Пара вести 2015 - Избор

05.01.2016 15:11
Пара вести 2015 - Избор

Лектор фатен како не зборува литературно

„Навистина човекот беше многу безобразен, лектор по професија, а зборуваше скопски, беше груб и навредуваше. На што личи тоа лектор да користи таков јазик и да го уништува нашето јазично богатство? Таквите луѓе треба да бидат пример за нас останатите, а не да го расипуваат јазикот“, вели огорчено нашиот соговорник и сведок на немилата случка.

Патриот напишал коментар на кирилица

„Македонија е вечна не го даваме името македонско Античката крв на Гоце Даме Аминта и Пердика тече во нас Македонија е до кај што има Македонци ако стигнавме до Сиднеј ќе стигнеме и до Нептун“, вели Митре Џонс во својот коментар.

Во Македонија сè повеќе зависници од плата

Во Македонија изминативе осум години е зголемен прометот и користењето на платите, а меѓу зависниците има сè повеќе млади, предупредува министерот за финансии Зоран Ставревски.

Интервју со Сашо Гигов-Гиш

Си седев дома, читав поезија од Руми, на пауза меѓу стиховите размислував нешто околу Вилијам Блејк, си спомнав за Џон Ленон и се прашував во која партија повеќе би се вклопил да беше жив - ДОМ, ДПМНЕ или кај Павле Трајанов - кога одеднаш Сузана Спасовска ми јави по гулаб писмоносец дека државата е во опасност. Веднаш доброволно се пријавив за нејзина одбрана.

Вестите на Сител ќе ги води Драган Павловиќ Латекс

„Вестите на Сител со години беа куртон обичен. Од 12 прилози, 7 беа нарачани директно од власта. Такви куртон-вести има уште на неколку канали, па сакавме да се разликуваме од нив и да имаме вести кои се куртон необичен“, велат од Сител.

Дете им здосадило на другарите зборувајќи за своите родители

Четиригодишниот Андреј В. од Скопје речиси се скарал со своите другари затоа што му рекле дека им станал досаден со постојаното зборување за неговите родители.

Старлета која не може да најде работа по струка принудена да бара друга работа

„Има повеќе од една година како не можам да најдам работа по струка. За постојана работа не ни размислувам. Дури ми престанаа и повремените ангажмани, но тоа веќе беше на сметка на некои стари пријателства. Дефинитивно помина златното време кога можеше да работиш 'full time' и притоа да живееш убаво“, ја започнува Тина својата приказна.

Поранешна девојка уценувала македонски фудбалер со снимки од неговите настапи за репрезентацијата

32-годишната Е.П. од Скопје го уценувала своето поранешно момче, инаку познат македонски фудбалер, дека ќе ги објави снимките од неговите настапи за фудбалската репрезентација на Македонија доколку не ѝ купи стан.

Ставрески: Велигденскиот ручек ќе го поминам во друштво на копилиња и лудаци

Овој Велигден зборувавме со министерот за лудило, Зоран Ставрески, кој ни ги кажа своите планови за овој голем празник.

Распишан конкурс за промена на изгледот на Жарко Чаушевски

На конкурсот имаат право да учествуваат пластични хирурзи, стилисти, фризери, кројачи, костимографи, автомеханичари, шминкери, тапетари...

Постигнат договор – Груевски ја убеди ЕУ да го гради „Брисел 2016“ (во барок и класицизам)

Според нашите извори, Груевски успешно успеал да ја убеди Европската Комисија да вложи 500 милијарди евра во новиот проект наречен „Брисел 2016“, кој ќе го смени ликот и ќе ја освежи европската престолнина, по примерот на ултра-успешниот македонски проект „Скопје 2014“.

Ставрески со предавање во контра-кампот: „Како да трошиш за чоколадо, а дома да немаш леб“

Според очекувањата, Ставрески на контра-камперите ќе им објасни како изгледа со години сите да ги правиш будали, а истовремено и самиот да се нервираш, но сепак да имаш самоконтрола и да не дозволиш да те поведе внатрешниот порив да му го скршиш телефонот од глава на кумашинот.

Поради недостиг на марихуана, студент принуден да полага испити

„Сега се спремам и за англиски јазик, а ако кризата на пазарот на марихуана потрае, можеби ќе морам и да дипломирам наредниве неколку години. Се надевам дека тоа нема да се случи и дека пазарот брзо ќе се стабилизира. Што е следно? Можеби да си најдам работа?“, се прашува Мартин.

Православниот огранок на Исламска држава се закани дека ќе ги убие сите што вежбаат јога

„Јогата е сатанско дело на сатанската хиндуистичка религија и секој што ја практикува треба веднаш да се откаже од неа и да се покае и да се исповеда и да дарува пари на Црквата, зашто во спротивно ќе му биде отсечена главата“, се вели во писмото што беше испратено до повеќе медиуми.

Хуман газда отпуштил бремена жена за да може да поминува повеќе време со детето

Хуманиот директор на „Денис експорт комерц“ очекува и другите газди да го следат неговиот хуман пример.

Груевски видел празен тревник и побарал веднаш да се пополни со барокна зграда

Премиерот Никола Груевски денеска, при враќањето од свеченото пуштање селска чешма во едно скопско приградско село, каде што пресекол лента, забележал дека на еден дел во скопската населба Центар имало празен тревник и побарал од своите министри веднаш да се зафатат со негово пополнување. Оваа информација ја објавија од неговиот кабинет, пишувајќи за денешното официјално пуштање во употреба на селската чешма во село Вмровјани, скопско, вредна десет милиони евра.

Македонија крева антички ѕид на границата поради бегалците

Владата на Македонија одлучи на границата со Грција да подигне висок ѕид во антички стил за да ги оневезможи бегалците да влезат во земјата. Ѕидот ќе биде изработен од мермер, а во него ќе бидат вградени јонски, дорски и коринтски столбови.

Грчката мафија ја призна македонската мафија под уставно име

Oд утре и грчката мафија ќе се најде на списокот на организации кои официјално ја признаа нашата мафија под уставното име. Грчката мафија им се приклучи на останатите мафии кои сметаат дека спорот за името на Македонија со грчката држава е билатерален спор кој не треба да влијае на мафијашките односи меѓу овие две мафијашки пријателски земји.

Што научи претседателот Иванов на првиот час по англиски

Се викам Ѓоле Иванов. - I shout myself Dick Iva New.

Јас сум претседател од мали нозе. - I am president since the little legs.

Маја е мојата сопруга. - Maja is my withrailway.

Будистички екстремисти му се закануваат на Западот со мир и хармонија

„Од Њујорк до Лондон, Мадрид и Париз, нема да запреме сè додека секој град не потоне во состојба на целосна нирвана.“

Ликот на административец се појавил на работа!

Од Министерството сè уште не излегуваат со официјален став, но на социјалните мрежи веќе кружат фотографии на кои изгледа дека 42-годишниот Митре Василевски се наоѓа седнат на своето биро и гледа во куп документи.

На токсикологија примени 246 лица кои претерале со дишење

На клиниката за токсикологија во Скопје вчера биле примени дури 246 лица кои во текот на денот се предишале. Докторите имале полни раце работа, а малку фалело да се јави и недостиг од боци со кислород.

Пара вести избор

2011

2012

2014 

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото