Обама и Елиот

13.02.2016 14:28
Обама и Елиот

Неодамна пишував есеј за Т. С. Елиот, па прелистувајќи ги новите и стари текстови за него, бев посебно импресиониран од двајца критичари. Едниот е Френк Кермод, кој имаше 90 години кога во 2010 година напиша еден од неговите најдобри есеи насловен „Елиот и трепетот*“ (Frank Kermode, Eliot and the Shudder). Неверојатно сеопфатен, а истовремено и строго фокусиран текст за оригиналниот став на Елиот за егзистенцијалното искуство на вознемиреност или трепет.

Вториот е 24-годишниот студент Барак Обама, кој пишува за Елиот во писмото до неговата девојка Александра Макнир, која требало да напише семинарски труд за поемата на Елиот, „Пуста Земја“.

Ова писмо се појави во биографијата на Барак Обама: приказна на авторот Дејвид Маранис (David Maraniss, Barack Obama: The Story), објавена во 2012 година, која веднаш предизвика голем број коментари, и пофални и потценувачки. Мене ме изненади тоа што еден така набрзина и елиптично напишан текст, всушност ги има сите карактеристики на книжевна критика во нејзиното најдобро издание, каков што е случајот со есејот на Френк Кермод. Ова писмо содржи и некои вознемирувачки знаци во врска со подоцнежната кариера на Обама.

Еве што Обама ѝ напишал на својата пријателка (текстот е поделен на параграфи, за да може полесно да се чита на екранот):

„Речиси цела година не сум ја читал Пуста земја, а никогаш не се потрудив да ги проучам сите белешки. Но, ќе ризикувам да го кажам следното: кај Елиот ја наоѓаме истата екстатична визија чиј развој можеме да го проследиме од Минцер до Јејтс. Сепак, тој ја втемелува во општествената стварност / поредок на своето време.

Соочувајќи се со она што го набљудува како избор меѓу екстатичниот хаос и безживотниот механички поредок, тој успева да ја одржи поделбата меѓу асексуалната чистота и бруталната сексуална реалност. И пред тоа стоички носи маска. За да сфатиш за што зборувам, прочитај го неговиот осврт Традицијата и индивидуалниот талент, како и Четири квартети, каде што по малку се занимава со опишување на заморот на Европа.

Можеби се сеќаваш кога ти реков дека постои одреден вид конзервативизам што го почитувам повеќе од буржоаскиот либерализам - Елиот му припаѓа на тој вид. Се разбира, дихотомијата до која се држи е реакционерна, но причината за тоа е длабокиот фатализам, а не незнаењето. (Постави го наспроти Јејтс или Паунд кои, иако потекнуваат од исто милје, одлучиле да ги поддржат Хитлер и Мусолини.)

А тој фатализам произлегол од односот меѓу плодноста и смртта, кој го споменав во моето претходно писмо. Животот се одржува благодарение на самиот себе. Фатализмот понекогаш ми е близок како што ѝ е близок на западната традиција. Ми се чини дека те изненадува непомирливата амбивалентност на Елиот, но Алекс, зарем и ти не си таква?“

Во првиот дел од писмото, Обама убедливо проникнува во книжевната и религиозна традиција на Елиот и посебниот однос кој го има кон неа: Елиот е еден од низата протестантски визионери и апокалиптични писатели, низа која се протега од Томас Минцер од 16 век, до Јејтс во 20 век, но се разликува од нив по тоа што апокалипсата ја наоѓа во постоечкиот свет, а не во визионерскиот. Затоа Обама ја опишува двојната импулсивна тенденција на Елиот кон визионерското царство, „екстатичниот хаос“ и „асексуалната чистота“ од една страна, и „безживотниот механички поредок“ и "бруталната сексуална реалност“ во секојдневниот живот, од друга страна. Тој сфаќа дека Елиот го прифаќа тој двоен пулс како трагична судбина која не може да ја надмине, ниту од неа може да се ослободи.

Обама увидува дека конзервативизмот на Елиот се разликува од конзервативизмот на поддржувачите на фашизмот кои сакаат да го наметнат новиот политички поредок на неразвиениот реален свет. За разлика од нивниот, конзервативизмот на Елиот е трагичен, фаталистичка визија за светот која не може да се реформира, онака како што не-либералите се надеваат дека не може. Тоа е пропаднат свет кој никогаш нема да биде во можност сам да се подобри, туку ќе мора да се искупи. Зад таквото согледување на конзервативизмот на Елиот стои сфаќањето на Обама дека партиската политика не треба да има цел насочена кон успехот на една или друга партија, туку треба да биде средство кое овозможува приватната моралност да делува во јавната сфера. Затоа либералниот Обама може да го почитува конзервативниот Елиот, и двајцата се стремат кон врвен морал, а не кон политички цели.

Во продолжение Обама вели дека фатализмот на Елиот, кој и на самиот Обама понекогаш му е близок, „како што ѝ е близок на западната традиција“, произлегува од неговото сфаќање дека на животот му е потребна смртта. Живата плодност на која се надева во „Пуста земја“ мора да ја бара сопствената смрт, за да може да никне новиот живот. Семето мора да умре. Тоа е пораката во делот „Смрт од вода“ во „Пуста земја“,како и во стиховите од „Четири квартети“, во кои се вели дека свадбената игра неизбежно води до „ѓубре и смрт“). А фаталистичкиот циклус на „раѓање, размножување и смрт“ (зборови на Елиот од „Борецот Свини“) секогаш е спротивставен на бесмртното совршенство со кое „Пуста земја“ накратко блеснува во „срцето на светлината, тишината.“

Обама ја прашува својата пријателка: „Ми се чини дека те изненадува непомирливата амбивалентност, но Алекс, зарем и ти не си таква?“ Наместо да го издвои Елиот во некоја оштествена, етничка или сексуална категорија, наместо во него да го чуе гласот на политичките или идеолошки грешки, Обама наоѓа длабока амбивалентност која сите ние ја имаме, исто како што Кермод во „треската“ на Елиот гледа посебен случај на нешто што секој од нас го почувствувал. И наместо на пријателката да ѝ докажува дека е амбивалентна, Обама ѝ поставува реторичко прашање, бидејќи никој не може со сигурност да знае каков е нечиј внатрешен живот, иако симпатијата ни овозможува да погодиме некои работи. И бидејќи прво го сместува Елиот во еден историски и книжевен контекст, а потоа го истакнува она што е оригинално кај него, Обама на крајот покажува дека тој му се обраќа на секој кој застанува да го слушне. А најдобрата книжевна критика секогаш го прави токму тоа.

Како и сите кои по изборите во 2008 година беа длабоко возбудени и полни со надеж, имам измешани чувства кон Барак Обама во улога на претседател на Америка, и се сомневам во однос на тоа дека фатализмот кој му е близок „како што ѝ е близок и на западната традиција“, е пожелен за практичниот политичар. Да се биде фаталист значи да се верува дека ништо не може да се подобри, дека најмногу што може да се направи во врска со несреќата во светот е поречито да се зборува за тоа, и да се надева на искупување.


*Зборот „shudder“ (трепеreње, морници, страв, тресење...) се користи како еквивалент на „frisson“(возбуда), а тоа го потврдува и фактот дека и лексикографите при дефинирањето на „frisson“ не можат да го избегнат „shudder“. Дури и биолозите би можеле да потврдат дека трепетот, иако често во тривијален контекст, е интензивна емоционална состојба, длабоко поврзана со чинот на имагинацијата, како и со повеќе вообичаени реакции на настинка или страв. Имајќи го тоа предвид, лесно е чинот на читањето да се замисли како чин придружен со некој вид треска, треперење, возбуда, екстаза. Попрецизно тоа го објаснува критичарот Роналд Шачард кога зборува за „тесната поврзаност во поезијата на Елиот меѓу ретките моменти на екстаза и повторливите моменти на хорор.“
(Од есејот 
Eliot and the Shudder, на Френк Кермод).

Извор: pescanik.net