Збор на годината: социјализам

31.12.2015 10:59
Збор на годината: социјализам

Во Америка зајакнува духот на отпорот - побуна против статусот кво, а претседателската кампања на Берни Сандерс е израз на тоа расположение. Затоа беше очекувано дека оваа година зборот „социјализам“ ќе биде најчесто пребаруван збор на Меријам-Вебстеровиот речник (минатата година тоа беше зборот култура).

Денешната американска младина не порасна во сенка на Студената војна. Републиканското оцрнување на социјалистичките идеи само го поттикнува нивниот интерес за социјализмот. За тоа придонесува и иднината со која повеќето млади Американци се соочуваат: ниски плати, раст на студентскиот долг и недостаток на достапни станови. По движењето Окупирај го Волстрит, за младите родени во овој век грд збор не е социјализам туку капитализам.

Луѓето се бесни поради изразените разлики во приходите и системскиот расизам. Гладни се за политички алтернативи кои ќе им служат на нивните интереси и саканите промени наместо на незаситните апетити на Волстрит.

Реизборот на нашата градска управа во Сиетл во државата Вашингтон оваа есен јасно го покажува преовладувачкото расположение. Кога нашата партија Социјалистичка алтернатива првпат победи во Сиетл во 2013, политичкиот и бизнис естаблишмент не нè сфати сериозно. Но покажавме дека социјалистите во Америка можат не само да победат, туку и дека се во состојба да управуваат со политичката агенда на големиот град. На годинешните избори, големите компании и нивните политички претставници организираа кампања против нас, финансирана со големи донации од бизнис секторот, со бројни напади и подметнувања во медиумите.

И покрај тоа што лидерите на Демократската партија на овие локални избори за градското собрание повеќе го поддржаа мојот противник, повеќето демократски гласачи гласаа за мојата отворено социјалистичка програма. Однесовме убедлива победа со 56 отсто гласови. Поставивме нов рекорд со собирање на речиси половина милион долари за кампања - без ниту еден прилог од корпорациите - со просечен износ на донација од 50 долари.

Во 2013 година многумина гласаа за мене и покрај тоа што сум социјалистка. На изборите оваа година имаше повеќе такви што гласаа токму затоа што сум социјалистка.

Нешто слично забележувам и во секојдневниот живот. Пред само неколку години, кога на некоја вечера ќе изговорев дека сум социјалистка, луѓето ќе занемеа и разговорот ќе замреше. Сега истите луѓе се љубопитни, сакаат да знаат што точно значи тоа и ги возбудува идејата за спротивставување на класата милијардери.

Благодарение на кампањата на Берни Сандерс, бројот на луѓе кои чувствуваат привлечност кон социјалистичките идеи порасна и надвор од Сиетл. Лавината пари со кои Волстрит и милијардерите ја опсипуваат Хилари Клинтон не успеа да го запре овој наплив на поддршка за социјалистичкиот претседателски кандиадт. Кампањата на Сандерс штотуку направи историски преседан собирајќи два милиони долари без помош на големите корпорации, со просечен износ на донација од 30 долари.

Постојат важни разлики во историјата на социјалистичките партии и идеи во Европа и Америка - таму овој збор нема горчлив вкус како од оваа страна на Атлантикот.

И во Европа се многу бесни поради строгите мерки за штедење и невработеноста. Работните луѓе во Европа бараат алтернативи за неуспешните и нелојални политички лидери и партии. Поддршката на младите за независност на Шкотска на минатогодишниот референдум и подемот на социјалистите на Џереми Корбин до водечката позиција во Лабуристичката партија покажуваат дека луѓето од работничката класа и младите бараат излез од слепата улица на капитализмот.

Милијарди луѓе денес го отфрлаат владеењето на класата милијардери и се свртуваат кон изворните идеи на социјализмот. Масовното движење на работните луѓе е критично важен фактор ако не сакаме свет опустошен од војни, сиромаштија, бегалски кризи и климатски катастрофи, туку општество способно да ги искористи ресусрите на планетата на начин кој ќе обезбеди одржлив и висок стандард за сите.

Авторката Кшама Савант е активистка, членка на градското собрание на Сиетл, членка на партијата Социјалистичка алтернатива и Американската федерација на локални наставници 1789. Учествувала во успешната борба за минимална надница од 15 долари на час, а во моментов се занимава со кризата на достапни станови.

Авторката на текстот Кшама Савант е членка на градското собрание на Сиетл како претставничка на Социјалистичката алтернатива, партија која од 2013 раководи со овој град.

Извор: The Guardian, 19.12.2015.

Слични содржини

Свет / Теорија
Општество / Европа / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Свет / Историја
Свет / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото