Зошто не го напаѓам Заев

12.02.2016 03:02
Зошто не го напаѓам Заев

Повеќе од една година пишувам против груевизмот, или како што еден духовит блогер го нарече – Труевизмот. Уште пред да се појават „бомбите“ на Заев. Пишувам дека се работи за еден промислен, обмислен и осмислен систем за уништување на слободата и демократијата, за брутална пресметка со различномислечките критичари, за формализирање на плурализмот, за потчинување на институциите, за наметнување фалшив систем на вредности за манипулација и поделба на луѓето. И сето тоа за една тесна група околу Груевски да стекне неограничено богатство и моќ. Ако секоја држава има своја мафија, кај нас, мафијата доби своја држава.

Го мислам тоа што го пишувам, како што верувам дека тоа е единствениот исправен, правилен и демократски начин мојата малечка држава да се ослободи од стегите на груевизмот. Го пишувам тоа од лично уверување, ангажирана единствено од сопствената совест. Никој не ме плаќа, ниту имам обврска пред некоја политичка партија, а најмалку ме водат некакви политички амбиции. Сосема ми е доволно што сум сопруга, мајка, професор на Факултетот за земјоделски науки и храна, другарка на многу мои другари и колешка на многу мои колеги, а пред сè обичен граѓанин кој многу сериозно е загрижен за судбината на сопствената држава. Немам ништо против човекот Груевски, како што не ме интересира неговиот приватен живот, неговото семејство, неговите радости и таги, неговите доблести и неговите мани. Затоа пак, имам собрано огромен гнев и револт против манирот на неговото владеење и, сè додека ме служи умот, ќе се борам против тоа.

Имам обврска да го појаснам сето ова, бидејќи редовно во коментарите под моите ФБ колумни, се појавуваат едни исти аргументи: дека сум фатила партиска страна и дека ништо не пишувам против Заев. Иако работите се премногу едноставни за објаснување, поради стеснетата свест на многу мои сограѓани под стегите на сурово октроираната индоктринација во чија основа е тезата дека во Македонија се води само гола битка за власт и ништо повеќе, дури и едноставното, понекогаш е компликувано. Оттаму, принудена сум да потсетам на следново:

Прво, Заев не е на власт. Не води Влада, не предлага закони, не ја задолжува државата, не спроведува реформи, или наједноставно кажано – со ниеден потег институционално не влијае врз мојот (нашиот) живот, работа и егзистенција. Можеби Заев е злобен, дволичен, манипулант, измамник и неранимајко, ама тоа повторно не ме засега, бидејќи во моментов (додуша во последните 10 години) тој е ОБЕЗВЛАСТЕН. Како таков, па макар бил и лидер на најголемата опозициска партија, тој не е мој предмет на интерес.

Второ, јас не се борам Заев да дојде на власт, туку груевизмот за падне од власт. Тоа се две многу различни работи, колку и да се обидуваат некои да ги поистоветуваат. Апсолутно ми е сеедно кој ќе биде следниот премиер, бидејќи мојот ангажман не е насочен како ad hoc напаѓање на актуелната влада (само затоа што е претставувана од конкретна партија или личност), туку како предупредување за секоја идна номенклатура, но и како основа за враќање на старите и воспоставување нови вредности. Груевизмот како политички начин на функционирање мора да се сотре, демонтира и фрли во контејнерот за отпадоци сега, веднаш и за вечни времиња (амин!), за никому во иднина не му падне на памет да го ревитализира.

Трето, фактот што Заев и мојата дребност (како и многу други политичари, невладини организации и граѓани) во моментов се наоѓаме на истата линија на фронтот, воопшто не значи дека сме истомислечки, истопартиски или истоцелни. Впрочем, меѓу нас, кои сме на антигруевистичките барикади, има и бајаги антипатични фаци со кои ни кратко еспресо не би се напила, ама тоа ни најмалку не ми пречи да се борам за своите уверувања. Мојата битка е многу поголема од мојата или нечија туѓа суета. Тоа е наша битка, битка за нашите деца, за нашата иднина, за нашиот опстанок и како нација, и како држава.

Четврто, како партизанско дете, воспитана сум да ја почитувам смелоста и решителноста. Тоа што го стори Заев објавувајќи ги снимените разговори, тоа што го направи соочувајќи се на владина телевизија со една докажана медиумска битанга, тоа што го прави Катица Јанева, фаќајќи се в костец со една невидена институционално-медиумско-политичка харанга, кај мене предизвикува искрен респект. Нашата битка има и многу други знајни и незнајни јунаци кои покажаа храброст и доблест да се истопорат на браникот на вистината и правдата. Сите тие се мои луѓе и ја имаат мојата доверба и почит.

Токму затоа, никој повеќе да не се осмелил да ми префрли зошто удирам само по едната страна. Зашто таа „една страна“ е зло. А злото, било да го наречете сталинизам, нацизам, полпотизам или груевизам, има само една страна. Мрачна страна.

 

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слика: Свирачиња