Душата на партијата

19.04.2010 09:16
Душата на партијата

 Зошто теологијата повторно се појавува како референтна точка на радикалната политика? Таа не се појавува за да го обезбеди божественото Големо друго кое го гарантира конечниот успех на нашите настојувања туку, сосем напротив, како залог на нашата радикална слобода, без Големото друго на кое би можеле да се потпреме. Фјодор Достоевски бил свесен дека Бог ни дал слобода и одговорност – тој не е беневолентен господар кој нè води кон сигурноста, туку оној кој нè потсетува дека сме препуштени сами на себе.

Господар или другар

Бог за кој зборуваме, пред сè, наликува на оној Бог од стариот болшевички виц за комунистичкиот пропагандист кој, по смртта, се нашол во Пеколот, каде набрзо ги убедил чуварите да го пуштат во Рајот. Кога Ѓаволот го забележал неговото отсуство, отишол кај Бог, барајќи Тој да го врати во Пеколот она што му припаѓа на Сатаната. Меѓутоа: штом му се обратил на Бога со „Мој Господару“, Бог го прекинал: „Како прво, јас не сум Господар, туку другар. Како второ, какви будалаштини ми зборуваш? Јас не постојам! И трето, биди краток: поради тебе ќе задоцнам на партискиот состанок“.

Ова е оној вид на Бог кој и’ е потребен на автентичната левица: Бог кој „станува човек“ – другар, еден од нас, распнат заедно со општествените отпадници – оној кој не само што „не постои“, туку и самиот го знае тоа, кој прифаќа да биде избришан, така што преминува на оваа страна, во љубовта која ги поврзува членовите на заедницата на Светиот Дух (Партијата, еманципаторски колектив). Често го опишуваат католицизмот како компромис меѓу „чистото христијанство “ и паганизмот – но, што тогаш претставува христијанството во самата своја идеја? Протестантизам? Овде би требало да се отиде уште подалеку: единственото христијанство кое и’ е верно на основната идеја, она кое ги повлекува сите консенквенци од својот централен настан – смртта на Бог – е атеизмот. Шпанскиот анархист Буенавентура Дурути рекол: „Единствената црква која шири светлина е црквата која гори“. Бил во право, иако не во анти-клерикална смисла, во која е искажана неговата мисла. Религијата стигнува до својата вистина само преку самооткажување.

Во „Интелектуалниот ѕвер е опасен“, Брехт тврди: „Ѕверот е нешто силно, ужасно, разорно: зборот емитува варварски звук“. Изненадувачки, тој пишува: „Клучното прашање, всушност, гласи: како можеме да станеме ѕверови пред кои фашистите ќе се исплашат за својата доминација?“ Јасно е дека, за Брехт, ова прашање поставува позитивна задача, невообичаен ламент за тоа како Германците, толку културни луѓе, можеа да се претворат во нацистички ѕверови. „Мораме да сфатиме дека добрината, исто така, мора да биде способна да повреди – да го повреди дивјаштвото.“

Мудроста на мудрите

Само на оваа основа можеме да го формулираме јазот кој ја раздвојува источната мудрост од христијанската еманципаторска логика. Источната логика ги прифаќа примордијалната празнина и хаосот како ултимативна реалност и, парадоксално, токму поради таа причина претпочита органски општествен поредок во кој секој елемент се наоѓа на соодветното место. Во самата срж на христијанството стои сосем поинаков проект: оној на деструктивниот негативитет, кој не завршува во хаотична празнина, туку се враќа (и се организира) во нов поредок, и така влијае на реалноста.

Поради таа причина, христијанството е анти-мудрост: мудроста ни вели дека нашите обиди се залудни, дека и онака сè завршува во хаос, додека христијанството инсистира на невозможното. Љубовта, посебно онаа христијанската, дефинитивно не е мудра. Затоа Павле вели: „Ќе ја уништам мудроста на мудрите“(Sapientiam sapientum perdam, како што звучат неговите зборови на латински). Поимот „мудрост“ овде би требало да го сфатиме буквално: Павле ја оспорува мудроста (во смила на „реалистичкото“ прифаќање на нештата онакви какви се), а не знаењето како такво. Применето на општествениот поредок, ова значи дека автентичното христијанство ја отфрла мудроста според која хиерархискиот поредок е наша судбина, мудроста според која секој обид да создадеме поинаков, егалитаристички поредок, нужно завршува во деструктивен ужас. Агапе како политичка љубов значи дека безусловната, егалитарна љубов кон ближниот може да послужи како основа за новиот поредок.

Обликот во кој се појавува оваа љубов е она што би можеле да го наречеме комунизам: напорот да се оствари егалитарниот општествен поредок на солидарност. Љубовта е онаа универзална сила која, во еманципаторскиот колектив, директно ги поврзува луѓето во нивната сингуларност, и ги премостува нивните партикални позиции во општествената хиерархија. Вистина, Достоевски бил во право кога напишал: „Има повеќе социјалисти од кои треба да се плаши еден христијанин отколку социјалисти кои се атеисти“ – да, треба да чувствуваат страв неговите или нејзините непријатели.

Свети Павле ни остави изненадувачки релевантна дефиниција на борбата за еманципација: „Нашата борба не е против крвта и месото, туку против водачите, против властите, против владетелите на темнината во овој свет – космократорас – против духовната изопаченост под небото“ (при обраќањето кон жителите на Ефес, 6:12). Или, преведено на денешниот јазик: „Нашата борба не е против конкретните, корумпирани поединци, туку општо против моќниците, против нивната власт, против глобалниот поредок и идеолошките мистификации кои го одржуваат“.

Мораме резолутно да ја отфрлиме либерално-виктимистичката идеологија која ја редуцира политиката на избегнување на најлошото, на одбивање на сите позитивни проекти и прифаќање на најмалку лошата опција. Како што горко забележал Артур Филдман, виенски писател со еврејско потекло, цената која обично ја плаќаме за опстанокот е – нашиот живот.

Извор: New Statesman

Автор на скулптурите од Лего коцки: Nathan Sawaya

Други текстови од Жижек на Окно:

Најдобро е Косово да се здружи со Албанија

40 години по шеесет и осмата

Аватар е епска потрага по секс

Отпорот е предавство

За слободниот избор

Судирот на цивилизациите на крајот од историјата

Да и’ се покаже средниот прст на идеологијата

Од прататкото до холокаустот... и назад

Ахмадинеџат е исламофашист, а Мусави плаче по минатото

Два тоталитарни режими

Ленинистичка слобода

Прустов прашалник за Жижек

Слични содржини

Општество / Теорија
Општество / Европа / Теорија
Општество / Теорија
Општество / Теорија
Теорија / Историја
Општество / Теорија
Општество / Теорија

ОкоБоли главаВицФото