низ бројните епизоди во дискотеките (каде музиката е строго контролирана), во студентските домови (во кои студентите папагалски учат да рецитираат песни), во театрите (каде драмското „прашање“ гласи: „да се биде, да се биде, тоа е прашањето“) на улиците кои секојдневно ги менуваат своите имиња, во салоните за убавина каде постои контрола на максимално дозволената должина на влакната и задолжителна депилација... ни доловуваат еден исчашен свет кој отпрво ни се чини дека е сместен на некоја далечна планета и во далечно време. Но, откако ќе го „исчистиме“ од симболиката и хиперболизацијата, го препознаваме како огледален, реалистичен одраз на нашиот локален контекст.

Ангажираниот тон во романот „517“ е разблажен со внимателно дозиран хумор, како и со воведување споредни наративни линии, речиси паралелни приказни, како што се љубовната приказна и исповедните епизоди на нараторката, кои, сепак, не се целосно развиени. Краткоста на исказот, прецизните и сугестивни дијалози, како и на места минималистички напишаните поглавја, се стилските одлики кои во најголема мера придонесуваат читателот да се движи низ текстот без никакви пречки.

На крајот, честитајќи ѝ ја наградата на авторката, им се заблагодаруваме и на останатите учесници/учеснички на јубилејниот десетти конкурс „Новите!“, кои со своето учество придонесоа и годинава конкурсот да биде успешен и возбудлив.

Изразуваме благодарност и кон генералниот спонзор на „Новите“, Комерцијална банка, А.Д. Скопје, која веќе десет години по ред го поддржува доделувањето на наградата за најдобар дебитантски прозен ракопис.

 

25.12.2015.

 

Извадок од книгата

 

Фотографии

Работите се одвиваа бавно на антисегашистичкиот фронт. Успеаја да реконструираат неколку искинати фотографии: на едната имаше мајка со дете пред некоја зграда која успеаја да идентификуваат дека некогаш се наоѓала на главниот плоштад; на другата – девојка во крупен преден план со напупени усни, а во позадина се наѕираше дел од машка нога, поточно стапало на кое имаше патика со ознака слична на оваа: √; на третата – група момчиња и девојчиња како се обидуваат со своите тела да направат некоја фигура или да испишат некоја порака.

Упорната тврдеше дека сликите не се никаква случајност и дека треба детално да се анализираат зашто тие се сепак остатоци од минатото по кое тие трагаат. Меѓутоа поради недостиг на соодветна методологија во пристапот, честопати доаѓаа до погрешни заклучоци. На пример, Упорната тврдеше дека ознаката на патиката на момчето од втората слика во минатото била ознака за бесконечност и дека оној што ја носел бил како допрен од Бога и дека уживал многу благодати во животот, а и после смртта. Самиот факт дека оваа слика успеала некако да се спаси од забот на невремето бил доволен доказ за моќта на тој симбол. Заклучокот беше дека треба да се бараат остатоци од овој симбол и на други места зашто можеби клучот за 517 лежеше токму таму.

Чепкало се повика на часовите по рецитирање каде што имал забележано одредени скриени пораки во задолжителните похвални песни, па се понуди како релевантен стручњак да ја одгатне пораката од третата слика. Според него, клучот се состоеше во тоа да не се гледа површно и да се дешифрира само видливото, односно буквите кои ги претставуваа споените или искривени раце и нозе, туку да се бара она што телата говорат бидејќи тие се овде јазикот. Па така, иако првичната порака на која упатуваа телесните букви беше LOVE YOU, Трескало заклучи дека телата всушност зборуваат за разделба, тага, за некаква далечина која е повеќе временска, отколку просторна. Ваквата интерпретација беше прифатена со одушевување бидејќи сите сметаа дека овие карактеристики сè повеќе ги доближуваат до нивниот херој, за кој допрва ќе дознаваа многу работи.

Кога ја прашаа Повлечената и таа да каже нешто, отпрвин молчеше, а потоа тивко рече:

- Ми се чини дека треба да ги следиме трагите од првата слика и да откриеме како изгледал овој град некогаш, што имало на местото на безличните блокови, на блуткавите фасади и безимени обелисци што се издигаат до небото. Мислам дека ако вратиме делчиња од градот, ќе го вратиме и него. Имам претчувство дека 517 е запишан некаде во просторот, не со букви, бидејќи нив нема никаде да ги најдеме, туку со некој ѕид, или во некој мост, во некоја пукнатина, во некоја лузна...

(...)

Сегашистка во салон за убавина

- Сега и секогаш.
- Сега и секогаш и вам. Повелете.
- Стандардно сегашистичко дотерување на косата.
- Повелете.
- Ммм, госпоѓо, покрај косата, треба да ги средиме и вашите влакна и нокти, ја надминуваат границата на воочливоста или во спротивно мора да ве пријавиме.
- Оф, секако, секако. А земам и некои апчиња за нерастење, но изгледа не ми делуваат.
- Треба редовно да се јавувате на фризер госпоѓо, ги знаете правилата.
- Да, да, таман работа.
- Сакате да пробате од нашиот нов траен восок? Малку е поскап, но нема да зажалите.
- Може, подобро тоа отколку казна.
- Соблечете се. Сосема.

 

Сања Михајловиќ Костадиновска е родена во 1982 во Скопје. Докторирала на Универзитетот Комплутенсе во Мадрид во областа на книжевните студии и работи како лектор по шпански јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ - Скопје. Добитник е на неколку награди за краток расказ. Пишува проза на македонски и шпански јазик и активно се занимава со превод.

Наградата за најдобар прозен дебитантски ракопис „Новите!“ изнесува 1000 евра и објавување на книгата во едицијата „Катапулт“.

Спонзор на наградата е Комерцијална банка А.Д. Скопје.

Досегашни добитници на наградата „Новите!“ се: Алекс Букарски, Галијана Маркова, Дозгулпмус (Климент Булоски), Ненад Јолдески, Иван Шопов, Хигсов Бозон (Кирил Минанов), Дејан Мирчески, Драган Георгиевски и Михајло Свидерски.

Слики: Свирачиња