Зошто богатите се толку побогати (1)

28.01.2016 09:29
Зошто богатите се толку побогати (1)

Приказ на книгата: Џозеф Стиглиц, Големиот јаз: Нееднаквите општества и што да се прави/The Great Divide: Uniequal societies and what we can do about them/; Џозеф Стиглиц, Новите правила на американската економија: Програмата за раст и заеднички просперитет/Rewriting the rules of the American economy: An agenca for growth and shared prosperity/Џозеф Стиглиц и Брус Гринвалд, Кон општество на знаењетп: Новиот пристап на растот, развојот и општествениот прогрес/Creating a learning society: A new approach to growth, development, and social progress/.

Основната вистина за денешниот американски раст е дека работата ја извршуваат многумина, а реалниот надомест главно оди кај неколкумина. Жалната статистика е позната: еден процент од вработените дома носат повеќе од 20 проценти од приходите, а нивниот удел е повеќе од удвоен во текот на претходните триесет и пет години. Добивката на оној 0,1 процент на врвот е уште поголема. Во истиот период, просечните плати и приходите на американското домаќинство се зголемија малку, а во некои демографски групи (на пример, мажите со средно образование) дури и се намалија.

Нееднаквоста на приходите стана толку голем проблем што дури и политичарите од редовите на републиканците почнаа да ги осудуваат нејзините последици. Не е необично што демократите како Барак Обама занимавањето со нееднаквоста го нарекуваат „пресуден предизвик на нашето време“. Но, фактот дека Џеб Буш во својот прв говор за политичките насоки во 2015 година ја спомена фрустрацијата што ја чувствуваат Американците затоа што „само мал дел од населението се искачува на економскиот лифт“ покажува дека нееднаквоста стана премногу очигледна и премногу штетна за да може да се игнорира.

Нешто слично се случи и во економијата. Историски гледано, академските економисти, барем во доминантната неокласична традиција, не се грижеа многу за нееднаквоста. Економијата се занимаваше со производство и алокација, како и со ефикасно користење на оскудните извори. Економијата ја интересираше зголемувањето на колачот, а не начинот на кој ќе биде поделен. На многумина економисти расправата за еднаквоста им изгледаше опасна за тоа што подразбира нужна „трампа“ помеѓу ефикасноста и еднаквоста: мешањето во начинот на кој пазарот го дели колачот на крајот ќе го намали истиот. Често се цитираат зборовите на Роберт Лукас, економист од Универзитетот во Чикаго: „Меѓу склоностите кои се штетни за здравата економија, најзаводлива... и најотровна е фокусирањето на прашањето за дистрибуцијата.“

Денес, пејзажот на економската дебата е променет. Нееднаквоста е во средиштето на најпопуларната економска книга во поновото време, Капиталот на економистот Томас Пикети. Делото на Пикети и неговиот колега Емануел Саез успешно го документираше порастот на приходната нееднаквост, не само во САД туку ширум светот. Најголемите економски институции како што се ММФ и ОБСЕ објавуваа студии во кои се тврди дека нееднаквоста не е поволна економскиот раст, туку, напротив, му штети. Денес во економските списанија лесно можат да се најдат дискусии за таа тема.

Идеален момент за економистот од Универзитетот Колумбија, Џозеф Стиглиц. Во годините од почетокот на финансиската криза, Стиглиц беше меѓу најгласните и највлијателните интелектуалци во јавноста кои посочуваа на цената на нееднаквоста и на тоа што и како може да се направи со користење на владината политика. Во својата книга од 2012 година, Цената на нееднаквоста и низа статии и колумни за Project Syndicate, Vanity Fair и The New York Times, кои не се објавени во Големиот јаз, Стиглиц покажува дека порастот на нееднаквоста во САД не е природен резултат туку е суштински обликуван од „нашите правила и нашата политика“, со катастрофални последици за општеството и економијата во целина. Во неодамнешниот извештај за институтот Рузвелт, под наслов Повторно пишување на правилата, Стиглиц наведе детален список реформи кои, според неговото мислење, ќе овозможат создавање „економија која функционира за секого“.

Истапувањето на Стиглиц во улога на истакнат критичар на постоечкиот економски поредок не беше необично. Темата на неговата докторска теза беше нееднаквоста. А, во текот на целата своја академска кариера настојуваше да покаже дека не може да се смета дека пазарите секогаш ќе создадат идеален резултат. Во низа извонредно важни трудови, за кои на крајот ќе добие Нобелова награда, Стиглиц покажа дека нецелосните и асиметрични информации редовно ги воделе пазарите до резултати кои не ја претставувале најголемата можна благосостојба. Тврдеше дека тоа значи, барем во теоријата, дека добро насочените интервенции на владите можат да помогнат во корегирањето на недостатоците на пазарите. Трудот на Стиглиц продолжи во таа насока: неодамна (со Брус Гринвалд) ја напиша Создавање општество кое учи, згуснато академско дело за тоа како владата може да ја поттикне иновацијата во времето на економијата на знаењето.

Стиглиц беше претседавач на Одборот економски советници во администрацијата на Клинтон, а потоа беше главен економист во Светската банка за време на азиската финансиска криза кон крајот на деведесеттите. Искуството му покажа дека многу совети кои западните економисти им ги давале на земјите во развој се неразумни, па во книгите како што е Глобализацијата и нејзините незадоволства (Globalisation and Its Discontents, 2002) остро го критикуваше начинот на кој САД настојуваат да управуваат со глобализацијата и таа критика го направи култен јунак во голем дел од светот во развој. Во сличен дух, Стиглиц беше еден од најострите критичари на начинот на кој Еврозоната се занимаваше со грчката должничка криза. Тој тврдеше дека идеолошката посветеност на таканаречената тројка кон строгото штедење и нејзиното противење на сериозното отпишување на долгот ги продлабочија грчките економски тешкотии и создадоа можност земјата да се соочи со „бескрајна рецесија“. Според неговото мислење, во борбата околу грчката иднина не се работи само за правилна стратегија туку и за „идеологијата и моќта“. Таа перспектива беше клучна и за неговиот труд за нееднаквоста.

Во Големиот јаз, Стиглиц зборува за таа тема со својот најпопуларен – и најпопулистички – глас. Додека Капиталот на Пикети е напишан со студен, нестраствен тон, книгата Големиот јаз очигледно е замислена како политичка интервенција и нејзиниот тон често е нетрпелив и гневен. Како збирка колумни, таа донекаде е фрагментарна книга која содржи повторувања, но нејзината теза е јасна: нееднаквоста во САД не е несреќен нуспроизвод на економијата која инаку добро функционира. Наместо тоа, огромните богатства на врвот од приходната скала во голема мера се последица на способноста на еден процент да манипулира со пазарите и политичкиот процес во своја корист. (Оттука насловот на неговата најпозната статија во Vanity Fair: „Од еден процент, еден процент, за еден процент“.) Големото зголемување на нееднаквоста е знак дека самиот американски капитализам жално застранил. Она во што се заглавивме, тврди Стиглиц, не е вистински капитализам туку сурогат на тој систем.

Очигледно, нееднаквоста нема само една дефиниција. Како што пишува Стиглиц:

„Има многу различни страни на американската нееднаквост: екстремниот приход и богатството на врвот, спласнувањето на средината, зголемувањето на сиромаштијата на дното. Секоја има сопствени причини и бара посебни мерки.“

Но, пред сè, во Големиот јаз, Стиглиц го интересира една димензија на нееднаквоста: провалијата помеѓу луѓето на самиот врв и сите други. Неговата анализа за јазот е насочена кон прашањето зошто приходите на врвот толку брзо се зголемуваат, повеќе отколку зошто сите други приходи стагнираат. Иако Стиглиц очигледно го признава значењето на опаѓањето на моќта на синдикатите, влијанието на глобализацијата врз американските работници и сè помалата вредност на минималната плата, пред сè, тој тука се занимава со прашањето зошто денес богатите луѓе се толку многу побогати отколку некогаш.

За да одговориме на тоа прашање, најпрвин мора да признаеме дека зголемувањето на највисоките приходи во САД уште се однесува на приходите од трудот, а не од капиталот. Како што покажува нејзиниот наслов, книгата на Пикети главно се однесува на капиталот: за начинот на кој концентрацијата на богатството тежнее да се репродуцира, што води кон сè поголема нееднаквост. А тоа е сè поголем проблем во САД, особено на врвот од приходниот спектар. Но, главната причина зошто луѓето на врвот денес се многу побогати отколку што биле некогаш (и, на тој начин многу побогати од сите други) не е тоа што имаат многу повеќе капитал. Главната причина е тоа што за својата работа се платени повеќе од порано, додека сите други се платени исто или помалку. Генерален извршен директор на корпорација, на пример, е далеку повеќе платен отколку што бил во седумдесеттите години, додека работниците на подвижната лента не се. Иако, приходите на врвот пораснаа во земјите ширум светот, никаде не растеа побрзо отколку во САД.

Едно можно оправдување за таа појава е тоа што на тој начин богатите се повеќе платени затоа што создаваат многу поголема вредност од кога било. Глобализацијата и економијата ја зголемија големината на пазарите која успешните компании и поединци (како поп пејачите и спортистите) можат да ја постигнат, па затоа повеќе од кога било се исплати да се биде суперѕвезда. А, бидејќи компаниите станаа поголеми, потенцијалната вредност која директорот може да ја додаде, исто така се зголеми и ја зголеми неговата плата.

Стиглиц не прифаќа ништо од тоа. Тој го гледа зголемувањето на приходите на врвот главно како последица на она што економистите го нарекуваат „рентиерски привилегии“. Повеќето размислуваат за рентата како за плаќање на изнајмувачот за користење на неговиот имот. Но, економистите го користат тој збор во поширока смисла: тоа е секој вишок кој компанијата или поединецот го остваруваат затоа што нешто ги задржува конкурентските сили да ја урнат добивката. Рентата е есктра профит кој го заработува монополистот затоа што нема конкуренција. Рента се и екстра профитите кои ги заработуваат големите банки затоа што имаат премолчена поддршка од владата, која ќе ги спаси ако нештата тргнат наопаку. А, рента се и екстра профитите што ги остваруваат фармацевтските компании затоа што нивните производи се заштитени со патенти.

Сите ренти не се страшни за економијата – во некои случаи тие се нужно зло. На пример, имаме патенти, затоа што мисиме дека над трошокот за давање привремен монопол ќе натежне користа од зголемување на иновативноста што ќе ја поттикне заштитата на патентите. Но, рентите ја прават економијата помалку ефикасна затоа што ја одвлекуваат од идеалот за сеопшта конкуренција и затоа што ја влошуваат ситуацијата на потрошувачите. Значи, од перспектива на економијата како целина, рентиерските привилегии се губење време или енергија. Како што вели Стиглиц, економијата трпи кога „повеќе напор се вложува во рентиерските привилегии – добивање поголемо парче од економскиот колач на земјата – отколку во зголемувањето на колачот“.

Рентите не се ништо ново – ако се вратите во педесеттите, многу големи американски корпорации имале слаба конкуренција и уживале во нешто слично на олигопол. Но, може да се покаже дека количината рентиерски привилегии во американската економија е зголемена со текот на годините. Бројот патенти е многу поголем од претходно. Авторските права се продолжени. Лиценците се многу повообичаени (кои ги штитат професионалците од конкуренцијата). Млаките закони против картелите ја намалија конкуренцијата во многу гранки од индустријата. Што е уште поважно, финансиската дејност сега е многу поголем дел од американската економија отколку што беше во седумдесеттите, а финансиските профити за Стиглиц главно се резултат на „предаторското грабање на рентиерските привилегии“, меѓу нив и експлоатацијата на неинформираните корисници на заеми и инвеститорите, и рѓосаните регулаторни обрасци и преземања ризици за кои финансиските институции не преземаат целосна одговорност (бидејќи владата ќе им помогне ако нештата тргнат наопаку).

Сите тие рентиерски привилегии, вели Стиглиц, на некои дејности како што се финансиите и фармацевтската индустрија, и на некои компании од тие дејности, им донесуваат прекумерен дел од наградата. А, и во рамки на тие компании наградите тежнеат да се концентрираат заради она што Стиглиц го нарекува „злоупотреба на корпоративното управување која ги наведува извршните директори да земаат несразмерен дел од корпоративните профити“ (уште еден облик рентиерски привилегии). Според сфаќањето на Стиглиц за економијата, оние на врвот заработуваат толку многу затоа што собираат многу ренти.

Тоа не е лошо само во апстрактна смисла, вели Стиглиц, туку ги слабее општеството и економијата. Тоа го поткопува американското идентитетско чувство, во кое „фер плејот, еднаквоста на шансите и чувството за заедницата се многу важни“. Тоа ги отуѓува луѓето од системот. И заради тоа е помалку веројатно дека богатите, кои се очигледно политички влијателни, ќе го поддржат државното инвестирање во јавните добра (како што се образованието и инфраструктурата): тие добра немаат големо влијание врз нивниот живот. (Поверојатно е дека еден процент ќе го поддржат намалувањето на трошоците за училишта, автопатишта итн.)

Поинтересно и поспорно е тврдењето на Стиглиц дека нееднаквоста му нанесува сериозна штета на економскиот раст: колку нееднаквоста во земјите е поголема, толку земјата ќе има побавен раст. Тој вели дека нееднаквоста ја загрозува побарувачката бидејќи богатите трошат помалку отколку што заработуваат. Нееднаквоста води кон прекумерно задолжување бидејќи луѓето имаат потреба да позајмуваат за да го надоместат стагнирањето на заработувачката и да го достигнат стандардот на своите соседи. А, тоа ја поттикнува финансиската нестабилност бидејќи централните банки се обидуваат да ја надоместат закочената заработка надувувајќи балони кои на крајот пукаат. (На пример, размислете како Алан Гринспан ги поттикнувал, па и ги толерирал станбените балони додека бил на чело на Федералните резерви.) Значи, економијата во која владее нееднаквост е помалку моќна, продуктивна и стабилна отколку што била инаку. Од тоа произлегува дека поголемата еднаквост ќе резултира со поголема, а не помала ефикасност. Како што пишува Стиглиц: „Водењето сметка за другиот не е добро само за душата – туку и за бизнисот.“

Тоа објаснување за растот и последиците од нееднаквоста е многу јасно, но и мрачно. Меѓутоа, мора да се каже дека е и премногу поедноставено. Да го земеме прашањето дали нееднаквоста навистина лошо влијае на економскиот раст. Изгледа веројатно дека е така и многу студии го потврдуваат тоа. Но, изгледа дека е тешко да се каже зошто нееднаквоста е лоша за растот – разни студии посочуваат кон разни виновници. А, кога ќе ги споредиме земјите, нема лесно да докажеме дека постои директна врска помеѓу нееднаквоста и посебните негативни фактори кои ги наведува Стиглиц. Меѓу развиените земји, оние во кои нееднаквоста е поголема, по правило нема помала потрошувачка или поголем долг, а финансиските кризи ги погодуваат и земјите во кои владее нееднаквоста, како што е САД, и земјите во кои постои поголема еднаквост, како што е Шведска.

Тоа не значи, како што некогаш упорно тврдеа конзервативните економисти, дека нееднаквоста е добра за економскиот раст. Впрочем, јасно е дека американскиот вид нееднаквост не ѝ помага на економијата побрзо да расте и дека движењето кон поголема еднаквост не би било штетно. Но, не можеме да тврдиме дека ова второто силно ви ја поттикнало економијата.

Слично на тоа, упорната фокусираност на Стиглиц на рентиерските привилегии како објаснување за фактот дека богатите станаа многу побогати, премногу го поедноставува тој конфузен, сложен проблем. Тој, донекаде и самиот го признава тоа: „Се разбира, нееднаквоста во нашето општество не произлегува само од рентиерските привилегии... Важни се и пазарите, како и општествените сили...“ Сепак, тој не кажува многу за тоа во Големиот јаз. Неспорно е дека рентиерските привилегии се важен дел од богатењето на оној еден процент, но сепак само делумно.

Кон вториот дел.

Извор: http://www.nybooks.com
 

ОкоБоли главаВицФото