Време е за храбри и нестандардни медиумски политики во борба против пропагандата

18.01.2016 14:42
Време е за храбри и нестандардни медиумски политики во борба против пропагандата

Од секојдневното медиумско труење на јавноста со манипулации и со невистини, зависи опстанокот на актуелната власт и егзистенцијата на системот на менаџирана демократија, односно актуелниот авторитарен режим во Македонија. Медиумите за оваа власт се клучни за уште една украдена изборна победа годинава, какви што ги имаше во 2011, 2013 и во 2014 година. Тоа не смее да се дозволи, дури ни по цена да мораме да примениме невообичаени или дискрециони политики во медиумската сфера.

 

Во медиумската сфера опозицијата има тешка задача да смисли и да понуди мерки и решенија, кои би биле во рамките на демократските политики и на македонскиот Устав, што е многу тешко во ситуација кога слободата на изразување е загарантирана и секакво легислативно „замешателство“, кога е во прашање слободниот збор, е проблематично. Креаторите на уставите, и кај нас и во светот, не помислувале дека во демократско општество еден единствен силен центар на моќ или партија на власт би можела до таа мера да ја первертира слободата на изразување, што нејзината злоупотреба би станала секојдневна појава. Никому не му паднало напамет дека би се појавил властодржец, кој до таа мера би го нарушил демократскиот консензус што како свој начин на владеење на јавната сцена би ги присвоил невистините, манипулациите, полувистините, говорот на омраза, дискриминацискиот говор, замената на тези и тоа толку многу што тие би станале секојдневие и алатка во градење не на демократски систем, туку на „заробена држава“ (state capture) и креирање на нешто што се сведува на тнр. „менаџирана демократија“. Ова, пак, нема врска со вистинската демократија. Станува збор за нејзин скриптиран и сценаризиран привид. Токму тој привид е многу тешко да се сруши и да се скрши. Особено што не се менаџирани само медиумите, туку е менаџиран и стравот, односно уфрлањето точно одредени дози страв, пред сѐ, кај администрацијата и кај сопственото членство, кои ги знаат манипулациите и криминалите на своите шефови, но се доволно уплашени да не излезат во јавноста со нив.

Во таква ситуација, авторитарниот режим силно се потпира врз својата пропаганда, која го снабдува и со манипулации за секојдневен опстанок, со муниција за контранапади и со фалби за потхранување на сопственото его. На секој недемократски систем потребна му е пропаганда. Тоа, веројатно, најдобро се илустрира со парите што авторитарните режими ги трошат на неа. Путин, на пример, за својот пропаганден ТВ-канал РТ (претходно Russia today) троши 450 милиони долари годишно. Од друга страна, вкупниот буџет на американските власти за програма на руски јазик во 2015 година не изнесуваше повеќе од 23,2 милиони долари. Разликата е речиси 20 пати.

 

ПРОПАГАНДАТА ФУНКЦИОНИРА

Нешто слично се случува и во Македонија. Според сопственото признание на власта, нејзините кампањи, чија цел е финансиска корупција на медиумите, изнесуваа меѓу 7 и 9 милиони евра годишно. Овој износ е без бројните тендери за „видеовести“, кои ги добиваа провладините портали, без парите за „владини проекти“ наменети за провладините медиуми, без присилните претплати на провладините весници и списанија по државните институции, без рекламите на државните/јавните претпријатија и на приватните фирми блиски до власта. Од друга страна, пак, средствата на меѓународните донатори за медиумски проекти и медиумска поддршка, кои во најголем дел одат за критичките медиуми (без кои значителен дел од нив не би ни постоеле и тогаш би имале речиси комплетно еднопартиско новинарство) не изнесуваат повеќе од 0,5-0,7 милиони евра годишно. Да не заборавиме само да додадеме дека сосе попустите, кои власта ги добива од провладините медиуми, таа, всушност, добива количество на пропаганда кое вреди многу повеќе од објавените 7-9 милиони евра годишно, при што независни институции преку пресметки на потрошеното време по телевизиите доаѓаат до износ од 18 милиони евра.

Но, за власта и ова не е доволно. Токму затоа и во изминатите години на медиумско-пропаганден план, таа презеде редица чекори за да ги засили своите стеги врз медиумите: директно финансиско помагање да се отворат куп провладини портали, купување на шест локални ТВ-станици стратегиски разместени низ Македонија, скорешното отворање на нов кабловски провладин национален канал, а од друга страна, пак, затворање на критичките медиуми, како „А1“ и трите весници на Перо Наков, потоа затворањето и попречувањето на кабловските ТВ-канали „А2“ и „А3“, преземање на медиумски куќи како МПМ и менување на нивната уредувачка концепција, смени на уредници во низа редакции, укинувањето на дистрибуцијата и продажбата на печатените изданија критички кон власта на редица фреквентни локации во сопственост на провладини бизнисмени, закани врз биснисмените кои се рекламираат во критичките медиуми и слично. И ова нема да престане. Зошто? Па, едноставно, зашто пропагандата функционира. Иако е точно дека веќе спомнатата РТ, на пример, на меѓународен план е неуспешна и покрај сите напори да се претстави во поинакво светло, сепак, пропагандата на Путин на национално ниво и тоа како функционира. Нема на друг начин како да се објасни неговата голема популарност пред војната во Украина (83%) и нејзиниот пораст (на речиси 90%) денес и тоа во ситуација кога земјата е вмешана во две војни (Украина и Сирија) и кога се наоѓа под западни санкции. Сето ова потсетува и на пропагандата на Слободан Милошевиќ во 90-тите години до минатиот век, кога белградска „Политика“ објавуваше нарачани „писма од читатели“, кои здушно го бранеа актуелниот режим, а националната српска телевизија ги прогласуваше земјите-членки на НАТО за фашистички, како што тоа денес го прават најекстремните провладини колумнисти овде во Македонија.

И Груевски, како и Путин и Милошевиќ, се крсти во својата пропаганда како едно од најважните средства за сопствениот опстанок. Станува збор за постојано и секојдневно политизирано бомбардирање со невистини, полувистини и манипулации на кое граѓаните на Македонија не биле подложени никогаш во историјата, па дури ни во време на комунизмот, кога ваков пропаганден интензитет не беше ни можен со оглед на тогашното далеку пониско ниво на технолошки развој на медиумските технологии. Ова во голема мера помага да се зацврсти режимот, како што за таа намена служеше, сега веќе знаеме, и петгодишното прислушување, кое овозможи целосно следење на секој чекор – и на опозицијата (на првата прес-конференција од „бомбите“ Заев рече дека сите кандидати за пратеници на опозицијата, до последен, биле прислушувани), на новинарите, на дипломатите, на сопствените министри и пропагандисти и на којзнае кој сè не друг. Сега, кога прислушувањето е разоткриено и повеќе не може да му помогне на режимот, потпирањето врз медиумската пропагандата е уште поважно.

 

СО ПРОПАГАНДА НАПРЕД!

Кога режимот е во криза и кога задолжувањата во странство се до некаде ставени под контрола со влезот на опозицијата во министерството за финансии, кога корупцијата преку пензиите, социјалната помош и земјоделските субвенции, исто така, поради влез на опозициски министри и заменици-министри во надлежните министерства, се, исто така, ограничени, единствено нешто што може да се врши без поголеми ограничувања е пропагандата. И од неа власта нема лесно да се откаже. Особено зашто нејзиното непрекинато практикување се покажа многу успешно.

За време на есенските посети на Груевски и на другите министри низ македонските села и градови во режираните настапи, единствени медиуми кои беа повикувани да ги следат ваквите посети беа трите провладини телевизии и јавниот сервис. Другите медиуми беа држени настрана и не им беше дозволено или не беа информирани за можат да присуствуваат на овие режирани и скриптирани пропагандни скечеви за да не ја откријат измамата со претходно поставените микрофони на реверите на политичарите од власта, кои овозможија телевизиите да добијат чист тон од блиските претходно подготвени и извежбани средби на владините функционери со „народот“, односно со селектирани партиски функционери, партиски именувани директори на јавни и на државни институции и со послушници. Има ли и некоја друга причина зошто се викани само националните телевизии? Да, има. Причината е што 84 отсто од граѓаните на Македонија вести добиваат токму од ТВ-екраните, а вестите во најголем дел се гледаат на овие национални ТВ-станици, како што покажуваат истражувањата (страници 22, 34 и 40) и тоа и зашто нивниот сигнал мора да биде пренесуван од сите ТВ-оператори по сила на закон со оглед на нивните национални лиценци и заради секојдневното задушување на ТВ-публиката со турски серии и со српски реални шоуа.

„Поседувањето“ на трите национални провладини ТВ-станици и на јавниот сервис, како и на националната новинска агенција МИА, е од суштинско значење за режимот. Покрај тоа што овие медиуми служат за директно пренесување на режимската пропаганда, нивните прилози и вести потоа се шират и низ другите телевизии, локални и регионални, како и врз националните и локалните провладини портали. И сето тоа се изведува преку еден центар, што значи дека јавноста добива „прочистена“ порака, која е целосно под контрола на власта. Овие медиуми, исто така, служат и да ја нивелираат секоја предност која опозицијата би можела да ја добие на јавната сцена и тоа преку дистрибуирање на измислени контраафери, а сè за да се поништи предноста на опозицијата стекната со објавувањето на прислушуваните разговори, да ѝ се натоварат исти или слични скандали и, конечно, на јавноста да ѝ се наметне мислењето дека сите се исти, дека криминалите од прислушуваните разговори не се ништо особено и на тој начин да се разводни шокот со кој македонската јавност се соочи откако беше запознаена со внатрешните механизми на функционирање на актуелната длабоко криминализирана власт. Единствен начин криминалците во политиката да го „разводнат“ сопствениот криминал е да направат сè што е во нивна моќ и другите играчи на политичката сцена да ги прикажат во исто светло за да го деморализираат и дезориентираат гласачот , како и да го убедат дека во такви околности воопшто не вреди да се излегува на гласање. Во таква ситуација, изборите ги решаваат партиските војници, послушници, клиенти, како и површно и манипулативно (дез)информираната јавност, слоеви кај кои власта ужива предност со оглед на долгиот период за нивно корумпирање и манипулирање што го имаше на располагање. А, за имплементација на ваквото сценарио пропагандата е повредна од злато.

 

МОЖНА ЛИ Е АНТИПРОПАГАНДИСТИЧКА ДЕЗИНФЕКЦИЈА?

Надминувањето и неутрализирањето на современата авторитарна пропаганда е многу тешко. Новинарството не е суд и не трпи внимателно, екстензивно, бавно и грижливо разгледување на докази и испитување на сведоци. Тоа нема моќ никого да натера да ја говори само вистината под закана на затворска казна и затоа на манипулациите им е лесно да се протнат и да ја загадат вистината. Особено зашто современите авторитарни режими сега веќе се искусни, владеат цела деценија и повеќе во некои земји, знаат како да ја манипулираат домашната јавност и тоа многу успешно, знаат што треба, а што не треба да кажат, како да ги прикријат своите национал-шовинистички погледи и ставови преку реторички гимнастики или да им остават на своите пропагандисти да ги искажат наместо нив, како да ги корумпираат коалициските и другите партнери за овие да не можат да се свртат против нив и слично. Знаат до некаде и како да „играат“ со странскиот фактор, познавајќи ги неговите ограничувања, интереси, но и стравови од евентуална регионална и интерна нестабилност, опасност од национална имплозија или меѓуетнички судири, знаат како да манипулираат со вниманието на странскиот фактор и да ги спроведуваат авторитарните политики и криминалните дела додека неговото внимание е на друго место и слично.

Во ваква ситуација, кога едната страна масовно ги изигрува демократските правила, кога се држи само до словото, но не и до духот на законите, кога институциите, кои се основа на државите повеќе од кој било друг фактор, а кои се едноставно преземени од режимот, партизирани и одамна ја заборавиле својата улога, демократските политики имаат ограничен опсег и можност за успех. Работите се толку многу испервертирани што авторитарната власт во земјава, кога станува збор за медиумите, на пример, инсистира да се усвои и имплементира кој било медиумски закон на која било земја-членка на ЕУ, однапред знаејќи ги ограничувањата на таквите закони и знаејќи дека тие можат да бидат изиграни, особено зашто по 10 години разнебитување на медиумскиот сектор власта има голема предност на овој план, која тешко дека би можела да се стигне.

Затоа и заедничко прифатливо решение за реформите во медиумскиот простор не е дури ни на повидок, а секој ден нивно одложување, во ситуација кога договорениот термин за избори од 24 април наближува, е голема придобивка за режимот на Груевски, можност уште еден ден неколку стотини илјади гледачи, односно читатели да бидат манипулирани и подложени на пропаганда од телевизиските вести забетонирани меѓу турските серии и српските реални шоуа. Секој ден ваква неограничена, дел црна, дел фалбаџиска провладина пропаганда, значи ден помалку на јавноста да може да ѝ биде претставено на конкурентен начин објективно и балансирано информирање, кое е неопходно ако сакаме изборите да бидат фер и демократски, но и ако сакаме да се справиме со злоупотребата на слободата на говорот, за која мора да се најде чаре за да ни закрепне и да заздрави демократијата во земјата.

 

ДЕТОКСИКАЦИЈА НА ЈАВНИОТ ДИСКУРС

За сето ова е потребен комплот од повеќе европски закони, но и наши оригинални решенија со оглед на оригиналните околности во кои се наоѓаме и кои се сосема поинакви од оние во европските демократии. На пример, британскиот медиумски регулатор „Офком“ (ofcom), покрај тоа што проценува редица други законски и финансиски карактеристики на фирмите што сакаат да отворат национални телевизии, какви што се, на пример, финансиската одржливост и евентуалната капитална поврзаност со други видови медиуми, го проценува и личниот интегритет на нивните акционери, односно нивното однесување и на деловен, и на политички и на јавен план. На австралискиот медиумски магнат Руперт Мардок, на пример, кога се дозна дека новинарите во неговиот неделен весник „Њуз оф д ворлд“ (News of the World) хакирале телефони на редица јавни и обични граѓани во Велика Британија, а за да добијат лични информации на забранет начин, не му беше дозволено да го докупи во целост кабловскиот оператор BSkYB, во кој поседуваше 39 отсто од акциите. Ова не му беше дозволено дури ни откако го укина „Њуз оф д ворлд“ и ги избрка сите вработени на улица. „Офком“ самостојно и суверено може да одлучи кому да додели или да одземе национална лиценца во секое време, ако некои од овие критериуми не се задоволени. Кај нас, кога станува збор за сопствениците на националните телевизии, на пример, значителен дел од нив би паднале на тестот на личниот интегритет и со оглед на тоа што голем дел од нив се транзициски богаташи и олигарси, и со оглед на фактот што редица од нив имаат сомнителни зделки во своето минато, кои им овозможиле да го натрупаат своето денешно богатство, а дел и сомнителни политички ангажмани во комунистичкото минато.

Потоа, последната одлука на Агенцијата за аудио и аудио-видео и медиумски услуги (АВМУ) да не го следи известувањето на порталите во текот на идните избори, зашто тоа никаде не се правело во Европа, е крајно сомнителна со оглед на фактот што, исто така, никаде во Европа не се случува секој ден, по неколкупати дневно понекогаш, еден текст во период од неколку часа да се појави на страниците на 15-20 најчитани национални портали, текст за кој веќе и врапчињата знаат дека претставува нарачка и дека потекнува од еден партиски центар. А, да не говориме, пак, за тоа што интернет-порталите се најзначајни и „најефикасни“ ширители на говорот на омраза и на дискриминацискиот говор со оглед на брзината на објавувањето на информациите, овозможено од технолошката природа на овие медиуми. Нема во Македонија илјадници и илјадници портали за да не може да се формираат објективни критериуми и методологија која би овозможила фер и објективно следење на нивното информирање. Особено зашто во земјава имаме и комерцијални агенции за следење на посетеноста на порталите, како што имаме и агрегатори на вести од порталите, кои веќе имаат изградено критериуми од кои портали се агрегираат вести, а од кои не, имаме институција која ги доделува и ги контролира интернет-домените, и, конечно, има веб-алатки како Alexa.com и Google Analytics, кои можат да помогнат во составувањето на една ваква методологија. Известувањето на МРТ и на МИА, исто така, е крајно неприфатливо, особено кога станува збор за отворениот бојкот на активностите на опозицијата и нивното отворено ставање на страна на власта и на владејачката партија, иако се финансирани од сите граѓани. Уште полошо кај овие медиуми е фактот што својот пропаганден отров го истураат и надвор од границите на земјата (кај иселениците и кај странскиот фактор преку сервисите на англиски јазик).

Во секој случај, за да се справиме со безобразната пропаганда на актуелниот авторитарен режим, ќе бидат потребни решенија кои можеби и ќе одат по работ на уставните можности што ги нудат демократските политики, каде што веројатно ќе бидат потребни и решенија чиј начин на усвојување ќе заличува на донесување декрет или практикување на дискреционо право. Тоа можеби ќе бидат неопходни начини да се справиме со овој наплив на невистини и на манипулации, кој секојдневно, па и повеќепати дневно, го труе јавниот дискурс и го разјадува и националното, меѓунационалното, економското, социјалното и граѓанското врзивно ткиво на македонската држава. И, да, покрај нестандардни политики, ќе биде потребно и време, време за „депропагандизација“, односно прочистување на свеста на македонскиот граѓанин по повеќегодишното информативно труење на кое е подложен. Многу повеќе време отколку еден фантомски изборен рок кој пристигнува за помалку од три и пол месеци и за кој власта се држи како „пијан за плот“, надевајќи се дека дотогаш сѐ уште ќе може да ги администрира големите дози пропаганден отров за загадување на свеста на гласачкото тело во своја корист.

 

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Jeffrey Chong Wang