Освен за дебели, ќе има ли и данок за цицлести?

08.02.2016 15:18
Освен за дебели, ќе има ли и данок за цицлести?

Тодоров ќе ги оданочува дебелите и елегантно пополнети Македонци. Има да платат дебело, зашто се дебели. Зашто се хранат нездраво, со евтини паштети, виршли и мајонез. Ќе платат дебело, зашто тискаат леб, бурек, зашто ждерат евтина храна, џанк фуд и само понекогаш, во ретки моменти, скара на кило.

Тодоров, Спасителот на Македонците, сфатил дека дебелината помалку доаѓа од преждерување, а повеќе од лоша и нередовна исхрана или од конзумирање нездрава храна. Лишена од хранливи состојки. Тодоров тоа го сфатил, ама не сфатил, дека цената на здравата храна е мноооогу висока, да речам, МРСНА.

Тодоров, ти мислиш има такви будали коишто да имаат пари наместо пастрмка би јаделе конзерва-сардина од педесет денари? Или би шлапале мајонез на лебот, ако можат да си дозволат кавијар или инчуни. Зарем оние јадници што ги работат барокните фасади качени на скелиња, да им се може, не би го наполниле лебот со димен лосос, наместо со најевтината мортадела?

Тодоров, дали барем еднаш си забележал што најмногу купува твојот пресреќен народ во маркетите за храна? Сирење рефус, салама рефус, маргарин од дваесет денари, наместо путер од деведесет, најевтин зејтин во којшто петпати пржат компир, а тој и пред пржење е канцероген. Купуваат патлиџан и краставици во грамови, наместо во килограми и тоа во лето. Овие зимските од сто и дваесет денари кило не ги ни погледнуваат, да бидам искрен и подобро, зашто имаат вкус на гума од точак. На децата за роденден им купуват чоколади за готвење наместо оние млечните со бадеми и лешници. Дали знаеш дека има семејства во твојата чудесна земја Малердонија кои цел ден јадат варен компир, на којшто ќе фрлат малку сол?

Тодоров, за разлика од тебе, сум влегол по селски куќи низ земјава чудесна. Кога ќе отворат фрижидер, внатре е попусто од Хирошима веднаш по атомската бомба. Освен ракијата во фризот, можеш да видиш само само малку позеленета пилешка салама, конзерва ѓувеч од 250 грама, шише ракија и леб од пред три дена. Го чуваат во фрижидер за да не мувлоса брзо. Најтажно во таа приказна е што во таквите куќи живееат ваши верни гласачи, кои се опасно навлечени на тие продукти, зашто не можат да купат подобри и тешко е да ги одвикнеш од тоа задоволство да ги конзумираат. Полудени се од сиромаштија, иако и меѓу нив има дебели. Ќе прашаш, како, сиромашни, а дебели? Е така. Дебелината понекогаш е резултат на хормонални пореметувања и стрес. Стрес од стравот како да се прехрани семејството од први до први. И сега ти, Тодоров, ќе ги оданочуваш и болните од гојазност? Како да не им е доволно тешко со болеста и дебелината, па уште и данок им товариш на грб.

Тодоров, стварно ни е доста од тебе и твоите киксови, зашто ги плаќаме многу скапо. Некои со пари, а некои со нашите и животите на нашите блиски. Наместо да ги плаќаме ние, почни ти самиот да ги плаќаш твоите будалаштини. Сфати, подобро е да си дебел отколку глуп. Оти што е следно во твојот богат реертоар на длабокоумни потези и реформи? Ќе почнеш да ги оданочуваш цицлестите и расни жени зашто зафаќаат поголем простор во тесните и ниски кинески автобуси? Ќе предложиш данок за сите со криви ноџиња и за оние бубуљичавите? Или данок за оние без членска книшка од ДПМНЕ? А може да удриш со даноци и по оние надарени меѓу нозе, зашто во нивна близина сите вие врвни реформатори се осеќате малку непријатно. Со големите реформи изгледа ги компензирате вашите мали ку… Капацитети де!

Тодоров, тоа што ти го предложуваш е дискриминација. Фрлаш стигма на дебелите и сиромашните, зашто тие немаат пари да купат здрава храна за живот без мана. Според тебе, сите мажи треба да бидеме Аполони, а жените анорексични ко Парис Хилтони. Кој те учел така? Доктор Јозеф Менгеле? Што ако некој сака да јаде само најлоша храна? Ако ужива во мајонезот, а му се повраќа од кавијар? Што ако некој си ја сака дебелината? Ти ќе дојдеш да му ги земеш парите заради тоа што се сака таков? Мисли малце со тоа главата! Не трчај ко прле пред магаре! Некои европски земји имале таков данок, па ај сега и ние да увеземе. Тие земји на кои ти мислиш имаат и закони за дозволена должина и закривеност на краставиците, за обемот на јајцата во фармите, за бојата на очите на кравата и други слични закони, ама тоа не значи дека треба да ги искористиш како оправдание за да го ограбуваш својот народ.

И дај навистина направи нешто со себе. Оди скриј се некаде, што знам јас, во оставата за метли во Министерството за здравство и не се појавувај повеќе во јавност до крајот на твојот мандат, зашто со вакви потези и изјави, твои и на останатите апологети на Груевски само му ја копате дупката уште подлабоко.

Извор: Либертас
Слики: Свирачиња