Џон Клиз: Целта на хуморот е критиката

08.02.2016 13:20
Џон Клиз: Целта на хуморот е критиката

Џон Клиз во една телевизиска емисија изјави дека преголемата политичка коректност и стравот да не навредиме некого може да нè одведе во општество налик на Орвеловата „1984“. Ѕвездата од Монти Пајтон зборува за тоа како неодамна добил совет дека не би требало да настапува на универзитетските кампуси, зашто идејата за политичка коректност толку се проширила, што каков било вид критика може да биде сфатена како „сурова“.


Ветеранот на комедијата, Џон Клиз, вели дека проблемот е во луѓето кои не можат да ги контролираат своите емоции, па се обидуваат да ги контролираат туѓите, а тоа станува загрижувачки, зашто би можело целото општество да го одведе по патот на Орвеловата дистопија. „Ако почнеш да размислуваш: 'Ох, не смееме да ги критикуваме или навредиме', хуморот исчезнува, а со хуморот исчезнува и чувството за мерка, и тогаш, што се однсува до мене, живееме во 1984“, додава Монтипајтонецот.

Клиз, чии шеги за Германците и шпанскиот келнер Мануел во серијата „Fawlty Towers“, денес за некого можат да бидат навредливи, вели дека комедијата е критички настроена.

Клиз смета дека британските медиуми секој ден го навредуваат со мрзливоста, гадостите и неточните вести, но не очекува дека некој поради тоа ќе ги спречи да прават такви работи, тој едноставно укажува на проблемот.

Комичарот објаснува дека луѓето немаат право да бидат „заштитени од какви било непријатни емоции“ и ја брани слободата на изразувањето за сите комичари на светот. Потоа го цитира психологот Робин Скинер кој вели: „Ако луѓето не се во состојба да ги контролираат сопствените емоции, тогаш добиваат потреба да го контролираат однесувањето на другите луѓе.“

Клиз додава: „Кога сте во близина на луѓе кои се претерано чувствителни, не можете да се опуштите, да бидете спонтани, зашто не можете ни да претпоставите што сè би можело да ги навреди.“

„Неодамна бев предупреден дека не би требало да настапувам на универзитетските кампуси, за да не навредам некого. Политичката коректност како добра идеја која некогаш значеше 'ајде да не бидеме злобни кон луѓето кои не се во состојба баш најдобро да се грижат за себе', денес е изопачена до толку што кој било облик на критика на сметка на некој поединец или група, може да биде сфатен како нешто сурово.

Клиз и неговите колеги од Летечкиот циркус Монти Пајтон ги поместија границите на комедијата во текот на шеесеттите и седумдесеттите години. Филмот „Житието на Брајан“, жестока пародија на животот на Исус Христос, навреди многу луѓе во тоа време, но Клиз го бранеше правото на изразување преку комедија, како што го прави тоа и денес.

Извор: e-novine

Слични содржини

Европа / Балкан / Култура
Европа / Балкан / Култура / Музика
Книжевност / Уживање / Култура
Книжевност / Уживање / Култура
Книжевност / Уживање / Култура
Книжевност / Уживање / Култура

ОкоБоли главаВицФото