За „Blackstar“, последниот албум на Дејвид Боуви

14.01.2016 04:37
За „Blackstar“, последниот албум на Дејвид Боуви

DAVID BOWIE
BLACKSTAR
2016, ISO/Columbia


Пред три години Боуви предизвика бурни реакции со промовирањето на албумот „The Next Day“ по долга пауза од десет години. Во последниве два-три месеци Боуви повторно беше во центарот на медиумското внимание пo промовирањето на видеото „Blackstar“ кое е увертира за најновиот албум „Blackstar“, официјално најавен за неговиот роденден на 8 јануари 2016 година. Само неколку дена потоа Боуви го напушти овој свет, но на сите ни остави огромно поле на музички материјал кој ни ги збогатуваше и сè уште ги збогатува нашите животи.

Албумот „Blackstar“ содржи седум композиции, продуциран е од долгогодишниот соработник на Боуви, Тони Висконти, реализиран со џез составот на Дони МекКаслин, чијашто база е сврзана со остри електрични звуци, хип-хоп, експериментирање. Албумот секако има реминисценција на дел од фазите на Боуви, но тоа зависи и од индивидуалното доживување на песните. Исто така има и нешто ново, примарно третманот на вокалот, во песната „Blackstar“. Р. Барт во анализата за „the grain of the voice“, вели дека музиката и јазикот можат да бидат споени и дека преку вокалот на пејачот или пејачката може да се инхибира нивното физичко присуство преку главната креација, музиката. Ова физичко присуство не е дел од јазикот, тоа е активно и постои преку пеењето и веќе може да има комуницирање и доживување пред јазичната анализа или значење на текстот на песната.

Не е примарно што значат конкретно, зборовите туку е важно одредувањето на смислата сама по себе. Во овој контекст, кога ја слушаме „Blackstar“ без да обрнуваме внимание на зборовите, ја доживуваме музиката, преку новиот начин на пеење со интензивното треперење, вибрирање на вокалот во првиот дел од песната, до јасното водење на вокалната мелодија во вториот дел од песната. Траењето на песната е двојно подолго од вообичаеното траење на рок песните, десетина минути. Саксофонистот МекКаслин изјави дека насловната песна е инспирирана од ИСИС. Ако започнеме да ја анализираме содржината на стиховите, тогаш преку споменувањето на егзекуцијата, симболот на црната ѕвезда, може да се заклучи дека имаме многу лоша состојба, криза, насилство на глобално ниво, и дека е потребна катарза.

Аспектот на катарзата Боуви го навестува во видеото на „Blackstar“ кое има три дела, поврзани со музичката содржина. Првиот и неговото повторување се темната страна, додека вториот дел е поведрата страна од содржината. Во песната има три карактери на Боуви, првиот наместо очи има копчиња, вториот карактер е на почеток на вториот дел, кога од темнината се раѓа светлината. Третиот карактер е проповеднички, со книгата со црна ѕвезда на корицата, кој исто така се наоѓа во вториот дел. Но, со враќање на темнината, ритуалот изведен само од жени и главата на астронаутот/вонземјанинот (темата за космосот е дел од творештвото на Боуви уште од крајот на 60-тите), Боуви завршува во страв дали ќе се случи катарзата во светот.

Во видеото за песната „Lazarus“ Боуви ја продолжува приказната од видеото на „Blackstar“ преку ликот со копчињата на очите. И овде има лично, субјективно прочистување или обновување на Боуви, кога ќе се јави вториот лик. Не ни станува досадно - Боуви мисли на тоа преку новиот концепт на музичката основа во „Lazarus“. Во неколку песни Боуви е инспириран од англиската историја и уметност. По завршувањето на аудио снимката на Blackstar, почетокот на втората песна „'Tis a Pity She Was a Whore“, со ритамот на ударната секција, полиритмијата меѓу инструменталните делници, водечката импровизација на саксофонот, креира простор исполнет со жестина, и енергичност. Текстот е инспириран од една од најконтроверзните англиски трагедии од поетот Џон Форд од 17 век, поврзана со темата на инцестот.

Истовремено Боуви изјави дека оваа песна е инспирирана од уметничкото движење во Англија на почетокот на 20 век, vorticism, или ако тие уметници би создавале рок музика, би звучела како „'Tis a Pity She Was a Whore“. „Во Girl Loves Me“, Боуви употребува англиски сленг од геј заедницата во Лондон кој се користи во средината на 20 век, а истовремено се инспирира од сленгот во филмот „Пеколен портокал“. Сето ова може да се сврзе преку симболичното насочување кон човечкиот примитивизам, насилството, дивјаштвото присутно во сите историски периоди.

Албумот се заокружува со песната „I Can't Give Everything Away“. нејзиниот вовед звучно нè носи во периодот на албумот од 90-тите, „Black Tie White Noise“, и делува пак да се враќаме на почеток на албумот, пак да го слушаме, да размислуваме која е всушност смислата на албумот, или кои се клучните пораки: дали наскоро навистина може да имаме катарза?

Си мислам на Боуви и на стиховите на „Lazarus“, дека на овој или оној начин веќе е слободен како сината птица.

ОкоБоли главаВицФото