За сликата „Киклоп“ на Одилон Редон

12.01.2016 01:54
За сликата „Киклоп“ на Одилон Редон

Мошне далеку во сликањето на очите оди Одилон Редон. На неговата слика „Киклоп“ од 1914, Киклопот е вистински џин, иако повеќе наликува на полжав отколку на старец (како што бил прикажан, на пример, од Гистав Моро триесетина години порано). Да го погледнеме само тоа око. Има и мала злобна насмевка. Можеби е задоволен што ја шпионира голата Галатеа или можеби токму го парчосал Акида и се чувствува слободен довека непречено да ја прогонува. Вниманието е насочено кон тоа едно големо, длабоко сино око (да ги забележиме исто така и неговите уредни и напнати мали уши). Дури и преубавата нимфа е како флека во креветот од цвеќе на којшто лежи, без лице.

За Редон, едното Полифемово око што ѕури ја прикажува љубомората што ја предизвикува Галатеа. Сè е во постојаниот, незаситен поглед. Сликата укажува на тоа дека зголемените очи можат да бидат најдобар визуелен симбол за љубомората. Не е чудно што душите на завидните се на втората тераса од Дантеовото чистилиште. Тие признаваат дека гледањето на другите било нивна пропаст („кога ќе здогледав весел човек / ќе побледев од мака налудничава“), а очите им се зашиени.

Латинскиот збор invidia означува љубомора или завист. Во врска е со латинскиот глагол video, што значи гледам, и би требало да се преведе како набљудување, но често значи да се гледа попреку или можеби дури, во послободен превод, под око. Љубоморните личности не им гледаат на другите во очи. Гледаат наоколу, демнејќи, барајќи опасност.

ОкоБоли главаВицФото