Очите на Дејвид Боуви

12.01.2016 16:53
Очите на Дејвид Боуви

Дејви Џонс, 1965

Неовоземните нивоа на Боуви се поставени на тој начин што неговите рани години сега изгледаат како научно-фантастична серија за вонземјани ангажирани во бавно навлегување во некое приградско не-место. Такво таканаречено не-место, би бил, на пример, Бекенхам. Дали тинејџерскиот вонземски лик на оваа фотографија навистина може да измами некого? Како прва забуна доаѓа името. Дејвид Џонс! Премногу е самосвесно обично за да биде веродостојно, и покрај она нагалено „Дејви“. Еве што би рекол професорот Кватермас, доколку му дозволеа да напише колумна во NME: Годините на борба на Боуви - реклами за сладолед, пропаднатите сојузи со бендовите наречени Riot Squad или The Konrads – беа марсовски трик кој ни даваше лажно чувство на сигурност.

Дома, 1972

Како што е случајот со многубројните естетски шеми кои Боуви ги измисли за себе во текот на децениите, Шер би можела да изгледа добро во ова парче облека: комбинација со психоделичен дезен погодна за негативец од Бетмен или за некој од ликовите од филмот Merry Pranksters, на Кен Кеси, но носена со став на некој кој настапува на аудиција за улога на Дева Марија. Ајде да не го канонизираме ретроспективно, иако Боуви беше познат само како автор на Space Oddity (1969), една од најпознатите евокативни аурални приказни која некогаш била произведена, но сепак, во суштина, ова е еден оригинален албум кој може да стои рамо до рамо со Two Little Boys на Ролф Харис.

Њујорк, 1973

Сите најдобри инвазии на вонземјани - Марсовци, Далекси, Трифиди - почнаа во Велика Британија. Зиги Стардаст направи планетарен успех во едно од изданијата на Top of the Pops на BBC, и, кога тој ја стави едната рака околу вратот на гитаристот пеејќи го рефренот на мелодијата позајмена од Џуди Гарланд, природата на оваа инвазија беше јасна. Овој портрет сведочи за неговата борба со Американците: заробен во студиото RCA во Њујорк, во јануари 1973 година, го прикажува Зиги подготвен за трансатлантската публика. Чудна комбинација од меланхоличната убавина на Лорин Бекол, и костим кој потсетува на мулти-колоритните костими на ликот наречен Волшебниот Свирач (Pied Piper) од старата германска легендата од градот Хамелин. Фотографија која би можела да се именува како „know-your-enemy“, наменета за конзервативни родители со мрзливи синови.

Омотот на Албумот Aladdin Sane, 1973

Изгледа како уште еден голем чекор во далечната иднина, или надвор од границите на Сончевиот систем, но шминката и кожата од алабастер не се вонземски феномени. Тие се позајмени од концертна сала, а додека ѕвездите како Боуви умираа, во 1940 година беше родено едно дете. Па, еве една домашна задача: Прогуглајте „George Chirgwin, the white-eyed Kaffir “. Можеби не треба да го пикаме носот секаде, но сепак погледнете ја оваа бела дијамантска шминка на лицето на Боуви: тоа е еден едвардијански Боуви. Фотографијата на Брајан Дафи го дефинираше изгледот во кариерата на Боуви, и оној на поп музиката од 1970-тите. Во 2003 година се појави на насловната на Vogue, со Кејт Мос како Боуви. Тоа не му се случува на Роџер Вотерс.

Семејството Боуви, 1974

Портретот на Питер Мејзел ја доловува необичноста на семејните вредности на Боуви. Енџи, Дејвид, и младиот господин Зоуви фотографирани до оградата со големи столбови, како што Геинсбороу би можел да ги долови. Енџи дошла на забавата како PVC верзија на Војвотката од Боуфорт. Господарот на големата палата изгледа како Рамон Новаро - сомбреро, тесни црни панталони, зелена свилена блуза. Пиратскиот превез на окото сигурно не го прави да изгледа како семеен човек. Зоуви, патем, сега е Данкан Џонс, 41-годишниот филмски режисер одговорен за „Moon“ и „Source Code“, од кого постојат слики кои се само малку почудни од оваа.

Турнејата Diamond Dogs, ноември 1974

Рок ѕвезди кои себеси си измислуваат персона. Еден од нив е, на пример, Гери Глитер кој често се затвораше во таа измислена личност. Оваа фотографија покажува колку Боуви беше премногу немирен за сместување во каква било категорија. Кучешката мутантска верзија на Зиги Стардаст стои на обвивката на албумот Diamond Dogs, но овде, на турнејата, Боуви веќе го усвои изгледот на момчето со бела душа со неговиот следен албум, Young Americans. Што точно е тој? Интровертен Френк Синатра кој штрајкува со глад? Четвртиот јавач на Апокалипсата? Неговото користење на големи количини на кокаин може да го даде одговорот: човек кој со болка, но сигурно оди напред, зад орбитата на неговите стари пријатели и влијанија.

The Man Who Fell to Earth, 1976

Доколку Боуви беше роден пред Ал Џолсон, можеби ќе беше одлична филмска ѕвезда: некоја чудна фигура, нешто помеѓу Валентино и Макс Шрек. Merry Christmas Mr Lawrence (1983), го искористи како светилка која предизвикува ефект на бледило. Absolute Beginners (1986) го направи опасен Фред Естер. Со филмот The Man Who Fell to Earth, режисерот Николас Рог му доделува улога за која Боуви секогаш претендирал: пратеник од друга планета, совладан од бучавата и трката по материјалното на земниот свет. И како што лежи во својот кревет, тиранизиран од одекнувачката бесмисла која се прикажува на ТВ екраните на ѕидот, тој е еден вид типичен модерен обичен човек.

Каверот на Lodger, Мај 1979

За неговата трета соработка со Брајан Ино во Берлин, по „Low“ и „Heroes“, Боуви му дава на албумот необична обвивка: фотографија на која е прикажана криминалистичка сцена во тоалетот во уметничкото училиште на која Боуви е претставен како случајна жртва со скршен нос. Дизајнот е на поп уметникот Дерек Бошиер, современик на Дејвид Хокни. Лигава фантазија за растењето на еден хипстер кој танцува во тоалет. На сликата го гледаме Боуви на пат кон она што се чини дека е неговата конечна мутантна форма: познавачот, колекционерот, патронот, човек во квалитетен костум на врвот на висока швајцарска планина.

Ashes to Ashes/Scary Monsters, 1980

Некаде постои паралелен универзум во кој Боуви се пензионира по неговата Берлинска трилогија и стана совршено олицетворение на 1970-тите години, налик на Вера Лин во воените години. Всушност, со оваа слика, повторно дело на Брајан Дафи, и поставена на насловната страница на албумот Scary Monsters, со чкртаници и пастели во стил на калифорнискиот постмодернизам, Боуви ја избегна деценијата која го создаде. Искинатото балско здолниште, цигарчето со кое потсетува на Марлен Дитрих и чудната убавина која му ја дава ружот: сите овие елементи се предупредувачки истрел испукан од „њувејверите“ и новите романтичари, како знак дека тие се на негова територија, а не обратно. Историјата би сугерирала дека е во право.

Турнејата Serious Moonlight, 1983

Ова е форма во која поголемиот дел од светот го знае Дејвид Боуви, не како светликавиот поборник на „педерскиот рок“, или бељаџијата од уметничкото училиште, туку повеќе како златна статуа на врвот натопена со сладолед. Турнејата Serious Moonlight не беше шега: таа продаде 2,6 милиони билети во 16 земји. Тоа му донесе една генерација обожаватели, премногу млада за да се сеќава на првите слетувања на Месечината. Оваа турнеја му ја зацврсти позицијата која сè уште ја има: поединец со бескомпромисна чудност кој би можел да наполни стадион со само еден клик со своите долги, ковчести прсти.

На островот Mistique, заедно со Иман, 1992

Светлината што паѓа на оваа фотографија доаѓа од омиленото место на принцезата Маргарет на Карибите. Фотоапаратот му припаѓа на дванаесеттиот Гроф од Дрогеда. Боуви никогаш не бил почуден отколку кога позира со неговата жена Иман, чија најпозната филмска улога беше Камелеоидот Марша, која еднаш го исплаши и капетанот Кирк. Таа е облечена како да се подготвува да оди во диско на Алдебаран 5, а тој наликува на богаташ кој се однесува како Валаби Џим од филмот Wallaby Jim of the Islands. Ова е портрет на чуден брачен пар, со примеси од фазата на приземјување на Боуви. Синџир, обетка... Многу од тие елементи можат да се видат во Бекенхам.

Извор: www.intelligentlifemagazine.com