Обвинувања за обвинителката

04.02.2016 14:44
Обвинувања за обвинителката

Сигналот да се нападне работата на Специјалното јавно обвинителство дојде неодамна од првиот човек на владеачката партија, кога рече дека „катици“ му се наметнати и дека од нив ќе се ослободи со помош на народот кој, со клоци, ќе му ја даде целата власт.

Вплеткувајќи го народот во борба против правдата, тој го оспори правото на македонското општество да ја дознае вистината за злоупотребата на власта од страна на највисоки државни функционери. Всушност, досегашниот премиер го минира договорот од Пржино, па ако сакаме да продолжиме по патот зацртан во документот, ќе мораме да се преправаме дека тоа не сме го слушнале.

Зашто, излезе на виделина дека она што го зборуваше печатот под контрола на власта за специјалната јавна обвинителка е, всушност, став на водачот на партијата. Излезе на виделина и измамата дека само судска разврска е релевантна за владеачката гарнитура, како што велеа на почетокот од кризата, отфрлајќи секаква политичка одговорност. Сега, пораката е јасна: не прифаќаме никаква одговорност, сакаме победа на избори за да можеме да продолжиме таму каде што сме застанале. Зошто? Затоа што начинот до кој е дојдено до снимките е нелегален, а институциите кои треба да ги истражат, какво што е Специјалното јавно обвинителство, се нелегитимни. Тука запира секаква дебата со демократското општество. А, таа би требало да продолжи со прашањето: Дали, во македонската политика, таква каква што е, недемократска и неслободна, може на легален начин да се дојде до податоци за малверзации на политичари и дали тие злоупотреби може да се расчистат преку редовните обвинителства и судството?

Отсуството на демократска свест во Македонија, свест за власт која е одговорна пред народот за своите постапки, резултира во несфаќањето дека, во случајот на Специјалното јавно обвинителство, не се работи за „Катица“, туку за еден симбол на правдата кон кој мора да се покаже должна почит. Почит, тоа најтешко ни паѓа. Не знаеме ниту пристојно да ги ословуваме луѓето, па го употребуваме нивното прво име. Зошто? Затоа што нашиот омилен спорт во животот е да свлечкаме некого на земја и да не му дадеме да се исправи. Во тоа сме мајстори. Вчера, комисијата на Судскиот совет во копродукција со новинари, успеа да ја збуни и да ја свалка на земја „Катица“, како што ја нарече претседателот на Комисијата. Малку знаат дека го свалкаа на земја и еден од симболите на правдата, кој, по цена на сериозни лични опасности, денес го претставува госпоѓата Катица Јанева.

Ваквото поведение извира од темнините на балканскиот дух од кој ќе треба време да се ослободиме: „Нема долго да одиш така исправен, да гледаш право, да трепериш со насмевката, да владееш со слободата на мислата, и со гласниот отворен збор. Таков каков што си, тука не можеш да останеш. Ќе ти ја свиткам кичмата, ќе ти ја сотерам сета крв околу срцето, ќе ти го соборам погледот, ќе направам од тебе горчлива билка, на ветровито место, во камено тло. И никогаш повеќе нема да те препознае, не само твоето француско огледало, туку и очите на твојата родена мајка“, ќе запише Андриќ во „Травничка хроника“. Пишува за балканскиот глас упатен кон странците во Босна тогаш и, би додал, кон сите оние кои се предвесници на вредностите за слободата и на демократијата во Македонија денес.

Слики: Свирачиња
Извор: Плусинфо
 

ОкоБоли главаВицФото