Замина Алан Рикман, филмската ѕвезда што секогаш му се навраќаше на театарот

18.01.2016 17:06
Рикман

Британскиот актер Алан Рикман почина на 69 години во Лондон, пишува Гардијан. Веста за смртта ја потврди неговото семејство во четвртокот, како и податокот дека актерот боледувал од рак.

Рикман беше препознатлив за многу генерации благодарение на последните улоги во филмскиот серијал за волшебникот Хари Потер. Но, зад него стојат уште многу театарски претстави и филмови, уште откако првпат ја прифати улогата на големото платно, во 1988 година, во „Умри машки“ каде што го глумеше Ханс Грубер. Улогата ја доби два дена по пристигнувањето во Лос Анџелес.

Многумина се сеќаваат на улогата на озлогласениот шериф од Нотингем, во филмот „Robin Hood: Prince of Thieves“, од 1991, или онаа на Распутин, на HBO, од 1995 година. Ја одигра и улогата на „маж на платно“ со Ема Томпсон во филмот „Love Actually“ од 2003 година. Со Ема Томпсон соработуваше повеќепати, а таа, со нејзината мајка Филида Ло, глумеше во неговиот режисерски првенец, драмата „The Winter Guest“ од 1995 година.

Сепак, Рикман е актерски талент кој најсилната потврда за тоа ја доби низ театарот, на кој постојано му се враќаше во текот на својата кариера. Најмногу се истакна во 1986 година, со улогата на виконтот Валамонт, саркастичниот заводник во претставата работена според романот „Les Liaisons Dangereuses“ („Опасни врски“). Со таа улога беше номиниран за наградата Tony, а неговата колешка, актерката Линдзи Данкан за неговата изведба изјави: „Гледачите излегуваа надвор од театарот со желба за секс, и тоа по можност со Алан Рикман.“

Рикман работеше во компанијата Royal Shakespeare, глумеше со Хелен Мирен (тој во улога на Марк Антониј, таа Клеопатра). Работеше и во Olivier Theatreu, но имаше и голем број други значајни улоги. Во 2005 година ја режираше наградуваната претстава „My Name is Rachel Corrie“, која ја напишаа тој и Кетрин Винер, а текстот го составиле од мејловите на активистката која ја прегази булдожер додека протестираше против акциите на израелските воени сили во појасот Газа.

Рикман во текот на целиот свој живот беше политички активен. Како што и самиот еднаш рече, дека се родил „како член на лабуристичката партија“, и постојано им помагаше на различните хуманитарни организации кои им помагаат на младите уметници во сиромашните земји.

Тој веруваше дека целта на уметноста не е само забава, туку и едукација, па во тој контекст еднаш изјавил: „Талентот е генетска случајност, но и одговорност.“

Рикман и неговата сопруга Рима Хортон беа заедно уште од тинејџерските години. Тaа се занимаваше со економија и беше членка на лабуристичката партија. Се венчаа дури во 2012 година, иако беа заедно од 1965 година.

За неговата улога во „Распутин“ освои Златен Глобус и наградата Еми, а наградата BAFTA ја доби за улогата во „Робин Худ“, додека Оскар никогаш не освои. Но, како што и самиот во една прилика истакнува: „Улогите освојуваат награди, а не актерите, и не треба човек премногу да се оптоварува со тоа.“

Рикман почина набрзо откако заврши два филма чија дистрибуција се очекува кон крајот на оваа година, а тоа се филмовите „Eye In The Sky“ со Хелен Мирен и „Alice Through The Looking Glass“. Роден во Лондон во февруари 1946 година, Рикман ја започна својата кариера во театарот, пред во осумдесеттите години да се обиде да глуми во неколку телевизиски драми. Најпознат е по улогите во кои глуми негативец, веќе споменатите Ханс Грубер и шерифот од Нотингем, и судијата Турпин во „Sweeny Todd“. Својата понежна страна ја покажа во филмовите „Sense and Sensibility“ (1995) и „Love Actually“ (2003).

Извор: Jutarnji list

ОкоБоли главаВицФото