Партиски кич-проекти наместо квалитет и уметност

21.01.2016 02:27
Партиски кич-проекти наместо квалитет и уметност

Во годишната програма на Министерството за култура наместо од национален, доминираат градежни, естрадни и кич-проекти од партиски интерес, кои добиваат многу поголема поддршка од државата, додека уметноста и квалитетот континуирано опаѓаат, оцени Роберт Алаѓозовски, претседател на Комисија за култура на СДСМ. Од ресорното министерство му одговорија дека нема капацитет да препознае што е полезно за македонските уметници, ниту да предложи каква било иницијатива или проект со кој ќе го унапреди културниот амбиент.

- Имаме сознанија дека комисиите не биле самостојни во изборот на автори што треба да добијат пари за проекти. Комисиите внесувале во Програмата имиња по налог и доделени се пари главно на непознати автори. Конечните верзии на т.н. проекти на авторите и на Програмата се кроеле во партиски штабови и во кабинетот на министерката Елизабета Канческа-Милевска. Се поддржуваат во голем дел кич-проекти на естрадни ѕвезди и манифестации поврзани со власта или аматерски проекти, во кои го нема ни основното – резиме. Ете затоа Министерството ја објави годишната програма во викенд, среде празници – за да се обиде да ја скрие од јавноста и од фелата. Министерството продолжува да ги поддржува мегаломанските проекти и тендери во стилот на владеењето на Никола Груевски. Не го интересираат културните работници, уметниците и публиката - вели Алаѓозовски.

Тој нагласува дека усвоената програма од страна на Министерството за култура не поддржува уметнички квалитет. Истражувањата на СДСМ покажале дека во целокупниот буџет на Министерството за култура, финансирањето на културните дејности континуирано опаѓа, од 53 отсто во 2006 на 18 отсто во 2011 година. Најголемиот дел од средствата, преку 72 отсто, се трошат на градежна оператива и слични интереси на власта. Затоа една од најважните мерки на СДСМ е реформа на системот на финансирање на културата.

- Ќе го преиспитаме актуелниот модел на финансирање на националните институции и на проектите од национален интерес, ќе ја унапредиме застарената поделба на дејности и сектори и ќе го воведеме принципот на растојание во нивното менаџирање. Ќе овозможиме посебни фондови за различни домени во културата, кои ќе добијат јасен и подолгорочен мандат и автономија и целосно ќе ја преземат одговорноста за изборот на проекти - најави Алаѓозовски.

Министерството за култура го обвини дека со ваквиот коментар ги навредува македонските уметници. „Во периодот кога вашата партија, господине Алаѓозовски, имаше можност да направи нешто за македонските уметници, не се реализираше ниту една мерка, проект или инвестиција. Додека вие говорите за градежна оператива, ние, Алаѓозовски, создаваме инфраструктура, градиме нови темели за иднината на македонската култура. Додека вие говорите за анонимуси, ние во годишната програма ги поддржуваме Симон Трпчески, Елена Мисиркова, Венко Андоновски, Морфов, Пандур, Поплавска, Жолдак, Мартин Кочовски, Ѕвездана Ангеловска, Славенски, Стефановски, Јаниќиевиќ, Цветан Грозданов, Луан Старова, Камбовски, Матеја Матевски, Киро Урдин, Османли, Плевнеш, Клетников, Ќулавкова, Маџиров и многу други, па дури и Роберт Алаѓозовски, кој единствено не е анонимус во оваа низа од анонимни имиња. Да ве потсетиме, дека Министерството за култура и оваа 2016 година ве прогласи за самостоен уметник и ги плаќа вашите месечни надоместоци за пензиско и здравствено осигурување. Во годишната програма што ја критикувате, веројатно меѓу поддржаните го забележавте и вашето име и тоа во две програми. Доколку високите морални начела што ги поседувате се косат со политиките на Министерството за култура, зошто, кога ве повикавме во 2015 година и во годината пред тоа, немавте доблест да ги вратите во Министерството за култура сите доделени средства и да се откажете од вашите бенефиции?“, се наведува во реакцијата на Министерството за култура.

Извор: Слободен печат
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото