Црниот јавач

23.04.2010 12:17
Raszka_SittingPretty2.jpg

Она што кај нас верно се пренесува од колено на колено е - коленичењето. Коленичењето, рефлексот на поданикот, просто стана стереотип за македонскиот национален карактер. Тој стереотип авторитарните и националистичките водачи само го засилуваат, барајќи послушно народно постројување зад единствените вистини и единствениот водач. Се разбира дека таквата поставеност на работите зборува за општествена патологија: нешто длабоко не е во ред кога еден мошне ограничен авторитарец (опкружен со цела чета морално ретардирани и умствено малолетни климоглавци, меѓу кои има значаен број универзитетски професори, академици итн.) ги слави доблестите какви што се гордоста, достоинството, непокорот, храброста итн. Батки-слуги продаваат бајки за големата нација, оние што спроведуваат едноумие едновремено го афирмираат достоинството, а за непокор бамборат послушни партиски војничиња со стиропорски шлемчиња и штитчиња (стиропорски дури и кога се камуфлирани во бетон, бронза и мегаломанија).

За среќа, друг важен национален стереотип е и нашата кадарност да ја исмејуваме сопствената поданичка психологија. „Ќе се предаваме или ќе бегаме?“ е славната дилема на Македонецот. Еден живописен виц разиграно ја предава сликата: Трпе (дезертерот од трупите на Александар?!) се изгубил во пустина. Згора на сè, го начекале некакви пустински разбојници, го ограбиле и претепале. По некое време, сиот истоштен, Трпе здогледал мала оаза и чајџилница среде оазата. Влегол во чајџилницата полна со луѓе. Седнал на шанкот и нарачал сок. Кога келнерот ја донел нарачката Трпе почнал да се жали дека се изгубил, дека го претепале и ограбиле, и баш кога сакал да каже дека не може да плати, влетал некој човек, целиот испотен и искинат, и почнал да вика: - Црниот јавач, бегајте! Доаѓа Црниот јавач! Спасувајте се!

Сите се разбегале, а Трпе останал сам. Кога сакал да избега и тој, некој огромен човек облечен во црно и со две сабји на појасот се појавил на вратата. Кога му се доближил на Трпе, ги соблекол гаќите и му заповедал: - Пуши ми го!

Трпе се загледал во сабјите, па почнал да му го пуши.

По неколку секунди, овој викнал: - Побрзо!

И Трпе почнал побрзо. А овој повторно барал: - Побрзо!

И Трпе почнал уште побрзо. А овој пак барал: - Побрзо! Побрзо!

И Трпе забрзал максимално, но кога овој викнал уште еднаш за побрзо, на Трпе му пукнал филмот и рекол: - Што ти е човеку, не можам побрзо, ова е најбргу што можам!

- Побрзо, побрзо, сега ќе дојде Црниот јавач, а ако нè начека вака, тешко нас!

Вицов е само увод во клучната теза на денешниот текст: кај нас не постои идејата за паресија, клучниот поим на античката филозофија, според Мишел Фуко. Во грчкиот јазик зборот паресија го означува чинот на поединецот (parhesiastes) „сè да рече“ (од гр. Pan за сè и гр. Rhema за речено), слободно да ја изговара вистината, без реторички играрии и дупли дна, а особено да го прави тоа тогаш кога е мошне ризично. Како што вели Фуко, паресијастес ја зборува вистината, не зашто тој е во посед на вистината што ја обнародува во некоја одредена ситуација, туку токму зашто влегува во ризик. Најјасниот патоказ за вистината на паресија се состои во „фактот дека говорникот зборува нешто опасно – нешто поинаку од она што го мисли мнозинството“. Притоа, според Фуко, стварта никогаш не се врти околу тоа да се открие некоја тајна која мора да биде изнесена од длабочината на душата. Вистината овде помалку се состои во опозицијата спрема лагите или спрема нешто што е „погрешно“, а повеќе во вербалниот чин на говорење на вистината: „...функцијата на паресија не е секој другому да ја покаже вистината, туку таа има функција на критика: критика на партнерот во разговор или на самиот говорник.“

Мошне проникливиот толкувач на Фуко, Герхард Рауник (австриски филозоф и активист кој наскоро ќе гостува во Скопје), вели дека паресија е форма на критика, секогаш во ситуација кога говорникот се наоѓа во некоја подредена позиција во однос на партнерот во разговорот. Примерот на Диоген кој од бурето му заповеда на Александар да му се истави од пред сонцето е класичен пример за паресија.
Според Рауник, Сократ ја презема функцијата на паресијастес не веќе на начин да практикува ризичен говор-против во политичка смисла, туку со тоа што своите слушатели ги доведува до тоа да проговорат самите за себе, и понатаму ги води кон самоиспитувањето коешто прашува за односот помеѓу нивните искази (логос) и нивните начини на живот (биос). Таа техника секако не служи како автобиографско исповедање, како испит на совеста или исповед, како самопсихологизирање, туку служи за да се воспостави однос помеѓу рационалниот дискурс и животниот стил на оној којшто прашува, односно се испитува самиот себе.

Наместо парусија општествените елити овде практикуваат кетман. Наместо присуство (во вистината), овде за доблест се смета отсуството од јавниот живот; а ако веќе присуството е неизбежно, тогаш е битно да биде во форма на кетман, упикувачко и мимикриско. Голем дел од македонската елита учествува во таа „шибицарска“ игра со „дупли дна“. Гледајќи ја, пак, таквата кетманска елита човек неминовно доаѓа до заклучокот дека исто онака како што тираните располагаат со широка палета послушници и слуги (како усмрдени чорапи за менување), многу често послушниците имаат свои колекции на моќници што ги менуваат како исклукани страшила за птици. Сè поминува - само климоглавецот останува! Да го чека доаѓањето на Црниот јавач...

слики: Brian Raszka

Извор: „Глобус“, 20.04.10.

"Наместо присуство (во

"Наместо присуство (во вистината), овде за доблест се смета отсуството од јавниот живот; а ако веќе присуството е неизбежно, тогаш е битно да биде во форма на кетман, упикувачко и мимикриско."
BRAVO!

 Исклучително добар текст.

 Исклучително добар текст. Браво! 

е ебата е во тоа што не читаш

е ебата е во тоа што не читаш само ти другарче и ние со влакна во носот читкаме по нешто онака успат. и батали читањето на проникливи толкувачи, туку што се замарам... ова е последна моја посета на посраниов портал.
P.S
не си во охрид?

Како авторите на окно нудат

Како авторите на окно нудат се подобри текстови и видувања така се расте бројот на коментарите од „поначитаните“ кои се загрижени за  квалитетот на порталот. Да се грижеше секој за сопствениот квалитет колку што се грижи за квалитетот на „посраниве“  портали и автори, Македонија ќе беше Швајцарија. Вака останува да  преиспитаме од каде маленкоста пресликана во веќе видените коментари полни со омраза,  кои приметувам во последно време се задскриваат позади „добрите намери“ и загриженоста. Тоа укажува дека окно и авторите на окно се на добар пат да прераснат во еден од најчитаните медиуми во Македонија со најголем процент на читатели кои „веќе нема да го читаат“.

ОкоБоли главаВицФото