За сликата „Јуда го предава Христа“ од Џото

03.01.2016 23:31
За сликата „Јуда го предава Христа“ од Џото

Во религијата ушите се поврзани со љубомората. Се чини дека Исус ја поттикнувал љубомората од раѓање (оттаму Иродовото непријателство спрема првородените синови) до смрт. Новиот завет не објаснува зошто Јуда го предал Христа на врховното свештенство за триесет сребреници.

Џото се занимава со темава на сликата Јуда го предава Христа (1304-1306) што се наоѓа во Арена-Капела во Падова. Според Евангелието по Лука, 22:3-6 и Јован 13:27, Џото преку црниот демон на грбот ја опишува Јудината ѓаволска опседнатост во мигот. Но не е само Сатаната овде на дело. Џото го облекува Јуда (во уште една мошне возбудлива слика на Јудиниот бакнеж) во блескав жолт плашт. Жолтото често ја симболизира љубомората, како и предавството. Психологот Хавелок Елис во својата „Психологија на жолтото“ (1906) забележува дека „жолтата станала боја на љубомората, зависта, предавството. Јуда бил прикажан облечен во жолто, а во некои земји Евреите биле принудувани да носат таква облека.“ Во раниот период на христијанството, куќите на предавниците, злосторниците и еретиците биле бојосувани во жолто. Значи, Јуда е љубоморен. Сатаната го искористува или предизвикува ова чувство.

Има многу слушање на сликава. Слушањето, а не морничавоста од сатанското присуство (кое повеќе потсетува на пријателски пес отколку на отелотворение на злото) на сликава ѝ дава зголемен набој на чувства. Јуда внимателно го слуша врховниот свештеник чиишто раце се подигнати за да ја нагласи поуката. Свештеникот, сосема десно, внимателно го слуша великодостојникот лево од себе кој, се чини, го коментира или погрешно го разбира она што неговиот надреден му го соопштува на Јуда. А дали Сатаната го бутка Јуда нанапред или му шепоти на уво? Поставката на овие три разговори го формира триаголникот на љубомората. Тоа што сите четири лика пред набљудувачот се поставени странично, по мое мислење, ги нагласува нивните уши уште повеќе. Долгите перјести црни уши на Сатаната делуваат чудно и мило - речиси би им поверувале.

Јудините дела направени од љубомора не му донеле мир или среќа. Понекогаш се зборува дека по предавството на Христа се обесил на дрво од бозел („вилинското дрво“). Постои јадлива печурка која се нарекува „Јудино уво“ (во 19 век нарекувана „еврејско уво“) која расте по дрвја (не само од бозел). Според легендата овие печурки го претставуваат духот на Јуда кој се вратил за да ги потсети христијаните на своето самоубиство.

ОкоБоли главаВицФото