Почина легендарниот Дејвид Боуви

11.01.2016 11:14
Почина легендарниот Дејвид Боуви

Културната икона Дејвид Боуви почина во седумдесеттата година од животот по 18-месечна борба со ракот, соопшти неговото семејство.

„Дејвид Боуви умре мирно, опкружен со семејството, по 18 месеци храбра борба против ракот. Иако многумина од вас ќе ја споделат нивната болка, ве молиме да го почитувате нивното право на приватност додека тагуваат“, објави тимот на Боуви на социјалните мрежи.

Култниот музичар кој во текот на половина век ја одбележа и менуваше музичката сцена пред три дена го прослави својот 69-ти роденден објавувајќи го албумот „Blackstar“. Кон крајот на ноември го објави и првиот сингл и спот од новиот албум, чијашто музика е сместена во уводната шпица и трејлер на ТВ серијата „The Last Panthers“ која од октомври се емитува на повеќе канали во Европа.

Влијателниот пејач, текстописец и продуцент експериментираше со глам-рок, арт-рок, соул, хард-рок, денс музика, поп, панк и електроника во текот на кариерата која траеше речиси 50 години.

Уметничкиот пробив на Боуви се случи во 1972 година со албумот „The Rise and Fall of Ziggy Stardust and the Spiders From Mars“ кој ја претстави ѕвездата како вонземјанин.

Стопувајќи ги британските и јапонските влијанија и рокенролот со театарот, Боуви го создаде живописното андрогино алтер его Зиги Стардаст кое влече корени од повеќе извори: филмот „Пеколниот портокал“, јапонскиот кабуки театар, петпарачката SF белетристика, Џими Хендрикс и (З)Иги Поп, меѓу другото.

Овој период во неговата кариера е фасцинантен бидејќи тој се однесувал како ѕвезда пред тоа да биде; централна тема на албумот од 1972 е неговата „трансформација во рокенрол ѕвезда“. Сржта на албумот е дадена низ митот за животот на една ѕвезда - како забава, возбуда и, конечно, пропаст.

Во 1973 излегува албумот Аладин Сејн. Боуви го коментира: „Мислам дека Аладин не е толку јасно скроен и одреден карактер како Зиги. Зиги е јасен и дефиниран во сферата на взаемното дејствување, додека Аладин на некој начин има краток здив. Тој е и ситуација и поединец. Ги опфаќа и ситуациите, но се однесува и како поединец.“

Зборовите од албумот Аладин Сејн ги слават задоволствата на американската поп култура. Постојано се привикува силата на имиџот, се спомнуваат Че Гевара (Panic in Detroit) и „Очите на Џегер“ (Drive in Saturday).

Две години подоцна го постигна првиот голем успех во Америка со синглот „Fame“.

Меѓу неговите незаборавни песни се „Let’s Dance“ од 1983, „Space Oddity“, „Heroes“, „Changes“, „Under Pressure“, „China Girl“, „Modern Love“, „Rebel, Rebel“, „All the Young Dudes“, „Panic in Detroit“, „Fashion“, „Life on Mars“, „Suffragette City“...

Поради очите со различни бои (последица на школска тепачка) и специфичниот изглед, Боуви беше природен избор за многу необични филмски улоги, а играше и вонземјанин во надреалниот филм на Николас Рег „The Man Who Fell to Earth“ од 1976.

Критичарите беа одушевени и од неговата главна улога во бродвејскиот спектакл од 1980 „Човек-слон“.

Боуви играше и во последниот филм на Марлен Дитрих „Just a Gigolo“ (1978), затвореник од Втората светска војна во „Merry Christmas Mr. Lawrence“ (1983) и Понтиј Пилат во „The Last Temptation of Christ“ (1988) на Скорсезе. Во филмот „The Prestige“ od 2006 го играше Никола Тесла.

Роден е како Дејвид Џонс на 8 јануари 1947, но го променил името во 1966 откако Дејвид Џонс од групата The Monkees стекнал слава.

Свирел саксофон во неколку бендови, а подоцна потпишал договор за Mercury Records каде во 1969 година го објавува албумот „Man of Words, Man of Music“ на кој се наоѓа хитот „Space Oddity“.

Боуви во едно интервју од 1972 го создаде алтер егото Зиги Стардаст. Тогаш ја обои косата во портокалово и носеше женска облека. Албумот стана вистинска сензација.

Тој го промени правецот во 1975, кога стана опседнат со денс/фанк звукот од Филаделфија и го објави албумот „Young Americans“ со синглот „Fame“ кој го напиша заедно со Џон Ленон и гитаристот Карлос Аломар.

По „студениот“ албум „Station to Station“, повторно го промени местото на живеење, преселувајќи се во Германија и објавувајќи го албумот „Low“ во 1977. Toа беше прв дел од неговата „Berlin Trilogy“, на која соработуваше со клавијатуристот Брајан Ино.

Боуви ги разбуди „Страшните чудовишта“ (Scary Monsters) и на тој албум му оддаде почест на Мајор Том, лик од хитот „Space Oddity“, со продолжението „Ashes to Ashes“. Уследија „Tonight“ (1984) и „Never Let Me Down“ (1987), па соработките со Queen, Мик Џегер, Тина Тарнер, The Pat Matheny Group и други.

Го формираше квартетот Tin Machine (неговиот брат Тони свиреше на тапани), но бендот не доби доволно позитивни критики, ниту позначајна заработувачка, дури ни по објавувањето на вториот албум.

 

Дејвид Боуви се враќа на соло кариерата во 1993 со „Black Tie White Noise“ и соработката со гитаристот Мик Ронсон, со кој соработува уште во „Spider From Mars“, а потоа во 1995 го сними „Outside“со Ино и беше на турнеја со бендот Nine Inch Nails.

Се врати во студио во 1996 и го објави „Earthling“ под влијание на електро звукот. Уследија уште два албума: „Hours“ од 1999 и „Heathen“ од 2002.

Боуви беше и продуцент, помеѓу останатите, на Лу Рид, The Stooges и Moot the Hoople, за кои ја напиша и песната „All the Young Dudes“.

Во 2006 година доби награда Греми за животно дело.

Се ожени со Мери Анџела Барнет (позната и како Енџи Боуви) на 19 март 1970, а подоцна го добија синот Зоуви Боуви (денес режисерот Данкан Џонс). Се разведе на 8 февруари 1980 година.

„Ако Зиги го збуни и својот творец и својата публика, добар дел од таа збунетост е последица на сексуалноста“, рече тој за магазинот „Melody Maker“, поради што многумина помислија дека е геј, иако главно се сметаше дека го направил тоа за да разбуди интерес за Зиги Стардаст. 

Меѓутоа, за Плејбој во 1976 изјави: „Точно е - јас сум бисексуален. Сепак, не порекнувам дека многу добро го искористив тој факт. Мислам дека тоа е најдоброто нешто што ми се случило.“

Впрочем, неговата поранешна сопруга Енџи тврдеше дека Боуви имал врска со Мик Џегер.

Уште во 1983 тој за „Rolling Stone“ негираше сè што дотогаш изјавил и рече дека бил „неизјаснет хетеросексуалец“.

Во април 1992 се ожени со манекенката Иман. Ја имаат ќерката Александрија Лекси Захра Џонс, која е родена во авуст 2000 година.