Боуви - приказна за амбивалентноста на современиот идентитет

11.01.2016 15:53
Боуви  - приказна за амбивалентноста на современиот идентитет

Се свртев со лицето кон себе
Но не согледав ни за миг
Како измамникот делува
бавни се за мене таквите проверки. (
Changes)

Ние сме ништо и ништо не ни помага. (Heroes) 

Кога прв пат се појави, Боуви во себе ги носеше одразите на недоумиците предизвикани кон крајот на шеесеттите години, можеби и со смртта на контракултурата. Публиката, се чини, беше спремна за нешто поинакво. Измислените ликови на Боуви - Зиги Стардаст, Аладин Сејн и Тин Вајт Дјук - на поп музиката ѝ донесоа дотогаш ретко видено ниво на перформанс и театралност. Боуви подобро од другите разбра дека музиката најмногу се „впива“ низ визуелните прикази. Профилите на ѕвездите, интервјуата за медиумите и политиката на имиџот не беа зачини, туку она најбитното - да се биде виден и забележан. Изгледаше дека Боуви е отелотворение на едно ново општество изградено така што прашањата на полот и сексуалноста се доведуваа во сомнеж, а јавноста се поттикнуваше да ги истражува прашањата на идентитетот.


Пред сè, Дејвид Боуви беше за промена. Тој ги артикулираше задоволствата на мутацијата: зошто да бидеш она што си бил вчера ако утре можеш да станеш нешто друго? Во седумдесеттите Боуви наполно сфати дека веќе никој во нашето општество не може да си дозволи да остане ист. Немилосрдната логика на модерното, која постојано се заканува да го уништи нашиот моментен начин на живот, значи дека сите сме во опасност да закржлавиме. Додека шансите во играта на постојаните промени се нееднакво распоредени, се чини дека Боуви својата публика ја потсетува дека постојат повеќе начини да се учествува во играта. Тој вели дека играта со маски и бесконечното пронаоѓање на себе можеме да го претвориме во уметност. Иако е тешко да ги отфрлиме претходните идентитети и своите „јас“, сепак приказната на Боуви ни служи како потсетник дека таквите разиграни стратегии никогаш не можат да ги замаскираат личните видови на болка.


(...) Всушност, ако Боуви е промена, тој е и спротивност. Неговите личности - популарен забавувач, авангарден уметник, сексуален провокатор, чувар на културата, боем и радикал, бизнисмен и уморна поп ѕвезда - се дел од неговата приказна, сите заедно.

(...) Во едно интервју од 1999 година Боуви вели: „Во поп културата ја придвижив идејата за создавањето кое расте како топка снег што се тркала. Во почетокот на седумдесеттите реалноста и старомодната чесност на многумина ин станаа здодевни, луѓето беа уморни. Мислам дека бендот едвај разбираше што сакав јас, но сметав дека би било супер да создадеме нешто толку вонземско и нереално и да го држиме како жива икона. Така настана приказната за Зиги. Многу од тие работи настанаа од моите проблеми. Тоа беше начин на себесоздавање.“

(...) Приказната на Боуви е приказна за амбивалентноста на современиот идентитет. Почнувајќи од раните седумдесетти, Боуви многу повеќе од кој било друг човек направи ова прашање да стане средишно во нашите животи. Тој го протресе целото општество кое се бори со прашањата на нормалното и различното. Кога се сомневате во старите сигурни нешта, тогаш е централна тема на нашето време - во што да се претворам, што да станам. Ова нè мачи многумина, вистински и подлабоко од прашањето на технолошката промена или дури и глобализацијата.


Боуви живееше во време кога општеството можеше да го уреди идентитетот така што ќе го уништи или одново ќе го дефинира. А ова сега е доба на настанувањето. Без сомневање, иако понекогаш помалку успешно, тој придонесуваше за нашето сфаќање на овие аспекти на модерниот идентитет. Централната порака е дека секој од нас мора да го избере и облече своето „јас“.(...)

Во својот мит за Надчовекот Ниче вели дека луѓето можат да научат како да живеат според различни вредности. И навистина, би можеле да измислиме нови кодови и вредности и истовремено да живееме во постојана опасност, на работ од некој нов морал. Иако постојат многу контроверзи во она што го подразбирал Ниче по ова прашање, младиот Боуви ова недвосмислено го сфатил како повик за пронаоѓање на нов имиџ, на исконски презентации и на ново „јас“ во времето на масовната култура. За животот да има смисла, Боуви предлага човекот да се пронајде себеси во фрагментите на комерцијалната култура. Смислата не е она што се открива, туку она што се создава. Сметам дека тоа не е само тема на творештвото на Боуви од раните седумдесетти, туку на неговата уметност воопшто.


Кој би помислил дека стариот андрогин рокер ќе стане татко и среќно оженет маж? Кој можеше да предвиди дека неговата кариера толку многу ќе им значи на толку многу луѓе и дека и во новиот милениум тој ќе биде со нас, инсистирајќи да размислиме уште еднаш?

Причината за фасцинираноста со Боуви е и начинот на којшто тој го мултиплицира нашиот поим за можното. Отсекогаш бев убеден дека сите имаме исти можности да се реконструираме, онака како што тој предлагаше, но Боуви најмногу придонесе за да ги начнеме конзервативните идеи според кои ни преостанува само да се занимаваме со себеси онакви „какви што сме си дадени“. Промената е секогаш присутна, барем како амбивалентна можност. Оваа порака Боуви со години ја пренесуваше кон публиката ширум светот, што е доволна причина до го разбираме сериозно. Што и да се случи со Дејвид Џоунс, Дејвид Боуви и понатаму ќе биде со нас.

Извор: Nick Stevenson, DAVID BOWIE, 2006.

ОкоБоли главаВицФото