Спомен куќата МНТ

26.12.2015 13:33
Спомен куќата МНТ

Пред некое време МНТ доби своја „спомен куќа“ т.е. нова „барокна“ зграда. Како резултат на десетгодишната пропагандно-популистичка политика на ВМРО-ДПМНЕ во културата и уметноста, како резултат на тоа груевистичко „фасадерство“, го имаме „барокниот“ МНТ. Едно грдо, нефункционално и неверојатно скапо зградиште. Кое наместо да исчекори напред и да претставува некаков припој на нашата кон современата, модерна, европска култура, ова „франкенштајнско здание“ нè враќа назад низ времето... и така, автоматски, наместо да имаме „жив“ театар, кој пулсира во ист ритам со современте светски театарски текови и трендови, имаме театар кој е нешто како музеј, споменар – споменик, место каде „дедо ќе ни раскаже една стара „комитска приказна“...

Оваа зграда е градена не за да му се даде квалитет плус на културното живеење во Македонија, туку за да се исполнат лични хирови на поединци, и да се ресоздадат урнатите спомени на една генерација која веќе исчезнува (или воопшто ја нема). Со самото тоа реплицирање и клонирање на „мртва“ зграда, наместо да се изгради современ театарски објект, е направен мошне лош чекор во разбирањето на театарот, направена е зграда која иако е театар, повеќе се внимавало да биде музеј на некоја наводна поранешна илузија, се градел нов објект, а се гледало цело време кон минатото, наместо да се гледа сегашноста или барем иднината на театарот во светот.

Денес МНТ, покрај „спомен куќа“, доби и орден... Подобро да не го слушнете моето мислење за овој апсурден, самозадоволувачки чин... Ќе ви ја кажам само првата асоцијација која ми дојде кога слушнав за ова.

Ова ми личи на гуслар, кој без престан пее хвалоспеви за самиот себе, а истиот тој гуслар никогаш не ни видел бој, туку, цел живот, само и единствено, гуслал...

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото