Шекспир - писател на сите времиња

09.02.2016 04:06
Шекспир - писател на сите времиња

Шекспир е како свет, или како живот, вели Јан Кот од Полска, еден од најславните шекспиролози на сите времиња. Не постои писател чии биографски податоци ни се толку, повеќе или помалку, познати, писател чии црти на лицето ни се толку врежани, и кој толку многу се приближил до легендата. Само Хомеровите епови и светите книги се пославни од делата на Шекспир.

Необјаснивоста на генијалноста на Шекспир ги наведувала луѓето на најразлични теории и претпоставки. Веќе се добро познати претпоставките за Франсис Бекон како вистинскиот автор на Шекспировите дела, а слични и помалку слични теории на заговор има многу. Како воопшто е можна толку голема книжевна генијалност, тоа е прашањето кое се поставува со векови.

Во извонредниот есеј „Хамлет од Анатомијата на Весел“, Мирослав Крлежа вели: „Пред низата загатки, пред огромниот куп нерешени прашања, пред најразновидните проблематики на многубројните реални дилеми, Шекспир се движи со сигурност на компас пред кој се отвораат нови светови.“ (...) Без оглед на географската дистанца и политичките прилики, неговиот збор одекнува низ вековите. Во големата европска дискусија која се создава околу неговите дела веќе триста години, ликот на Шекспир како типичен универзален ренесансен човек сè уште владее низ еден цел европски период, толку богат со генијални сознанија.

Тој во суштина е градител и композитор на монументални визии, необично суптилен мислител, проповедник на нови гледишта и социјален анатом на еден цел феудален круг, и сето тоа е собрано во една личност.“ И денес, сите цитирани извадоци од неговите дела се актуелни. Единственото нешто што би можеле да го промениме е огромната европска дискусија да престане да трае триста години, туку да потрае дури 400 години. Шекспир починал во 1616 година. Ако во книжевната и театарска 2016 година во глобални рамки е можно нешто однапред самоуверено да се рече, тогаш тоа е дека во голема мера ќе биде во име на Шекспир.

Портрет на Шекспир, на Вилијам Блејк, околу 1800-та година

Веќе споменатиот Кот за Хамлет вели:„Библиографијата на расправи и студии за Хамлет е двапати подебела од варшавскиот телефонски именик. Ниту за еден Данец од крв и месо не е напишано толку како за Хамлет – тој Шекспиров крал е непобитно најславниот Данец. Хамлет израсна од пофалби и коментари, тој е еден од малкумината книжевни јунаци кои живеат надвор од текстот, кои живеат надвор од театарот. Неговото име значи нешто дури и за оние кои никогаш не го читале, ниту го гледале. Во тоа е сличен на Мона Лиза на Леонардо Да Винчи.“ Последната реплика на Хамлет по која останува единствено тишина, како пророчки да го најавува и пристапот кон ова дело и повеќе од четиристотини години по неговото исчезнување.

Владимир Набоков во една прилика рекол дека „Хамлет“ е најголемото чудо во светската книжевност, а во преписка со Едмунд Вилсон, тајната на неговата безвременска актуелност се обидел да ја објасни со тезата дека во Хамлет постојат сите елементи кои ја привлекуваат публиката: од духот како присуство на натприродното, преку кралското семејство, дворските интриги, убиствата како зачин на мистеријата, и злосторството како каталог на најразличните начини на убивање. Во суштина има нешто во оваа теза на Набоков. Шекспир знаел дека најголемиот грев на писателот е да биде здодевен. Во неговите дела животот врие, се готви, клокоти. Страстите се силни, заплетите се возбудливи, а расплетите крвави. Хамлет е идеален пример за богатството на Шекспировиот свет.

Веднаш по завршувањето на Втората светска војна, точно во декември, 1945 година, поетот В. Х. Одн го напишал есејот со наслов „Христијанскиот трагичен херој“. Според него, основната разлика меѓу античкиот и христијанскиот трагичен јунак е во тоа што овој вториот е одговорен за свите дела. Одн вели дека гледачот на античката трагедија, чувствата кон Едип (чија судбина е предодредена) може да ги изрази со зборовите: штета што ова мораше така да заврши. Додека за Магбет, кој имаше избор, чувството е следно: штета што испадна вака, а не поинаку. Својот есеј за Магбет Кот го насловил „Магбет или заразениот од смрт“.

На самиот почеток на есејот Кот кратко и ефектно ни ги прераскажува движењата на Големиот Механизам кој ја создава фабулата на ова дело: „Задушувањето на бунтот го доведе Магбет блиску до престолот. Може да стане крал, што значи дека мора да стане крал. Го убива законскиот владетел. Мора да ги убие сведоците на злосторството, и оние кои се сомневаат во него. Мора да ги убие синовите и пријателите на оние кои претходно ги убил. Потоа мора да ги убие сите, бидејќи сите се против него (...) На крајот и самиот ќе биде убиен. Го помина целиот пат низ големите скалила на историјата.“

Се смета дека „Магбет“ е напишан во 1606 година и воглавно е прифатен како најмрачното дело на Шекспир. Емил Сјоран некаде запишал дека добриот драматург мора да има смисла за убиство. Шекспир го докажува тоа во Магбет. Она што е речено за „Тит Андоник“, донекаде важи и за Магбет : кога делото би било подолго, актерите би се симнувале од сцената и би ја убивале публиката. Безвременската актуелност на Магбет ја потврдува и склоноста на режисерите да го искористат за филмска адаптација. Досега според Магбет, во светски рамки се снимени околу десетина филмови, но посебен куриозитет претставува податокот дека дури четири режисери кои припаѓаат меѓу најголемите филмски уметници на сите времиња, ја екранизирале оваа трагедија.

Актерот Џон Финч во улога на Магбет, во филмот на Роман Полански

Верзијата на Орсон Велс е од 1948 година, онаа на Куросава од 1957, а онаа на Роман Полански од 1971 година. Пишувајќи за Магбет на Полански, во ретко пофалната критика, Роџер Еберт забележува дека е невозможно да се гледа филмот Магбет во режија на Полански, а да не се помисли на случајот со Чарлс Менсон. Ликовите во во овој филм, пишува Еберт, се „антиинтелектуални и недуховити, а со нив управуваат длабоки, бессрамни и жестоки страсти и насилство.“

Кога пишува за „Кралот Лир“, Кот уште со насловот укажува на тоа дека го набљудува Шекспир како современик. Есејот е насловен „Кралот Лир или Кралот на играта“, и се повикува на Бекет. Кот всушност тврди дека дека најголемите модерни драматичари – Бекет Диренмат, Јонеско, Брехт – се поблиски до Шекспир повеќе од кој било друг од неговите деветнаесетвековни претходници. Исто така, тој вели дека таа модерност на Шекспир можеби е највидлива токму во Кралот Лир, делото во кое репликите се полни со парадокс, досетки, дијалектика, и со јазикот на црниот хумор, дело во кое го комбинира барокниот надреализам, сарказмот и класичната реторика, дело со бајковита и легендарна, односно филозофска суровост.

Во заплетот на оваа драма навистина има нешто бајковито. Овде е стариот крал со три деца – три ќерки. Своето кралство сака да го подели на три дела, па ќе ги повика своите три ќерки да му кажат колку го сакаат, а тој за нивната љубов ќе знае да им се оддолжи. Најстарата ќерка му кажува дека го сака повеќе од својот вид, слободата и космосот. Средната ќерка вели дека нејзината сестра сето тоа убаво го опишала, но дека таа го сака уште повеќе. Меѓутоа, најмладата ќерка Корделија, најдрагата на својот татко, ќе рече дека го сака исто како должноста, ни помалку, ни повеќе.

Поворка на ликовите од драмите на Шекспир од непознат уметник

(Кјеркегор, во „Дневникот на заводникот“ ќе запише: „Корделија! Тоа е навистина прекрасно име, така се викала третата ќерка на кралот Лир, онаа исклучителна девојка која не можеше срцето да го принесе до уста, чии усни беа неми кога срцето беше полно.“) Стариот крал ќе им поверува на накитените, празни оди на постарите ќерки, па нив ќе ги награди, а Корделија ќе ја остави без ништо. Неумоливиот виор на трагедијата веќе се насетува, тркалото на несреќата ќе ја придвижи, и до крајот нема да застане: сплетки, предавства, прељуба, слепило, злосторство, бесчувствителност, смрт, лудило.

„Кралот Лир“ е едно од оние дела на кои големите писатели им се восхитуваат, кое филозофите ги анализираат, кои се неизбежен предизвик за режисерите. Ликот на Лир прерасна во една од најмоќните симболички фигури во западната цивилизација. Јасперс во него препознал „симбол на длабоките човечки тајни“, а познатата сентенца на Гете вели дека „секој човек е кралот Лир.“

Генијалниот езотеричен Унгарец, Бела Хамваш, на едно место запишал: „Платоновите дијалози се духовити, ведри, прекрасни, драматични, поетични, остри, страсни, разиграни. Постои само еден европски автор кој му се обраќа на човекот како целина, кој говори со целото свое човечко битие: Шекспир.“ И четири столетија по смртта на Шекспир, тоа на секој чекор се потврдува како вистина.

Во Велика Британија, и во туристичка смисла, оваа година ќе биде посветена на Шекспир. На пример, најавено е дека лондонскиот театар Globe годишнината ќе ја одбележи со дури 37 кратки филмови, што значи, по еден филм за секое дело на Шекспир. Британскиот совет важноста на оваа годишнина ја споредува со Олимписките игри одржани во Лондон. Конференциите, изложбите, и фестивалите посветени на оваа годишнина би било тешко да се избројат.

Според многу најави, на овој тренд му се придружува и српскиот театар. Она што е веќе објавено е податокот дека во Српскиот Народен Театар во Нови Сад неодамна се одржа премиерата на Хамлет. Режисер е Никола Завишиќ, драматурзи Светислав Јованов и Владислава Војновиќ, а во претставата играат актерите и актерките од Српскиот Народен Театар. Во СНТ Хамлет првпат е претставен уште во далечната 1961 година.

Меѓу најинтересните проекти по повод оваа годишнина е објавувањето серија романи базирани на делата на Шекспир, кои ќе ги испишат некои од водечките писатели и писателки. Маргарет Етвуд ќе ја напише својата Бура, Трејси Шевалие својот Отело, Џилиен Флин својот Хамлет, а Jу Несбе својот Магбет.

Извор: Nedeljnik

 

ОкоБоли главаВицФото