Сите сме не говна род!

02.02.2016 17:19
Сите сме не говна род!

Пентерејќи се по ѕидот на Бранко Блажевски, налетав на насловната страница на „Ферал трибјун“ од 4 јануари 1991 година. „Сви смо ми његова говна род“, феноменална и фасцинантна, немам зборови да го изразам воодушевувањето од графичкото решение на сплитскиот неделник и по 25 години, слоговна комбинација од изразот „Сви смо ми његов народ“.

Има ли потреба за превод на македонски!? Нема, се разбира, но сеедно, еве како тоа решение на Иванчиќ и другарите би изгледало на мекиот, двотактен, македонски јазик: „Сите сме ние не говна род“ како слоговна варијација на срањата што нашиот злотвор ги читаше во „Јанко Сандански“ пред Унијата на женетинските сили на ВМРО-ДПМНЕ: народот не бил глуп и на клоци ќе ги избркал од територијата под своја, односно под контрола на вмро сите надворешни и внатрешни непријатели, ванхојтовци, катици, зајковци и дејвидбоуовци, оти неговиот народ знаел кој е тој и дека е негов и дека тој е народен, односно народно овоплотение, во форма на говно, се разбира, и тој и народот.

Имаме, сакам да кажам, и јазичен, и политички, и културен, и историски контекст во кој можеме да ја одбележиме дваесет и петгодишнината на најдобрата насловна страница во историјата на журнализмот. Македонија е прекрасна паралела, усерувањето на македонскиот народ е многу инспиративна работа, шаткастото сувоземно чудовиште е далеку од ниското ниво на Туѓман, но треба да признаеме дека има капацитети историските шанси да ги претвора во трагедии, така што тоа е тоа. Нашиот подвиг да бидеме говна на Груевски е поголем од хрватскиот подвиг да бидат говна на Туѓман, зашто ние сме успеале да сјебеме дваесет и пет години и да им одолееме на искушенијата нешто да научиме!

Корав карактер, тоа е! Човекот во Македонија е жртва на народот!

Но, од друга страна, имам впечаток дека „говњарската нација“ почна да си пречи самата на себе, да не си ја поднесува сопствената смрдеа, а и европската и светска околина почнаа да негодуваат.

Процесот на самоосвестување не може да го сопрат сите жени, сите автобуси и сите сали.

Сите избори!

Обратно, политичкото кокошизирање на жените во партиските фарми на вмро, е акт на тој процес, а не нешто против него. За ослободувањето на луѓето во Македонија би било многу добро ако Груевски организира уште една или, можеби, уште неколку илустрации на кретенизирачката преродба.

Тоа будење е мамурно, од вмро и од една будала, како од лош алкохол, тоа е ретроспективно, срамотоносно, самообвинувачко, но сè уште не е проектно, сè уште не е творечко, реформско, самопрегорно, сè уште не е идеја за себе во иднината!

Груевизмот е темна комора во која се појавува вистинската слика за нас. Тоа е неговата позитивна функција. Без него ќе продолжевме да мислиме дека сме убави и паметни!

Можеби ќе се наложи да ја разбереме драмата и во оваа димензија:

Не сум чул некој да збори за оцелување. Тоа е клучен израз на саморазбирањето кај Бугарите, главна, би рекол, точка на нивниот културен и егзистенцијален геном.

Просто неверојатно - зашто Македонците се попримитивни по таа линија од Бугарите.

Тоа е, јас така го викам, вегетативно ниво на општествените формации, дури под тоа, бидејќи инсистира на простата репродукција, на физичката репродукција на човекот, го ослободува од сите негови други интереси и цивилизациски потреби, од новите вредности што би можел да ги создаде или користи, сè се сведува на тоа фамозно оцелување односно преживување кое на физичкиот аспект може да му ја додаде само квазиверската димензија, па и тоа во крајно примитивна православна форма и крај!

Проблемот е во тоа што не може да постои општествена формација ако нема некоја идеја која е над нивото на оцелувањето, над нивото на преживувањето.

Потоа се сетив дека тоа што за Бугарите е оцелувањето, за Македонците е вмровизирањето. ВМРО како враќање на преднационалното и преддржавно, дури, би рекол, предцивилизациско, ниво, вегетализирање, аморфизирање, ослободување од товарот на амбицијата, одговорноста, стресот, доброволно претворање на човекот во глиста во фамозната комоција на септичката јама!

Тоа сега станува јасно. Глистата почнува да разбира дека преживувањето не може да ја исцрпи егзистенцијата.

Тоа освестување се манифестира и низ ставот дека разделеноста на Николче Груевски со премиерската фотелја е трајна состојба. Дека нема веќе враќање. За него и за Македонија. Не толку низ свеста дека Емил Димитриев е играчка во рацете на Никола Груевски, туку и низ сознанието дека и самиот Груевски е играчка што историјата почнала да ја разглобува.

Во тоа будење доаѓа Хан. И се катастрофира како Аксел Лунд Свиндал на Штрајф. Неговиот, а и нашиот проблем не е во тоа што човекот бил пристрасен. Неговата улога е да биде пристрасен. Проблемот е во тоа што реши да биде пристрасен на страната на најглупавата глупантропска штеточинска инсталација, како да одбрал да му резервира соба во најпрестижниот бриселски хотел на Абделслам. Која будала!

Ме радуваат најавите дека ОБСЕ може да се повлече од идејата да набљудува криминал во функција на неговото легитимизирање.

Само јасна декларација на Европската Унија дека во Македонија се на власт лудаци за кои постои основано сомневање дека не се од тука, може да го врати нашиот воз на европските шини!

Банери: Кома
Извор: Слободен печат