Исланд - природата е главна

22.04.2010 11:35
Исланд

 

 

Од авионот што леташе за Исланд, на почетокот на 70-те, за време на „бакаларската војна“ која упорните Исланѓани ја водеа против наметливите британски роболовни флоти, видов како горат островите Вестман и како испуштаат огромен чад на небото.

Исланд е единствената европска држава која вулкански ја прошири својата територија – неколку години претходно, од морето се појави цел еден остров, а жителите на ледениот архипелаг, кој со тоа беше зголемен, на островот му го дадоа името Суртсеј. Во друг случај, вулканската ерупција излеа толку многу лава во морето што постоеше закана да биде затворен влезот во едно од малубројните природни пристаништа во земјата; локалното население ја поливаше лавата со студена вода, обидувајќи се да го спречи нејзиниот тек.

Ова е земја на сагата, каде ќе сфатите нешто што Исланѓаните го знаат од раѓање – природата го има главниот збор, и таа е немилосрдна.

„Овде ја нема Европа“, пишуваше Вистон Хју Одн 1937 г. во своите ’Писма од Исланд’. „Овој остров со самото тоа е нереален.“ Можеби мислел на Просперовиот остров – нему најомилениот – меѓутоа, Исланд има обичај да и’ се наметне на Европа на многу груб начин.

Експлозијата на вулканот Лаки во 1783 г. – од која настрада една четвртина од населението на Исланд – создаде облак прашина кој го прекри поголемиот дел на Европа, а одредени историчари сметаат дека ја предизвикал и слабата жетва која довела до Француската револуција во 1789. Тоа, во најмала рака, била најава на модернизмот.

Кога вулканот Eyjafjallajökull последен пат избувнал на почетокот на 19-от век, го загадил атлантскиот воздух на најмалку две години. Кога тоа повторно би се случило, т.е. ако се случува, ние би се вратиле на бродскиот превоз, и би се расправале со морнарите и поволните ветрови.

Името на овој сега познат загадувач настанало од три исландски зборови: Eyja – остров, Fjalla – планина и Jökull – глечер. Сосем едноставно, како и името на оваа земја. Телефонскиот именик на Исланд е организиран според имињата, а не според презимињата, бидејќи, без разлика дали сте маж или жена, презимето го добивате по татковото име. Па така, ако вашиот татко се вика Халгрим (Halgrim), вие ќе бидете Халгримсон (Halgrimson) или Халгримсдотир (Halgrimsdottir), иако постојат мали исклучоци. Повторно многу едноставно.

Исланд можеби е најбескласното општество во светот, а сигурно е најпротестантското и етнички најчистото. Рејкјавик е полн со генеалози, бидејќи семејните стебла се протегаат стотици години во минатото.

До неодамна, Исланѓаните имаа едноставен животен избор – овци или риболов. Во земјата која наликува на тундра (таму тренираа астронаутите на мисијата Аполо, бидејќи теренот е сличен на оној од Месечината) има многу тревнати површини за пасење на овците.

Истиот едноставен принцип владее и на море. Слоганот гласеше „Лови риба или умри“, сè додека големите ловишта не пресушија.

Исланѓаните имаа таква работна етика што државата, за време на контактите со ЕУ, стана главниот мотор за отворање нови компании и финанската индустрија, проследена со честите пофалби на меѓународната заедница кои траеја до пред две години, кога уривањето на нивниот банкарски систем за малку не го уништи еврото и не ја натера Британија на запленување на исландските имоти со помош на антитеростичките прописи.

Да беше Исланд глушец, ќе можевме да речеме дека неколкупати ја затресе планината.

Но, фактот дека се работи за држава на работ не е безначаен. Татко ми во 1940 г. учествуваше во незаконската британска воена окупација на оваа земја. Тоа беше инвазија за обезбедување на северноатлантските морски патишта. Главниот исландски меѓународен аеродром до неодамна беше и НАТО база, која беше дел од системот за заштита од потенцијалниот советски напад преку Арктичкиот круг за време на Студената војна. Иронијата се состои во тоа што Студената војна почна да омекнува откако Роналд Реган и Михаил Горбачов се сретнаа во Рејкјавик. Исландскиот народ со векови опстојувал на работ на гладувањето, катастрофите и сервилноста, успевајќи да го зачува својот древен јазик за време на колонизации од Данците и Норвежаните. Повремено размислувал за напуштање на островот, на пример, за време на последниве климатски промени, кога оганот и мразот навидум се здружија за да го спречат животот на запоставениот север на работ на Европа.

Исланѓаните можат да се пофалат со најстариот парламент во светот, кој сè уште се вика Алтинг (Alting) и се наоѓа во центарот на главниот град. Најголемиот дел од топлата вода во Исланд се спроведува низ систем од цевки директно од топлите извори под земјата, а генијалните Исланѓани дури успеваат да прават вино, одгледувајќи грозје во стакленици изградени над пукнатините во земјата под кои врие вжештената магма. Но имало и ситуации, во поодминатите и поопасни времиња, кога поради странската окупација парламентот морал да заседава на полјанка опколена со карпи, покрај замрзнатото езеро во внатрешноста на земјата. Го посетив тоа место со еден политички ветеран и левичар, Јонас Арнасон, за време на последниот судир меѓу исландската и британската морнарица; освен судирот меѓу Грција и Турција околу Кипар, тоа беше единствениот случај кога две земји-членки на НАТО војувале меѓу себе. Добив впечаток дека нему повеќе му се допаѓаше таа исконска пустош и непристапна околина од удобниот симулакрум во престолнината на крајниот дел на земјата, каде условите за живот се поподносливи. Велат дека Исланѓаните, ако ги одведете од Исланд, можат да умрат поради носталгијата за својата земја. Можеби и затоа толку ретко ги среќаваме.

Нешто подoцна, додека белата ноќ се прелеваше во утрото, ја здогледав поларната светлина, aurorа borealis. Сфатив зошто овие огромни сенки се толку важни во нордиската митологија – изгледаат како завеси кои потреперуваат на непрегледната замрзната сцена. Можеби набрзо сите ќе се најдеме пред таа завеса, многу порано отколку што планиравме, и ќе ја гледаме како се спушта над нашиот удобен и прекрасен живот.

Извор: Slate

Слични содржини

Активизам / Европа / Свет
Активизам / Европа
Активизам / Европа / Свет
Активизам / Свет

ОкоБоли главаВицФото