Празни зборови

09.01.2016 12:01
Празни зборови

1.

Не знам зошто г-дин Тричковски се откажа (се надевам привремено) од неговите инвентивни споредби на Македонија со Северна Кореја, на Скопјанг со Пјонгјанг, на Ким Џонг Ун со нашиот Гру ев ски, ама неодамнешниот прес на Министерството за (не)култура, во полн состав, беше само уште една потврда за исправноста на неговите споредби. Зашто, ни помалку ни повеќе, актуелниве ни (не)културњаци, на чело со националната министерка за (не)култура, нè просветлија дека тие ја исполниле нивната годишна програма за цели 98 проценти! Па таков процент навистина не остварува ни малион Ким, а нашиов Гру може само да сонува. И не само тоа, туку тие да ти реализирале цели 2.000 проекти во изминатата година, што со проста математика покажува импозантни (речиси) 5,5 проекти дневно!

Извинете, ама ова го нема ни во Франција, ни во Германија, за Америка муабет да не правиме, зашто тие и немаат такво министерство туку кај нив културата е, изгледа, препуштена на улицата. И ако повторно употребите проста математика, испаѓа дека онака седнатото раководство – министер, заменик министер, државен секретар (за кого искрено се чудам што бара во такво друштво?) – дневно реализирале по (околу) 5,5 проекти дневно. (Онаа половинка што преостанува ја оставаат на нивните бирократски глувчиња, да се радуваат дека нешто прават!). Ваква невидена ефикасност на едно министерство е несомнено за почит.

Само не знам дали тука влегуваат и оние проекти што ги работат заедно со владата односно со нашата копија на Ким Џонг Ун. На пример, како онаа „славна“ едиција што никој не ја чита – зашто нивните изданија се буквално нечитливи – а овие (заедно) ја промовираа пред некој ден. И тоа, се разбира, е убава прилика и нашиот Гру ев ски да (се) покаже дека се грижи за културата. Како впрочем и малион Кореец, кој се појавува дури и на концерти во Пјонгјанг, на пример, на Рускиот оркестар на 21-от век, на Моранбонг државниот оркестар, посетува забавни паркови, стадиони итн. А ако ја гледате сценографијата – иста, плукната, пресликана! Само што Ким е многу попристојно облечен.

2.

И човек просто не разбира како не им е срам. После сè што направија, после целава катаклизма во македонската култура изминативе години, после општата партиско-профитерска пљачка во континуитет, тие онака седнати ко на лаф-муабет даваат годишен извештај за тоа што и како направиле, како (да простите) сјебале толку пари. И тоа – на збор, без еден лист хартија, без сериозен документ што би се нарекол извештај за работата на Министерството за (не)култура, тие ни раскажуваат бајки за тоа како тие (повторно да простите) сјебале цел еден годишен буџет. И тоа се повторува од година в година: седнува „госпожа“ министерка, придружена (или не, како кога) од земјоделецот преоблечен во културен работник, и ни раскажуваат нивни скаски како, со крајни напори, успеале – а секогаш успеваат – да ги потрошат сите пари, до денар, на нивни будалаштини. Ете, овој пат, за цели две илјади „проекти“! И таму да ти има сè и сешто: од четири долгометражни филмови, преку 84 премиери во театрите ширум театарскава орденосана земја, па учество на саеми на книги, други гостувања во странство... една (не)култура од која што боли глава. Буквално! Но тие тоа го гледаат и ни го продаваат како не-знам-каков успех, како нешто досега невидено – како да е многу тешко да потрошиш толку пари на глупости – како тие се, ете, оние кои се сетиле оваа земја да ја изнесат од некогашниот комунистички мрак пред светлото сонце од Вергина... Тие дури се фалат и со тоа од што нормалните, цивилизираните земји би се срамеле. Односно тие се фалат со фактот дека „За две години (2014 и 2015) се инвестирани 96.400.000 денари за стимулирање во сите дејности: откупи на уметнички дела, на композиции од класичната музика и на драмски текстови, како и субвенции на странски издавачи кои ќе објават македонски дела“, а што всушност претставуваше директно и типично цензорско мешање на државата во уметноста, дерогирајќи ги притоа законските ингеренции на одделни институции. Кан чев ска, во стилот на превеана пролеткулт првенка, знае што и како им треба на институциите, знае што е вредно во македонската уметност, музика, театар, издаваштво, и тоа го посочува како „вистински модел за стимулирање на уметниците“! Кога навистина би можела да разбере што всушност кажува, со каква глупост се фали!

А директорите на националните институции седат и блеат пред македонската министерска тројка. Ај што блеат тие зашто се и платени тоа да го прават, ама на еден новинар да не му текне да побара бројки, елементарни цифри за реализацијата на таа фамозна годишна програма на тоа фамозно Министерство кое сè работи на жими мајка, некој да побара нормален пишан извештај со финансиски показатели?! И никој да праша како тоа сите други се обврзани да доставуваат секакви извештаи до тоа Министерство, дури од таму да добиле и пет пари, ама тие од Господа дадени национални „културњаци“ не треба никому да поднесат извештај за милијардите потрошени државни пари? Или, ако не повеќе, некој барем да праша што навистина сработило тоа Министерство зашто сето наведено се програми на институциите. Или „госпожа“ министерка мисли дека нивна работа во Министерството е само да трансферираат пари од буџетот до институциите? И да се фалат со тоа како нивен најголем дострел?

3.

Но ние изгледа научивме да (им) веруваме на збор. Та нели се избрани од народот? И можат да прават што и како сакаат зашто како народни избраници тие знаат што треба да прават? А тие пак помислија дека е тоа вистина и се соживеаја со таа и таква улога. Нашите мали Шоиќи, нашите улични битанги и повторувачи самопромовирани во министри и премиери, со купени или којзнае како стекнати дипломи, магистериуми за сенишни невени и докторати за инвестиции на Северниот Пол, тие што секојдневно откриваат дека постоеле книги, па дека постоела уметност, па дека постои театар, е тие наши мали Шоиќи влегоа во филм дека разбираат и што е тоа култура. И пљампаат ли пљампаат за нешта што ни ги знаат ниту пак ги разбираат, редат празни зборови и мислат дека нешто – создаваат.

И, повторно на збор, в година буџетот ќе ги награди со нови 3,8 милијарди денари! Онака, ситно, да имаат за трошок, да се прошетаат повторно „да им дупе види пут“ и да ја „промовираат“ македонската култура и да обноват по некое парче од гардеробата. За тоа време блејачите ќе седат во директорските фотелји и ќе мислат дека и тие, ете, придонесуваат во развојот на фамозната „нова“ македонска култура, онаа на празни зборови и полноустни ветувања.

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Хи Бин

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото