
Ох, кога би знаел дека еден единствен збор некому значи! Колку би го чувал и мазнел и милувал: еден единствен збор.
Најскапоценото би сакало да се смали, инаку ќе скапе.
Љубовта на романтичарите кон смртта кај мене предизвикува одвратност. Тие се однесуваат како нивната смрт да би била посебна.
Дали е соодветно да се употреби изразот „глад за животот“? Дали се живее заради гладот и заситувањето? Но, како живееја аскетите кои се одрекоа од ситоста?
Досадата на Бог без нас мувите.
Машините не се доволно таинствени за да може да се верува во нив.
Откако се чита една негова книга тој важи за непристоен човек.
Но, тоа не му пречи и тој понатаму да ја пишува истата книга.
Што се случува со зборовите што пречесто си ги употребувал? Треба ли да се одморат од тебе?
Најмногу ги почитувам оние по кои трагам, зашто немаат ништо заедничко со мене. (Паскал?)
Вистината како вжарена магла во вселената.
Во сè гледаш моќ, речиси во сè. А велиш, да се живее, да се живее подолго, непрестајно.
Што е тоа што тука не се согласува? Дали потајно чувствуваш нешто што не е моќ и сакаш да го најдеш тоа? Дали ти се потребни повеќе и повеќе години за тоа?
Помислата на бесмртноста стана комична. – Ни за влакно не ми значи помалку.
Понекогаш засветува споменот. Понекогаш тој е оловна ноќ. Човек мора многу да остари за да може оловната ноќ да засвети.
Мрзи се себеси порано! Сега е предоцна.
Закон според кој секоја наука, на одреден стадиум од својот развој, би морала да запре. Постојат само мумии-науки и оние кои треба тоа да станат. Напредокот е укинат, од една точка тој е забранет.
Сепак, мумиите комуницираат меѓусебно.
Човек кој не знае дека зборовите постојат сами за себе, сето она помеѓу непознато и, во најдобар случај, предмет на филозофија.
Не зборувам со себеси иако жестоко пишувам. Со кого зборувам?
Постои ограничување на мртвите. Постои отворање низ мртвите.
Првото е страшно, донесе уште поголема несреќа.
Второто ќе го спаси светот со сочувството.
Најдобро, најбогато, најминливо, најтрогателно е однесувањето кон некој човек.
Неприспособените се солта на земјата, бојата на животот, сопствена несреќа, но наша среќа.
Искуството со еден човек е доволно за сто години. Работата со тоа искуство не е завршена ни по сто години.
Тој знае, сè што е напишано е фрлено во ветер. Но, се пишува за да се дише.
Сите теории за јазикот до денешен ден воопшто не можат да му попречат.
Љубител на Космосот, неговото гадење кога ќе го допре човечки прст.
Кога човек навистина би можел да го почувствува она што го спознава однадвор – би останал без здив.
Тоа е некој друг ужас, кој ги напаѓа оние надвор од нас, тој е поинаков од сопствениот.
Во самотијата човек навидум е суров кон другите, а всушност е најсуров кон себе. Од страв за другите беснее против себе.
Доста. Нема да промениш ништо. Нема да спречиш ништо. Помалку си од една едноставна мушичка, помалку бидејќи го знаеш тоа.
Од книгите што не може да ги трпи, тој сознава повеќе. Принудата да ги прима боцка со неочекувани мисли.
Ужасно е да се мрази она што себе не може да се брани.
Исчезнат, ти? Незамисливо. И намерите живеат.
Мислите кои настануваат со разбивање на јазикот – важат само ако урнатините ги остават зад себе.
Самото разбивање е јалово и стана традиција на овој проклет век.
Фотографија: Александар Родченко