Затоа што дедо ми бил за Хитлер

21.01.2016 13:47
Затоа што дедо ми бил за Хитлер

Многумина се противат на бегалската политика на Ангела Меркел, пред сè челниците на нејзината партија: Сепак, тоа се премногу странци за толку кратко време, а сите се муслимани. Како тогаш да се објасни зошто толку германски граѓани вложија толку многу време, сила и љубов во згрижување на бегалците? Можеби сите тие страдаат од „еврејски рефлекс“. Конзервативните коментатори од Вашингтон преку Лондон до Берлин сметаат дека помошта на германските граѓани за бегалците е некој вид искривено соочување со минатото.

Противниците на бегалците ја отфрлаат идејата за посебниот германски морал. Издавачот Георг Виденфелд уште пред случувањата во Келн ја исмеваше германската пресретливост кон бегалците како „бесмислен обид за перење на вината на нашите дедовци, поништување на Хитлер со добрина“. По Келн ваквите приговори стануваат погласни. Американскиот конзервативец Рос Даутет советува „Германците да се откажат од наивната илузија дека со хуманост без граници можат да ги искупат германските гревови од минатото“. Германскиот писател Петер Шнајдер заклучува: „Пресретливиот однос кон бегалците е показна настава за оние кои наводно се откажале од преисптување на германската историја“.

Даутет спремно отфрла еден од клучните христијански принципи - покајување со дела, а Шнајдер премногу лесно зборува за лекциите кои им се држат на оние кои „наводно“ се откажале од историјата. Зарем принципот „никогаш повеќе“ не беше темел на германскиот повоен иднетитет и на запад и на исток? Дали тоа беа празни зборови, дека Аушвиц конкретно нè обврзува? Историчарот Хајнрих-Аугуст Винклер уште минатата есен рече дека „германското чувство на одговорност мора да се ослободи од моралното самопреценување, кон кое особено се склони напредните интелектуалци. Уверувањето дека ние сме посебно повикани да правиме добри дела е погрешно“. Винклер смета дека секој обид за изведување на посебен германски морал од најмрачното поглавје на нашата историја „води во ќорсокак и е осуден на пропаст“.

Винклер само го констатира тоа, без објаснување зошто е тоа така. Баш како и останатите кои имаат нешто против бегалците - зашто ги има премногу, зашто се сиромашни, зашто се муслимани. Би рекол дека она што ним всушност им пречи е тежината на сеќавањето на Аушвиц. Германците сакаат да бидат како останатите луѓе: нормални, но притоа знаат дека никогаш не смеат ниту можат да повлечат линија под своето минато, кое било сè освен нормално. Нашиот претседател Јоахим Гаук зборува во името на сите нас кога вели дека „цел живот страда поради тоа што нацијата со толку возвишена култура била во состојба да изврши такви страшни злосторства против човештвото“. Не е лесно да се биде Германец.

Големината на одговорноста произлегува од големината на злосторството. А најдобар начин да ја преземеме својата е да им помогнеме на луѓето во неволја. Германското минато е навистина добра причина да им се помогне на бегалците. Секако, луѓето кои им помагаат на бегалците не мислат на тоа. Никој не носи супа во бегалскиот центар затоа што дедо му бил со Хитлер. Но постои нешто што се вика јавна совест. Понекогаш таа го наоѓа својот застапник, а претседателот на Германија е добар избор: 70 години откако Црвената армија го ослободила концентрациониот логор Аушвиц, Јоахим Гаук зборува за „недвосмислениот принцип на нашето спротивставување на секаква дискриминација и насилство и за пружање безбедно засолниште на оние кои бегаат од војна и тероризам“. Ако во односот кон бегалците не ги следиме лекциите од Аушвиц, тогаш не знам што сме научиле. И ако со својот однос кон бегалците не ја исполнуваме посебната одговорност на Германија, тогаш навистина не знам што нè мотивира.

Извор: Spiegel, 18.01.2016.

ОкоБоли главаВицФото