И Груевски заминува поради „невозвратена љубов“?!

12.01.2016 13:28
И Груевски заминува поради „невозвратена љубов“?!

Еве уште една историска година за Македонија: 2016.

Некако, за последните 25 години, секоја втора година ни е историска, бидејќи кога ќе фати човек да се присетува, ние нон-стоп сме на работ на некакво да-се-биде-или-не: првите две-три години од деведесеттите се осамостојувавме низ војни во соседството и разни конфузии дома; па дојдоа економските блокади и борбата за меѓународно признавање; па атентатот врз Киро Глигоров; па кризата со косовските бегалци; па безбедносната криза во 2001-та; па загинувањето на Борис Трајковски... па две-три малку помирни и поспокојни години до ветото за прием во НАТО во Букурешт во 2008 и, потоа, убиствениот налет на Фамилијата врз македонската економија, разорувањето на институциите и демократијата во земјава.

Тој налет беше навистина тешко да се издржи. Четвртина од населението, тој најсилен потенцијал за некаков политички коректив во земјата, трајно се исели од татковината (според најновите „научни“ толкувања на режимот, заради проблеми со „невозвратената љубов“); друга четвртина заради разни политички и социо-економски причини е на работ на одлуката да го стори тоа; третата четвртина незаинтересирано си молчи и е решена да докаже дека, под геслото „има и полошо“, во Македонија има подобри услови за живот од оние на Марс; за, конечно, последната четвртина, со бројни помлади кадри од провинцијата, да се насладува во надежта дека, ако беспоговорно се следи Главата на Фамилијата и нивниот „гудфелас“ стил на живот, може да се пробие во оние 1-2 насто од „Големото Барокно Добро Утро“ на нацијата кои самостојно решаваат за тоа колкав процент и од следните 500 милиони евра задолжување на земјата ќе се распределат по приватните сметки на поддржувачите на режимот.

Би можело да се тврди дека единствениот реален политички успех во овој процес е што, плус-минус, во сите наведени четири четвртини од невеселата македонска популација постои етничка пропорционална распределба, за „рамковен“ мир в куќа.

И на оние што си заминаа и на оние што се останати сè им е јасно. Нетрпеливоста и цинизмот се главните алатки за анализа на политичките собитија во земјава. Одмаздата е главниот политички мотив кај мнозинството од оние кои се занимаваат со политика. Кај мнозинството од тоа мнозинство преoвладува различен степен на расположение кое најточно би можело да се опише како очај. Има и едно малцинство трајни и повремени будали, многу од нив и со докторски дисертации. Тие будали се најгласниот дел во пропагандата низ етаблираните медиуми во земјава.

Во такви економско-политички и кадровски околности, влегуваме во историската 2016. Мора да признаете, после дрилот во последните десетина години, свежи сме и црвени во образите како покојниот дедо Пантелија.

СРЕДНОВЕКОВНА ДЕМОКРАТИЈА

Е, па, и годинава нè чека забава до бесвест! Прво, ќе има избори – најверојатно одложени: на сите им е јасно дека се потребни барем уште неколку месеци за, барем на хартија, да се постигнат договорените изборни реформи од Пржино и дека „драмата“ со одлагањето на изборите не е врзана со самите изборни услови, туку со функционирањето на Специјалното јавно обвинителство. ВМРО вели дека непочитувањето на договорениот изборен датум – без разлика на непочитувањето на договорените обврски за да се стигне до тој датум – „повлекува“ непочитување на целиот Договор од Пржино, а пред сè на она што најмногу ги „боли“, врзано за работата на Специјалното обвинителство.

Со други зборови, Фамилијата би сакала да оди на избори пред асолно да биде обвинета, а можеби и поапсена, заради криминалите за кои многу основано се сомничи. Тие сакаат темелно да ја редефинираат суштината на правната држава: дека секој оној кој, евентуално, ќе го обнови политичкиот легитимитет на избори – е над законот, бидејќи законот е донесен во име на народот, кој нив ги реизбрал на избори, па кога ќе дојдат во колизија изборниот и правниот легитимитет, победува оној кој владее, независно од тоа што вели законот!

Ова, во суштина, е средновековно толкување за тоа како треба да функционира нашата модерна држава, но современите автократи себе се поистоветуваат со волјата на народот, без разлика што им одговара демократски да владеат со освоен легитимитет од само 20%-30% од тој „народ“. Бидејќи, немајте сомневање, дека кога, евентуално, повторно ќе бидат реизбрани на власт, првата работа што „легално“ ќе ја направи новата мултиетничка влада на Фамилијата (откако, најпрво, ќе ја задолжи земјата со нови 500 милиони евра) ќе биде распуштање, со гласање во Собранието, на Специјалното јавно обвинителство. А потоа ало-ало-Зврлевски (со асистенција на трајните и повремените пропагандни будали на власта) ќе биде оној кој повторно ќе биде единствениот надлежен за апсење во државата и за толкување на законот во име на народот.

ВО ЗИМО – БЕЗ РАКАВИЦИ?

Во ваквото толкување на македонскиот „демократски модел“ проблемот на Груевски не е СДСМ, туку меѓународната заедница. Таа, (за) сега, инсистира на почитување на законите, пред почитување на изборната волја на гласачите, каква и да била или каква и да биде таа волја. Тоа, ако сакате, е и најболниот удар што СДСМ му го нанесе на Груевски во 2015 година: СДСМ суштествениот политички судир со ВМРО успеа да го изнесе на „светлото на денот“ на меѓународната јавност, каде ало-ало-Зврлевски и трајните и повремените пропагандни будали на Груевски немаат никакво влијание. Груевски, знаејќи ја „слабоста“ на меѓународните кон регионалната стабилност, се обиде на тоа да контрира со дестабилизирање на земјата – да го уапси Заев за наводен „пуч“; да ги влоши меѓуетничките односи со безбедносниот дебакл во Куманово; итн. – но и со нудење на „луле на мирот“ во спорот со Грција, ставајќи се на располагање на меѓународните посредници за секаков компромис за името кој би гарантирал политички, а не правни критериуми за негов спас од кризата во која се најде Македонија. Оваа „топло-ладно“ стратегија кон странците, до сега, не му даде голем резултат на Груевски, освен ако и самото останување „во игра“ веќе не е значителна придобивка за него.

Затоа и понатамошната разрешница на оваа политичка криза лежи во рацете на комесарот Хан и на американската администрација, бидејќи тие треба да решат, откако се потпишаа како гаранти на Договорот од Пржино, дали Македонија ќе продолжи да се движи во правецот на автократското толкување на „демократијата според Груевски“ или во правец на „демократијата според правната држава“. Хан, како поранешен директор на најголемиот казино-бизнис во Австрија, би требало да ги разбира сите ризици, блефови и влогови во „коцкарницата Македонија“. Но, и поширокиот контекст игра значајна улога, па треба да се види дали наглото пост-изборно „автократизирање“ на Полска, продлабочувањето на автократијата во Унгарија, европската криза со бегалците, британскиот „ЕУ блек-џек“ и, воопшто, германската и француската позиција кон сите овие проблеми (а Путин и Ердоган да не ги ни спомнувам!) ќе придонесат за расчистување со ваквите мали балкански деспоти каков што е Груевски. Плус, „невидливата рака“ на Американците е, секако, подолга од „раката на ВМРО“, само не знаеме дали топлото зимско време ќе влијае да се симнат ракавиците...

ПРОПАГАНДНА ЧОРБА

Инаку, јасен е лекот за ова суштинско газење на правната држава, ако падне одлука таа, правната држава, „да го врати ударот“ кон политиката: се чини дека Специјалното обвинителство има и отповеќе основани тешки криминални индиции за да поапси пред избори – и до 24 април, секако – половина од Фамилијата, на чело со двајцата нејзини главни патрони. Па, потоа, нема проблем, одиме на избори.

Дури, зошто треба изборите да се одлагаат со закажан датум за тоа? Зошто да се прави истата грешка како минатото лето во Пржино? Еве еден предлог: изборите во Македонија да се одржат дури откако г. Прибе, во нова мисија за рентген-снимка на нашите институции, ќе констатира дека за тоа се создадени услови. Значи, остварувањето на условите, а не датумот, да се пресудни за македонскиот демократски расплет. Баталете ги марифетите на Груевски и неговото препелкање во сопствената пропагандна чорба за „невозвратената љубов“ од народот кој го напушта – демократската иднина на Македонија е поважна од поименичниот расплет на „специјалните“ кривични процеси во државата. Тие процеси, впрочем, може да траат и со години.

Тие избори ВМРО е сигурна дека ќе ги добие, СДСМ е сигурна дека нема да ги изгуби, а ДУИ знае дека по изборите ќе седи во која било идна влада на Македонија. ДПА и да ја снема од политичката сцена, никој нема да забележи, бидејќи Тачи сеедно ќе тврди дека тој е единствениот победник на изборите. Другите албански партиски алтернативи, ако не се надминат себеси и не се обединат, ќе ги нема во идното Собрание на Републиката. Но, навистина, доколку профункционира правната држава во Македонија и се случи да имаме навистина демократски избори, дали е важно кој ќе победи, а кој ќе ги загуби следните избори.

Извор: Слободен печат
Слики: Свирачиња