Бангкок под ведро небо

10.02.2016 03:21
Бангкок под ведро небо

Собата со пекршениот прозорец го отвора аголот кон овој прекрасен град, блиц од метрополата, која првпат е тука во однос на дотогаш замисленото. Испрекршениот град ни го покажува до недоглед своето пространство поделено помеѓу илјадници урбани перипетии. Неговата масивност буди тотална деконцентрација, која нè носи по неговото урбано непознато, нè губи по неговиот простор. Тука некаде беше и неделниот пазар, северно од градот кој продуцира една хиперактивна сцена полна со живот. Улични тезги, сувенири, храна измешана со мирис од смог, прав и сладникави зачини, раскошна тропска клима и луѓе, луѓе Таи, луѓе странци, луѓе насекаде. Мегафонот од Chatuchak скајреил станицата испушта крици на логорска подреденост и заедно со околниот сеопшт делириум се соочуваме со овој ориентален отсечок.

Добредојдовте во Бангкок.

Ова височество од град е карктеризирано во повеќе димензии, нивоа, супстанци. Современ конгломерат кој содржи многу минато, а богами и многу иднина. Од една страна храмови и кралеви, од друга страна небодери и сламови. Од еден агол мизерија, од друг агол раскош. И сето тоа во енергична кохезија, голема толеранција, блискост, космополитност, па дури и екстравангација по одредени прашања.

Бангкок нуди реален футуризам, кој на моменти потсетува на летечките сообраќајни градови на стрип-мајсторот Енки Билал (секако, не толку бизарно како во неговите сценарија). Toj поглед од висина се доловува преку безбројните нивоа на транспортни јазли кои варираат помеѓу исполнетиот периметар и доминираат по неговата секвенца. Преку испреплетеноста од скајреилот, метрото, платформите и конкурсите, може да се стигне до каналите долж реката Chao Phraya, чии ситуации продуцираат најразлични богати и динамични кадри.

За разлика од кај нас (Европа), каде постои конкретна архитектура и подреденост, тука преовладуваат спонтани и масивни населби во отуство на каква било прецизна поставеност. Архитектурата е ослободена од секаков вид на организација и како таква се создава под демографскиот притисок. Затоа и Бангкок претставува еден прототип на метаболизмот, продуциран од секојдневната френезија.

Овој Метаморполис има посебен начин на трансформација. Неговите граѓани негуваат сè уште традиционални обичаи кои успеваат да ги вклопат во глобалните процеси и да овозможат разноликост во урбаното секојдневие, без притоа да се изгубат во постлибералниот режим кој и тука е мошне застапен. Градот постојано се развива преку својата флексибилност и локалните навики како Sanuk (колективно дружење) и Pbai-tieuw (нешто неоткриено што мора да се спознае). Токму оваа културна специфичност го надградува централното подрачје и придонесува за неговата оригиналност. Ваквиот „Sanuk-урбанизам“ приредува изненадувања и многу случки кои се одвиваат по уличните агли, од кичестите згради па сè до кровните тераси. Овие стилови и начин на живот потекнуваат од семејниот контекст, кој воедно претставува и историски двигател во секреирањето на Бангкок низ годините.

Повлијателните градски семејства и денес владеат со 75 % од градското земјише. Имотот кој го поседуваат успева да го репродуцира економскиот развој создавајќи нови услови кои доведуваат до бескруполозна и неконтролирана експанзија на градот долж главните улични жаришта. Широките празнини (кои се гледаат од повисоките катови на облакодерите) помеѓу главните улици сè уште се користат како фарми или пак се окупирани од сиромашните класи. Тоа може да се забележи и во Thonburi, западно од градот низ каналите кои минуваат по ова мирното преградие, исполнето со трошни колиби кои едвај се потпираат по течението полно со ѓубриште, нечистотија и запуштена вегетација. Таа е надополнета и со пловниот пазар, па заедно со понуденото создава туристичка атрактивност. И оваа кревка слика, набљудувана од жолтиот чун, задава посебна естетика на сурова убавина со специфичен хабитат.

Видно воочливи се јаките бои, измешани од јавниот превоз, кои се прелеваат од виолетовото и жолто-зелено такси до сината и виолетова рикша. Внимание одземаат и згуснатите електрични кабли, во чија урбана пајажина се заплеткани и крошните дрвја и зеленило, создавајќи вештачки пејзаж кој заедно со пешачкиот плочник претставува типичен декор во континуитет. Локалниот фолклор на украси по продавниците кои се пренатрупани од сешто се меша со елегантните маркети за свила и кашмир, додека во околината се наоѓаат сè поголеми трговски центри. Има еден многу интересен локален архитект, кој сето ова успева да го прелее и примени во својата архитектура. Super machine е архитектонско студио чие искуство се заснова врз бангкошкото секојдневие.

Јавниот рекламен простор е посебно значаен, исполнет со светски познатите производи, помеѓу чие повторување се вметнува и кралот како универзален и државен бренд, чија доминација потсетува на времињата од социјалистичките дефилеа. Иако е демократска и либерална, оваа држава негува привид за кралската митологија.

И секако, во овој преполн инсерт, најубави се оние улици од Бангкок каде сите знаат дека се јаде најдобро, на некои од уличните агли по Сукумвит, чија храна е подобра од кој било ресторан во градот. Дури и најобичната супа од кокосово млеко знае да побуди посебно чувство триејќи го вкусот помеѓу слаткото и киселото, каде вкусот на ѓумбирот нè отрезнува на крајот. И така, кога сме отрезнети и седнати на кршно столче со масиче кое директно гледа во тезгата каде се готви, оваа медитација нè смирува во околниот привиден свет полн со ориентален немир.

Слични содржини

Јавни простори
Јавни простори
Јавни простори
Општество / Активизам / Јавни простори
Јавни простори / Фотографија / Живот
Јавни простори / Живот
Јавни простори / Фотографија / Живот

ОкоБоли главаВицФото