Самрак на „куртоните“

08.02.2016 15:50
Самрак на „куртоните“

Уживам во дебатата што ја следам низ медиумите за тоа како треба да се уреди медиумскиот простор во Македонија, како резултат на преговорите од Пржино. Целата мизерна колекција на телевизиски, радиски и печатени пропагандисти на власта е тргната во голема офанзива, во Февруарски поход на живот и смрт: шират хистерични лаги и бесмислени манипулации, како Протуѓер дупло да им ја зголемил дневната доза на дрогата, таа мешавина на пари и лаги, што интравенозно им ја вбризгува со години наназад! Ја загадуваат јавноста со невиден ентузијазам, свесни дека судниот пропагандистички ден им се ближи, ако пред тоа не крепаат од финансиска предозираност бидејќи, реално, веќе немаат каде да ги складираат парите со кои Груевски така безмилосно ги отру. Сребреник за секоја нова лага, златник за секоја нова продадена душа!

Но, кога ќе влезете подетално во сценариото на Фауст, приказната добива чуден тек...

НЕНАЈАВЕНИ ТРАНСФЕРИ?

Што мислите, уште колку време ќе му треба на заглупавениот од пари Сител да разбере дека, да ја мултиплицираш латаштината и на Нова ТВ – значи, истата вредносна помија да ја нудиш наново спакувана на каналот на новата режимска бизнис-бејби Кочан – само ќе значи дека „крадеш“ гледачи од оригиналната пропагандна посна чорба на самата Сител! Таа нова пропагандна платформа нема да ја гледа некој нов контингент од „свежа“ публика – луѓе дојдени од Марс, на пример – туку истите кои и вака го гледаат Сител. Тоа е основна азбука на телевизијата за прераспределба на постојната публика: ќе си „крадат“ гледачи меѓу себе, кои и онака ги има сè помалку, бидејќи на сите им е дојдено преку глава од телевизиските чешми од кои нон-стоп тече пропагандната кал за големите успеси на режимот.

А тоа што важи за публиката, важи и за рекламерите: без разлика дали се работи за парите од приватниот државен буџет на Ставрески или за буџетите на „Кока-кола“ и „Проктор и Гембел“, тие ќе мора да се смалат за Сител, бидејќи на списокот е додадена уште една гладна телевизиска уста што ќе мора да се „рани“ – ТВ Нова.

Според тоа, дозволете ми малку реторика: Ало, Мали Ѕинго, следиш ли бе ти што ти прави Груевски? Се остварува ли планот на Мијалков од објавените телефонски разговори дека, за пет милиони евра годишно што ви ги бутаат по џебови, би можеле да си направат навистина СВОЈА телевизија, па себеси да си ги бутаат по џебови, многу, многу повеќе, наместо од тебе и твоите да продолжат да прават медиумски дембели?! Те викнале ли да ти кажат кога ја донеле таа одлука или и Латас не ти кажал дека и тој (веројатно сосе „комодата“ Ивона, како дел од неговиот канцелариски мебел) се спрема за трансфер натаму?

А, некој да ти го даде бројот на Заев, таму, ако има останато некоја будала во СДСМ, да пробаш наново да се пазариш?

СИТЕЛ ВО СЛОБОДЕН ПАД

Додуша, сосема го разбирам Груевски зошто почнува да го откачува Сител. Тој е провинциски економист кој, сепак, ги разбира елементарните операции на множење и делење. Погледајте го, според официјалните податоци за мерење на телевизиската гледаност во Македонија, драматичниот пад на публиката која го следи главниот Сителов Дневник во последните неколку години:

- Во цела 2013 г. главниот Дневник на Сител дневно, во просек, го следеле околу 234.000 луѓе;
- Во 2014 г. истиот тој Дневник просечно го гледале 193.000 луѓе;
- Во 2015 г. Сителовата просечна гледаност на Дневникот паднала на 170.000 луѓе;
- Знаете ли колку е просечната гледаност на Сителовиот Дневник во јануари 2016 г.? Едвај 150.000 гледачи.

Значи, од 2013 до 2016 година изгубиле околу 100.000 гледачи. Нема да ме чуди до вонредниве избори во јуни или во септември таа бројка да падне под 90.000 дневно. Колку за споредба, во најлошите денови на А1 телевизија, на сред август, на пример, на 46 степени во сенка, дневникот не им паѓаше под 300.000-400.000 гледачи. Ова ви го кажувам за да ви е појасно зошто мораа со специјална полиција да го апсат Велија. И – ја укинаа А1, а милионерите од Сител не успеваат пред екран да ги соберат ни официјалните членови на партијата на власт! Ебати пропагандата, па Грујо знае дека така пропадна и комунизмот.

Тоа е за гледаноста. За довербата, пак, во вестите на Сител, можеби од пристојност треба да се воздржам од изнесување податоци. Инаку ќе мора да го цитирам истиот оној ИРИ што прогнозира дека Грујо ќе ни биде премиер до 2038 година, според чии истражувања од десет испитаници, само двајца (со бројки: 2) изразуваат некаква доверба во она што се тртља на Сителовиот Дневник. До следните избори, оваа бројка ќе се приближи кон нула.

Како што тргнало, мислам дека и Јанко и оној несреќник од Миленко, кои не мрдаат од десетина-дваесет илјади гледачи по емисија, наскоро ќе можат Латас да го гледаат – а можеби и да „шараат“ по него – „од високо“. А да проба Латас да ги отвори вестите со тоа дека земјата е рамна?! Па Ивона следниот ден да каже дека е, сепак, во облик на лепешка? И да го викнат, на пример, Диме Спасов во Дневникот за да им ја крене гледаноста?

Објективно, во телевизискиот бизнис оваа состојба се нарекува катастрофа. Што би рекле кумановци: „Он ме е*е, ја га л‘жу ќе га узму...“

ЕПИДЕМИЈА НА ЗИКА ВИРУСОТ

Но, да е само Сител... Што мислите, какви се податоците за гледаноста на Канал 5, Алфа и МТВ – тие собрани ЗАЕДНО не ги стигнуваат очајните трендови на Сител. Или: кој го слуша оној милионски радиски проект за грабање државни пари наречен „Радио Слободна Македонија“ – мислам дека да излезам на тераса кај мене и да почнам да се дерам од трети кат, повеќе луѓе ќе ме чујат... А да ви кажувам за тиражите на главните весници и за оној лакиран неделник со „државно“ име?

И, во една таква, за режимот, траорна медиумска ситуација, интелигентот Орце Камчев, на пример, го отпушта Горан Михајловски од „Вест“, чии КОЛУМНИ ги читаат по 50.000-100.000 луѓе неделно, и го носи Горан Петрески на чело на весникот кого на ТЕЛЕВИЗИЈА не го гледале ни по 50.000 луѓе неделно, вкупно?! Браос, ептен ингениозно.

Ете, така, од пропагандни мегафони и труби, режимскиве медиумски активисти се претвораат во фрули... пикола... кавалчиња. Предлагам на вонреден систематски преглед да се проверат да не се заразени со вирусот зика. А исто и Протуѓер, бидејќи, нема друго, мора да ти се суши мозокот за со години да продолжиш да фрлаш толкави пари на нешто што работи во корист на твојата штета.

И, после, виновни биле соросоидите што секој ден на власта ѝ даваат голчиња меѓу нозе!

Море, да сум ви јас Груевски, за сите упропастени милиони, кога ќе фатам на клоци да ве дигам, има партали да летаат, неспособни морони едни! На толку фрлени пари за пропаганда, Грујо можеше да стане дел од вселенската програма на НАСА, а не со Гордана и Миле да изигруваат космонаути во Идризово, абдали едни! Го натеравте човекот нон-стоп да лаже: нема криза, нема избори, нема техничка влада, не си давам оставка, нема Катица, не го менувам името, нема да ги одложиме изборите по 24-ти... На крај сега го терате да лаже и дека ќе победи на изборите, само поради вашата неспособност да го убедите народот дека црното е бело и дека, следствено, ДПМНЕ е светлата иднина на Македонија!

Мааарш!

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат
 

ОкоБоли главаВицФото