За смртта на Махир

14.01.2016 19:23
За смртта на Махир

Најтешко е да се пишува за луѓето кои ги сакаме, бидејќи љубовта го прави јазикот тежок, особено кога тие луѓе кои ги сакаме веќе не се тука и не можат да не слушнат. Жал ми е што не можам точно да го опишам чувството на изгубеност кое го имате кога ќе видите некој во ковчег: голото тело е завиткано во чаршаф, положено на даски, и таа глетка свирепо ве соочува со фактот дека човечкото тело е кревко, дека тоа е само прав и пепел. Без разлика дали верувате во Бог или не, кога тоа тело еднаш ќе го спуштат во земја, веќе нема да можете да го прегрнете, нема да можете да му се насмевнете или да му кажете колку го сакате.

Загубата е уште потешка кога тоа тело има четиринаесет години, кога тоа тело ви било драго, сте го знаеле неговото име и презиме, сте знеле дека не сака брендирана облека бидејќи е прескапа, кога знаете дека тоа тело било попаметно од другите, многу постари тела, дека тоа тело знаело некои нешта, дека тоа тело знаело дека не е ништо друго освен тело.

Кога пишувам за Махир чувствувам неопислива загуба, бидејќи јазикот, колку и да е моќен, не може да ви го врати телото кое веќе го нема. Тој не може да го прегрне, да му се насмевне или да му каже дека го сака. Тешко е сето тоа да се прифати и разбирам зошто луѓето се свртуваат кон вербата во задгробниот живот, но јас не можам, како што не можеше ни Махир. Јас не верувам во Бог, и кога не верувате во Бога - телото е сè што имате. Замислете тогаш колку морате да се дислоцирате од тоа тело, за да добиете порив да се одречете од него, за да се убиете.

Во својата книга „Од другата страна на вината и задоволството“, Жан Амери пишува за тортурата која ја преживеал во нацистичкиот логор Бриндок во Белгија. Тоа искуство на Амери беше првото нешто на кое помислив додека ми зборуваа за мачењето и силувањето кое Махир го доживеа во Интернационалното училиште во Сараево. Со првиот удар, како што вели Амери, исчезнува довербата на жртвата во светот. Жан Амери или Махир Раковац, сеедно, човек е, како што вели пистелот, во егзистенцијална смисла целосно скршен кога некој друг физички ќе го совлада, а не може да очекува никаква помош.

„Границите на моето тело се граници на моето јас“, вели Амери. Насилникот ја наметнува својата телсност, „влегува во мојот личен простор и така ме уништува“, а траумите кои настануваат со тоа мачење, траат сè додека телото кое ја доживеало тортурата – е живо. Личноста која еднаш била мачена, тоа искуство секогаш одново ќе го преживува, бидејќи тоа е втиснато во неа, дури и кога „не постојат траги кои можат клинички да се докажат“.

Но, најлошо од сè е тоа што болката која Махир и Амери ја доживеале е надвор од границите на јазикот: единствениот начин да ни ги опишат ужасите низ кои поминале, да ја опишат болката која ја почувствувале, би бил, да ни ја нанесат истата таа болка. Но, знаеме дека тоа е невозможно, бидејќи никој од нив не бил мачител и не сакал да стане мачител.

За да може Махир на својата мајка, мене или на кој било друг да му ја објасни сопствената траума, би морал да нè мачи, додека не нè натера да го спознаеме сопственото тело онака како што го спознал тој: како место на длабока неправда и болка, место трајно обележано од туѓото насилство и целосно отсуство на помош. Махир кренал рака на себе бидејќи сакал тортурата да престане, неговото тело да ја заборави и да биде повеќе од она на што мачителите сакале да го сведат, да биде повеќе од жртва, да биде Махир Раковац, личност со име и презиме достојна за нашето внимание и поддршка.

Јавноста, медиумите и поединци во Босна и Херцеговина, овие денови постојано пишуваат за заминувањето на Махир во ахирет, повикувајќи се на Алах и неговиот морален авторитет, на правда која на „оној свет“ сигурно ќе биде задоволена. Но за нас, кои не веруваме во тоа небесно израмнување на сметките, таа идеја не претставува никаква утеха, ниту правда. Махир се самоуби поради тоа што некои други физички го повредија интегритетот на неговото јас: тие го врзале за радијатор и го тепале, го соблекле гол, го принудувале да се бакнува со својот пријател и да вели дека е хомосексуалец, и го силувале со сукало.

Таквите повреди нанесени на туѓо тело не би смееле да бидат препуштени на божјиот суд, туку би требало да бидат во надлежност на секуларното правосудство кое човечкиот живот го вреднува повеќе од нечии лукративни верски убедувања. Покрај тоа, Бог не е материјален како што е сукалото, а имагинарната казна која се повикува на божествениот бес, е ништо во споредба со болката која на човек од крв и месо можат да му ја нанесат садисти, без оглед на тоа дали биле малолетни или не.

Тврдењето на Амери дека злото не е банално, најдобро го потврдува случајот со малолетните силувачи и мачители на Махир. Нема ништо побанално во фактот дека неговите врсници моќта ја усвоиле како насилство врз оние кои се различни, над оние кои не зборуваат со јазикот на омразата.

Не е случајно што Махир го нарекувале педер, Тузланец, каравлах, бидејќи тоа се идентитетски одредници кои требало да го дискредитираат, да го направат помалку вреден во однос на силувачите кои припаѓаат на оној модерен бошњачки тип кој се негува денес во Сараево, а тоа се, за оние кои не се запознаени со денешното Сараево, тип на луѓе кои одат во шопинг во центарoт BBI, бидејќи таму не се продава алкохол и свинско месо, а има и џамија (месџид). Што ако за време на шопингот ненадејно ти се појави порив за молитва (намаз)? Мораш некаде да се помолиш. Сигурно нема да се поклонуваш и молиш насред Конзумот на Тодориќ?

Директорот на училиштето во кое беше силуван Махир, Рамазан Џингил, на турски јазик, во дневникот на телевизискиот канал Face, оправдувајќи ги насилниците тврдеше дека тие се „само деца“. Но децата никогаш не се само деца. Ако децата беа „само деца“, Махир ќе беше жив, а немаше да постојат ни некои од најдобрите филмови на Ханеке за монструозните малолетници. Детето силувач не е само дете, бидејќи силувањето не е нешто со што експериментираш во училиште, па потоа го надраснуваш.

Не, силувањето имплицира дека некој психички и физички сакаш да го уништиш, дека во него сакаш да ја убиеш вербата во светот и во општеството. Во истото она општеството во кое го негираш своето насилство, бидејќи мислиш дека си над него затоа што редовно одиш на богослужба и во шопинг. Тоа „само дете“ на Рамазан, ќе израсне во она што се родителите, директорите и наставниците, ќе израсне во луѓето од кои научило дека луѓето од Тузла се атеисти, педери и безвредни, и дека таа нивна ништожност не може да ја сокрие никаква училишна униформа. Тоа „само дете“ на Џингил, израснато со убедувањето дека различните деца како Махир не заслужуваат да живеат, ќе израсне во човек кој на различните луѓе како Амери, не им дозволува да постојат.

Пред да се случи замена на тезите, а сигурна сум дека тоа ќе се случи, важно е да се истакне дека насилството на врсниците не е резултат на видеоигрите. И Махир исто така ги играл. За развојот на децата во Босна и Херцеговина, многу поопасни од современата популарна култура се инвестициите од Блискиот Исток, кои настојуваат да го уништат секуларно општество и на луѓето да им наметнат вредности кои немаат никаква врска со југоисточна Европа.

Да отсуствуваш од работа или од настава за да ги направиш петте дневни молитви? Да правиш договори за работа во џамија? Мене тоа не ми звучи како секуларна држава. Саудиска Арабија, Катар, Обединетите Арапски Емирати, Турција, како главни инвеститори? Постои цена што треба да се плати за сите тие џамии кои никнаа по војната, а таа цена не е мала и полека стигнува за наплата. Срамно е што Махир кој имаше четиринаесет години тоа го знаеше подобро од повеќето возрасни Босанци. Може да се каже дека тој „Бог, кој секогаш е на страната на богатите“, го почувствува од прва рака и не го преживеа.

Босна моментално е нефункционална, импровизирана држава во која институциите, вклучувајќи го и образованието, не си ја вршат својата работа. Со оглед на тоа дека ништо не функционира како што треба, БиХ во последните дваесет години стана основа за различни малверзации и кражби, за отворање на сомнителни невладини организации, проблематична приватизација, перење пари преку очајни градежни проекти - листата продолжува во недоглед. Накратко, Босна се претвори во игралиште за транзициски пробисвет кој во деведесеттите години заработуваше на туѓата мака, шверцувајќи храна, оружје и лекови, а потоа продолжи со својот мирен „економски раст“ и стана т.н. елита.

Овие луѓе сега имаат потомци, тие потомци имаат пари, а тие пари ја имаат државата. Резултат на тоа се државните институции кои им служат на приватните интереси, бидејќи со губењето на секуларното општество се изгуби и идејата за јавно добро. Затоа, од обраќањето на родителите на Махир, Алис Махмутовиќ и Дубравко Ловреновиќ, јавноста беше многу потресена: тие ламентираа не само за загубата на детето, но исто така и за губење на општеството, и судејќи по големата поддршка која ја добија од јавноста, и таа јавност плаче заедно со нив, колку поради Махир, толку и поради општеството кое го остави на цедило.

Интересно е тоа што најнепотребните текстови и критики на сметка на споменатата елита и Интернационалните училишта кои се раководени од Турците, пишуваа за Алиса и Дубравко, бидејќи јавноста на Босна и Херцеговина не знае соодветно да реагира и могу брзо паѓа во некој патос и националнен занес од кој, објективно и правно гледано, немаме никаква корист ни ние, ниту Махир. Новинарите и интелектуалците во Босна и Херцеговина се исто така изразено сентиментални и ретко кога ќе посегнат по подлабока и поисцрпна анализа.

Во Босна сè се завршува набрзина, со импресионистички коментар или лична полемика, па и фактот дека Ловреновиќ, во најтешките моменти, заедно со Алиса, медиумски ги повика институциите и одговорните луѓе, поднесе кривични пријави, што беше изненадувачки за босанскиот контекст. Мислам дека тоа е една од главните причини поради која јавноста се крена на нозе. Но, не смееме да заборавиме дека Дубравко Ловреновиќ сепак е медиумски експонирано име, па се плашам да помислам што би било кога Алиса и тој, случајно, наместо универзитетски професори беа припадници на некоја друга, помалку ценета и платена професија.

Друга важна причина за јавна поддршка е тоа што отворено се проговори за силувањето. Главниот сведок, врсникот и пријател на Махир кој откри низ што поминале заедно, беше исто така силуван и се обиде да се самоубие. Но, за разлика од родителите на Махир, неговата мајка не сака да се соочи со траумата на нејзиниот син и, наместо на психолог, го однесе надвор од земјата.

Во конзервативните верски заедници, кои отворено дискриминираат, тешко е да се разговара за сексуално насилство, дури и кога тоа не е резултат на нечија сексуална патологија, туку е садизам од друг вид – од оној кој не пружа сексуално задоволство, туку симболизира чиста моќ која одлучува за нечиј живот или смрт. Тоа играње Бог не го спречува силувачот да верува во Алах и да оди во џамија, бидејќи силувањето со сукало во овој случај е исто како одење во џамија, знак на привилегирана општествена положба и недопирливост.
За да ги исправиме овие нарушени вредности, тоа институционално насилство потпомогнато од странски и домашни инвестиции (ака корупција), мораме да го елиминираме чувството на срам и страв кое го имаат жртвите на насилство. Треба да ја охрабриме жртвата и да ѝ помогнеме јавно и отворено да му се спротивстави на насилството, треба да бидеме покрај неа и да не ја осудуваме. Жртвата никогаш не е виновна.

Се разбира дека сексуално насилство е родово обележано и јавноста е згрозена, затоа што за силувањето на момчиња и мажи не се зборува, бидејќи тоа не е „нормализирано“, како што е случај со силување на девојки и жени, но за таа разлика ќе проговориме во некоја друга прилика. Значи, треба, пред сè, да се сензибилизира јавноста до тој степен што жртвата, без оглед на полот, веќе нема да чувствува ни трошка срам, затоа што ќе знае дека општеството нема да ја стигматизира, казни или дека нема да дозволи насилникот да ја уништи. А тоа не може да се случи во општество кое не е секуларно, бидејќи религиозните книги, за жал, често се извор на кој насилниците се повикуваат за да ги оправдаат своите постапки. Особено кога станува збор за Босна и Херцеговина.

Што понатаму? Со оглед на фактот дека јавноста е на страната на родителите на Махир, „загрижените родители“ на учениците осомничени за силување и мачење, чии имиња се познати во полицијата, се надевам и на Кантоналното обвинителство - ќе настојуваат преку социјалните мрежи и медиуми да ги пласираат лагите кои оваа поддршка би требало да ја разнишаат.

Притоа мислам на платените профили, ботови, платените текстови во „пријателските“ на медиуми кои родителите на Махир ќе ги прогласуваат за лажговци и насилници, за да може вината за неговата смрт да се префрли на нив. Таквите кампањи се вообичаена пракса на луѓето кои имаат многу пари и влијание, а немаат образ. Се разбира дека ме плаши исходот од судскиот процес бидејќи знам до кој степен Босна е пропадната држава, но се обидувам да не мислам на најлошото, бидејќи Махир најлошото го доби со својата смрт.

Извор: muf.com.hr

ОкоБоли главаВицФото