Проштевањето во Новиот завет: атеистички поглед

23.01.2016 15:29
Проштевањето во Новиот завет: атеистички поглед


... и прости ни ги долговите наши
како што им ги проштеваме и ние
на нашите должници.

Мат. 6:12

 

Ако денес, во рамките на таканаречената западна култура, многумина веќе не ги сфаќаат сериозно евангелските приказни за девственоста на Мајката Божја, за нејзиното безгрешно зачнување, за Исусовата трансформација на водата во вино итн., и натаму веруваат во моќта на Библијата да го издигне човека на морален план. Впрочем, Новиот завет сè уште ги има задржано епитетите Етички кодекс на љубовта, Добрата книга итн. дури и во одредени секуларно ориентирани средини. Во меѓувреме, атеистичкото, недогматско, рационалистичко читање на Библијата кое зад себе има кратка историја (Спиноза, француските просветители...), нема нашироко стекнато статус на еден автентичен потход, неговите актуелни поклоници или се примаат како интелектуални ексцентрици (Онфре, Хичинс, Жижек), или биваат обележани како одродени од своите сонародници и сопатриди, во оние политичко-културни милјеа, каде се настојува националниот идентитет цврсто да се поврзе со религиското. Ова е доказ дека и покрај тоа што е одамна поминато времето кога христијанството доминираше со целокуниот живот на луѓето и црквата претставуваше моќна институција на „овоземната“ власт, рано е да се говори за настап на една постхристијанска култура.

Наспроти недоволниот надворешен поттик за една таква размисла, овој автор се чувствува заинтригиран од прашањето: Какви ќе се укажат новозаветните категории љубов, милост, трпение, покајание итн., ако се погледнат низ една критичка, недогматска, атеистичка призма, онакви какви што се во нивниот теолошки контекст, т.е. во склопот христијанската есхатолошка идеја за Крајниот крај, Страшниот суд и Спасот, со која се органски поврзани? Дали тие и тогаш ќе прозвучат со онаа топла резонаца која ни одѕвонува кога не сме отидени подалеку од нивниот назив? Ќе можеме ли да останеме на убедувањето дека тие навистина можат да го поткренат човека кон доброто, морално вредното, сфатено како парадигма на хуманото?

Овде, низ таква, атеистичка призма, ќе биде согледана една библиска категорија, која во просторите со христијанска традиција ужива посебен пиетет – проштевањето. На сопствено изненадување и на самиот автор, таа се укажува како една особено проблематична категорија и од етичка, и од психолошка гледна точка!

Проблемот е пред сè е во сомнителната морална суштина на библиското проштевање, во споредба со проштевањето како општочовечка душевна категорија. Имено, проштевањето кое е независно од каква било религиска позадина, е мисловно-емотивна активност со која го надминуваме чувството дека некој нè повредил, поттикнати било од сатисфакцијата што виновникот ни ја понудил преку из-винување или молчешкум, преку негово коригирано однесување, било од сопствениот увид дека погрешно сме ги разбрале или сме ги предимензионирале причините за нашата повреденост, која – во зависност од вредноста која ни била засегната како и од сопствениот карактер – може да се движи од чувство на тага и разочараност, до омраза и агресивен порив; целта на тој наш чин/процес на превреднување на некој заеднички драматичен момент од минатото, првенствено е да го ослободиме другиот од едно мачно душевно настроение – чувството на вина, и да му подадеме рака за нова, конструктивна релација.

Се работи за разумен и високоморален чин од што, проштевањето како библиска категорија, е далеку.

Така, повиците за проштевање од страна на човекот кон Бога, и во Стариот и во Новиот завет имаат некој призвук на пазарење меѓу две страни: („... прости ни ги гревовите наши и беззаконијата наши и ќе бидеме Твои“ – 2. Мој. 34:9), призвук на поткуп („... секој што ќе поверува во Него, ќе добие простување на гревовите преку Неговото име“ – Дела 10:43) или призвук на ласкање („... Ти си Бог, Кој сака да проштева, и добар и милостив, долготрпелив и многумилостив...“ – Неем. 9:17). Колку е тоа далеку од извинувањето како иницијатива за проштевање, вообичаена во секојдневните релации на луѓето, што ја покренува виновникот за нарушените односи! Извинувањето не го примамува молениот со ништо друго освен со својата доблесност: тоа е чин кој претставува храбро навраќање на спорниот момент – иако на човековата природа ѝ е поблиско да го потисне, негира или да го избрише сеќавањето на сопствените грешки – со цел да се изрази жалење и желба повредата што ја чувствува другиот, да биде залечена.

Но, кој е всушност тука, во оваа релација човек – Бог, недоблесен? За човекот од библиското четиво, како грешно суштество (според апостол Павле, дури и без лична вина т.е. со грев наследен од Прародителите), проштевањето од страна на Бога е единствениот спас од вечните станишта на смртта. Поставен така, на самиот раб на бездната од каде ечи „плач и крцкање со заби“, зар тој ќе си дозволи такви несмотрени чекори како што се поткуп и ласки за да измами проштевање од Бога, ако нема индикации дека самиот Тој, неговиот Бог, не го посакува тоа? Речено поинаку, нели е во самиот етички профил на Бога причината што процесот на библиското проштевање на човековите гревови не нè плени со својата (не)морална заснованост?

Дали новозаветната категорија проштевање на релацијата човек-човек ќе исполни повисоки етички критериуми? Одговорот е – не! Сликата тука е уште посенишна.

Да видиме кон што води етичкиот принцип „проштевајте и ќе ви биде простено“ (Лука 6:37), и комплементарните решенија, кои главно се сконцентрирани во Светото евангелие според Лука, глава шеста. Овој принцип не апелира на мојата широкоградост, напротив, тој е провокација на моето егоистично Јас, да преземам еден квазиморален чин: мојата прошка кон некого, да ја понудам како размена за нешто што е добро за мене – прошка на моите гревови од страна на Бога, Кој ете, сака да се однесувам како Него („Бидете милостиви како што е милостив вашиот Отец.“ – Лука 6:36). Меѓутоа, познати етичари (на пример, еден Шопенхауер), предупредуваат дека егоизмот и моралната вредност на постапката меѓусебно безусловно се исклучуваат...

Таа постапка е и психолошки невалидна за мене како субјект којшто проштева. Тука го нема Другиот во видното поле, а тој ми е потребен, за да почувствувам желба кај него да го променам мојот став, и така мојата заложба да ја надминам повреденоста и да ја обновам релацијата да има своја смисла, која се разбира отпаѓа доколку увидам дека се работи за тврдокорно непријателство и длабока омраза. Но, ако го сакам ветениот бенефит, својата повреденост треба да ја ставам ad acta без вакви перцепции и просудувања, зашто е речено: „Не судете и нема да бидете судени; не осудувајте, за да не бидете осудувани.“ (Лука 6:37); „Одмаздата е Моја. Јас ќе отплатувам.“ – Рим. 12:19). И не само што не смеам да судам дали некогаш претрпениот удар веќе може и треба да потпадне под прошка или не, и наместо тоа, да проштевам „на слепо“, туку пожелно е да се изложам и на нови удари, дури да ги провоцирам, заради комплементарниот принцип – „... љубете ги непријателите свои, правете им добро на оние што ве мразат;/ благословувајте ги оние што ве навредуваат!/ На оној што ќе те удри по едниот образ, заврти му го и другиот; а на оној што сака да ти ја земе горната облека, подај му ја и кошулата.“ (Лука 6:27-29)!?!

Очигледно, смислата на проштевањето на кое бевме повикани од страна на Новиот завет, отиде во наполно спротивна насока од очекуваната. Таа смисла веќе не е проштевај за да му пружиш на друг човек смирување и радост во душата, туку проштевај за самиот да страдаш: Ова, меѓутоа, се исплаќа: во христијанската етика, прифаќањето на неправдата, поднесувањето на навредата, болката, страдањето, зазема едно од почесните места меѓу доблестите („Тоа Му е угодно на Бога, ако некој ... поднесува скрб, страдајќи несправедливо.“ – 1. Петр. 2:19)! и Бог тоа го наградува („Така ќе биде голема наградата ваша и ќе бидете синови на Севишниот; зашто Он е добар кон неблагодарните и кон лошите“ – Лука 6:35). Но доволно ли ми е тоа што, ете, ми следувало награда, иако – малку чудно! – за една моја упорна неразумност во односите со другите? Можам ли без никаква иритација да помислам на оној што проштевање не заслужува, а беспоговорно од мене го добива, и уште ме навредува додека јас го благословувам?

Ако првите сензации на новороденчето, како што тврдат неонатолозите, се движат на линијата пријатно-непријатно, таа базична шема на светот во човековата свест не може да ја измени никаква верска доктрина. Но ако морам, заради името на Исус, да го прифатам она што Тој го вели – „Сте слушале дека е речено: ‚Око за око, заб за заб’./ Јас пак ви велам: да не се противите на злото“ (Мат. 5:38-39), сепак ми останува една сатисфакција: секогаш кога ќе ми се појави пред очи оној со којшто имам крајно непријатни искуства, со (зло)радост во срцето да помислам дека ќе дојде „денот на гневот, кога ќе се открие праведниот суд од Бога...“ (Рим. 2:5-6). И ништо не менува ако дотогаш умреме, и тој, и јас. Оти во видението на Јован Богослов стои: „смртта и пеколот ги повратија мртвите што беа во нив; и секој прими суд според делата свои.“ (Откр. 20:13).

Моето проштевање, во Библијата класифицирано меѓу чиновите на љубов и милозливост, се извртело во подмолно задоволство пред замислената слика, како мојот сакан непријател, кого јас лично го имам ослободено од секаква вина, стои ужаснат на брегот од „езерото што гори со оган и сулфур“ (Откр. 21:8), и со стрептеж чека да види дали е запишан во Книгата на животот; оти во видението на Јован Богослов стои: „Кој не беше запишан во книгата на животот, беше фрлен во огненото езеро.“ (Откр. 20:15)!

Всушност, проштевањето кон непријателот не се извртело, до него никогаш и не дошло!

За среќа (?), според Писмото, токму така и треба да биде! Просудувањето околу злото и ослободувањето од гревовите спаѓа во доменот на таинствената Божја волја, па моето проштевање на злото што ми го нанел друг не може да биде ништо друго освен трпение до праведната казна која ќе дојде од Горе. „Не одмаздувајте се, возљубени, за себе, туку дајте му место на Божјиот гнев. Оти напишано е: ‚Одмаздата е Моја, јас ќе отплатувам‘ – вели Господ“. (Рим. 12:19).

Но каде сум тука јас и моето чувство за моралната (не)исправност на постапките на другите? Со својот одговор, Писмото ме става на моето вистинско место: „Кој си ти што му судиш на туѓ слуга?“ (Рим.14:4); „Може ли слепец, слепец да води?“ (Лука 6:39).

 

БЕЛЕШКИ:

1. Тексот е едно поглавје од подолгиот ракопис Сенките на новозаветната етика, кој чека на објавување.

2. Цитатите се од текстот Свето писмо на Стариот и Новиот завет (Библија) во превод на македонски јазик, издание на Британско и Инострано библиско друштво, Лондон, 1990. Кратенките ги означуваат следните наслови: 2. Мој. – Втора книга Мојсеева (Исход); Неем.– Книга Неемија (обете од Стариот завет); Мат.– Свето евангелие според Матеја; Дела – Дела на светите апостоли од светиот апостол Лука; Лука – Свето Евангелие според Лука; Рим. – Послание на светиот апостол Павле до Римјаните; 1.Петр.– Прво соборно послание на светиот апостол Петар; Откр – Откровение на светиот апостол Јован Богослов (сите од Новиот завет).

Слики: Marwane Pallas

ОкоБоли главаВицФото