До некоја следна станица

03.02.2016 02:55
До некоја следна станица

„Station to Station“, Дејвид Боуви
 

Требаше ова да биде друг текст. Некакво одбележување на четирите децении од излегувањето на „Station to Station“ на Дејвид Боуви, еден од побитните албуми во животот на авторот на овие редови. Да, во ред, знаев дека излегува и неговиот последен албум „Blackstar“ (сега и буквално последен, барем за времето на неговиот живот) и тоа веројатно ќе беше некаков повод, како и фактот што албумот официјално излегува токму на неговиот 69-ти роденден (8 јануари годинава), иако ваквото „местење“, да бидам искрен, ми делуваше како евтина драмолетка која не е достојна за еден голем маг на поп-артизмот, каков што е Боуви. Се разбира, тогаш ниту јас, како и поголемиот дел од светот, не знаев дека на човекот му се буквално одбрoени деновите и дека ваквиот потег ќе добие една сосема друга, симболичка конотација.

Она што, по објавувањето за веста за смртта на Боуви, најмногу ме фрапираше во морето написи за него, за неговата уметност, за неговиот живот... беше фактот дека токму мојот омилен албум од Боуви, именуваниот „Station to Station“ се споменува речиси маргинално или воопшто не се споменува како дел од неговата битна продукција. Да, тешко е навистина да се одреди кои од 25-те албуми на Боуви се поважни, а кои не се, ама сепак... На пример, во инаку одличниот документарец „David Bowie: Five Years“ (2013) на Френсис Вотили, кој, по повод смртта на Боуви, се прикажа на некојa од кабелските програми, авторот одбрал пет најзначајни години (и нешто повеќе албуми) на Боуви. Почнал, сосема логично, од 1971, односно 72 година и иконичниот „The Rise and Fall of Ziggy Stardust and the Spiders from Mars“, потоа го прескокнува „Diamonds Dogs“ од 1974, одејќи директно на првиот американски албум на Боуви „Young Americans“ (1975), за да го прескокне „Station to Station“ и веднаш да поминe на 1977 година и на двата клучни албуми од таканаречената „берлинска трилогија“, „Low“ и „Heroes“. Следи 1980 година со „Scary Monsters (And Super Creeps)“, од каде што е енормниот хит „Ashes to Ashes“, а филмот завршува со мега комерцијалниот „Let’s Dance“ од 1983 година.

 

Признавам дека е тешко човек да не се сложи со изборот на Вотили. Зошто тогаш инсистирам на „Station to Station“? Одговорот е едноставен: не знам! Не знаев да објаснам ниту тогаш, кога пред четири децении го купив албумот од „Југотон“, а денес знам уште помалку. И сега, кога повторно го преслушувам, не можам да дадам пристоен одговор што точно ме плени кај оваа плоча.

Но, сепак се сеќавам на возбудата од првите преслушувања. Овој албум беше поинаков од што било што до тогаш го имав слушано. Не само поради тоа што воведната песна, истоимената „Station to Station“, траеше повеќе од десет минути и дека воведот делуваше прилично футуристички, ниту поради тоа што албумот имаше само пет песни. Најмногу, верувам, затоа што дишеше со некаква слобода. Беше тоа, уште мислам така, еден солиден поп-албум, а не беше поп. Истовремено беше рок-албум, а не беше рок. Кокетираше и со фанкот, и со диско-музиката, а најмалку беше фанк и диско.

Го преслушував (а кој не) Боуви и подоцна. Се обидував да ги пронајдам и постарите и поновите снимки, но „Station to Station“ остана прва љубов и за мене негова најинвентивна плоча. Официјално станува збор за десеттиот студиски албум, втор американски, по „Young Americans“, и вообичаено етикетиран како транзиционен меѓу неговиот американски и берлински период. И тука некаде е кваката: албумот е навистина транзиционен меѓу неговиот таканаречен „пластичен соул“ и влијанието на германската електронска школа, пред сѐ „Kraftwerk“ и „Neu!“ (донекаде и „Can“), односно краутрокот, поим кој тогаш не ми беше познат ниту како термин, а уште помалку како содржина. Од друга страна, тука е и сериозното влијание на американската блуз, соул и фанки сцена, но сепак продукциски испрана и прилично „оладена“ од американскиот прегестикулативен, па и патетичен набој. На крајот на краиштата, „Station to Station“ е, мислам, последната артистичка инкарнација на Боуви. Тука тој е Тенкиот бел војвода (Thin White Duke), за разлика од изгубениот астронаут Мајорот Том, па Зиги Стардаст и Аладин Сејн.

Конечно, овој албум е оној што го враќа Боуви дома, во Европа. Најпрвин во Париз, па во Западен Берлин. Според некои негови изјави, албумот е сниман во најтешките времиња на неговата зависност од дрога, па така две децении подоцна ќе каже дека му се чини дека го снимал некој сосема друг човек и, плус ќе додае, дека „Војводата“ е „ужасен лик“. Но, и Боуви, во еден момент, осврнувајќи се на своето творештво, констаира дека „Station to Station“ и „Low“ се „проклето добри парчиња музика“. Нема зошто да не се сложиме.

Боуви сними 25 албуми, од кои последните два во последните две години со претходна пауза од една деценија. Дури да го снимеше само „Station to Station“ ќе беше доволно за еден живот.

Извор: Коза ностра бр. 12, 28.01.2016