Перспективен спортист го пријавил талентот за исчезнат

10.02.2016 14:13
Перспективен спортист го пријавил талентот за исчезнат

Скопје, 10 февруари 2016

Владо Копитаров, македонски младински фудбалски репрезентативец, утрово во полициската станица во Ѓорче Петров го пријавил својот талент за исчезнат.

Младиот напаѓач се посомневал дека талентот можеби го снемало некаде по три натпревари на кои не постигнал гол, но кога во текот на првата полусезона, за својот клуб ФК Офсајд не постигнал ниту еден гол, решил да го пријави талентот за исчезнат.

Како што дознаваме, полицајците се заинтересирале и веднаш почнале интензивна истрага, но од талентот на Копитаров сè уште нема ни трага ни глас.

„Прво го баравме талентот на Владо во соблекувалната на ФК Офсајд, како и на помошното игралиште, но тренерот и соиграчите ни рекоа дека не е можно Владо да го заборавил талентот таму, бидејќи со месеци не доаѓал на тренинг“, велат од МВР.

Извори на Пара вести блиски до полицијата велат дека најверојатно Копитаров го заборавил својот талент една пијана вечер во некоја од скопските дискотеки или кафеани, каде што бил чест гостин.

Од МВР за сега ниту ги потврдуваат ниту ги демантираат ваквите шпекулации.